Агенцијата за финанаиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на сметките на 7.347 субјекти исплати 255,9 милиони денари за субвенции. Станува збор за исплата на фармерите кои произведуваат и предаваат овчо, козјо и кравјо млеко. Фармерите кои произведуваат и предаваат кравјо млеко добиваат поддршка од 3.5 денари по литар, додека сите кои произведуваат козјо и овчо млеко финансиската поддршка по литар предадено млеко е 4.5 денари по литар.
Со денешната транша ислатени се и средства за фармерите кои одгледуваат женски приплодни маторици. Финансиската поддршка за оваа мерка изнесува 1.000 денари по маторица и 1.100 денари по маторица за сите земјоделски стопанства кои во фармата имаат од 6 до 50 маторици.
Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, информира дека:
„ АФПЗРР, до денеска исплати близу 5,9 милјарди денари за субвенции, што е 84% од средствата предвидени по Програмата за финансиска поддршка во земјоделство. До сега исплатени се субвенциите за лозарство, овоштарство, сточарство, полједелство, тутун, пчеларство, мали земјоделски стопанства, индивидуални земјоделци и останати мерки. Сите апликанти кои ги исполнуваа условите за добивање на финансиска поддршка, во еден ден и без никаква селекција, добија пари на нивните сметки. Таа политика и пракса ќе продолжи и во иднина, земјоделците заслужуваат да си ја добијат поддршката кога се во полн на берба или пак подготовка на површините за есенската сеидба:“- појаснува Бачовски.
Средства за исплата на земјоделските субвенции има, земјоделците се наш партнер и затоа грижата за агро – секторот останува приоритет на оваа Влада. Агенцијата, министерството за земјоделство и Владата ќе продолжат да креираат поволни мерки и политики кои ќе помогнат за раст и развој на секторот земјоделство.
Извор: Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој