Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска беше на увид на реконструкција на локалниот пат во село Бојане, Општина Сарај.
Заедно со градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, имаа можност да го видат реконструираниот дел од патот, и да ги проследат активностите кои се одвиваат на терен за целосно завршување на патот.
Како што истакнаа, подобрувањето на инфраструктурата на цела територија на Градот Скопје е потврда за тоа дека сите граѓани се подеднакво важни.
Во прилог на ова соопштение ви го испраќаме интегралното обраќање на премиерот Зоран Заев.
„Секогаш и со посебно задоволство ги прифаќам поканите за настани од кои се гледа грижата на општините и централната власт за приоритетните потреби на граѓаните од локалните заедници.
Затоа сум денеска тука и заедно со градоначалниците на Скопје и на Сарај, Шилегов и Беџети и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, правиме увид во градежните работи на реконструкцијата на овој локален пат.
До сега се завршени 800 метри од патот, а во тек се работите на уште толку, односно на уште 800 метри.
Вкупната должина на патот изнесува 3 километри со ширина од 5,8 метри, а паралелно со работите на реконструкцијата на патот се градат и нова водоводна мрежа, како и нова канализација за атмосферски води.
Проектот опфаќа и модерна и безбедна пешачка патека, како и зелени површини во должина од 4 километри.
Со овој проект, за изградба и санација на локални патишта и улици во општините го подобруваме урбаното живеење, обезбедуваме локален економски развој, безбедност во сообраќајот и подобра комуникација меѓу граѓаните.
Реконструкцијата на патот до село Бојане е само еден од десетиците инвестициони проекти на локалните власти во нашата земја кои ја имаат целосната поддршка на Владата низ повеќе различни програми.
Со 70 милиони евра директна помош за општините во наредниот период планираме да реконструираме околу 450 километри локални улици и патишта во сите 80 општини во државата.
Со првиот повик опфативме 17 општини и реконструкција на 27 улици со вкупна должина од 23,62 километри, вреден преку 4 милиони евра.
Активно се работи на реконструкција на улици во општините Карпош, Ѓорче Петров, Тетово, Кратово, Берово, Македонски Брод, Прилеп, Неготино и многу други. Се градат улици и патишта како никогаш досега.
Реализиран е вториот повик, за овој проект со кој започна реконструкција на 35 улици во 21 општина, со вкупна должина од 35,5 километри, со вредност од околу 7 милиони евра, а во тек е подготовка на трет повик, со кој треба да се опфати реконструкција на дополнителни 60 километри локални улици.
На секоја општина за оваа намена на располагање и стојат од 500.000 до 2 милиони евра. Тоа се неповратни средства, со кои општините реконструираат улици и патишта, кои се приоритет за граѓаните од нивната општина.
Одделно од овие програми за поддршка за изградба и за реконструкција на патната инфраструктура во општините е програмата ТАВ со која се реализираат вкупно 94 инфраструктурни проекти, во вкупна вредност од 49,7 милиони евра.
До крајот на 2022 година очекуваме да бидат рехабилитирани меѓу 120 и 150 километри локални улици и патишта“.
Извор: Влада