spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМК: „Златен објектив“ на Кинотеката за Спасе Тасевски и за Коле Манев

МК: „Златен објектив“ на Кинотеката за Спасе Тасевски и за Коле Манев

Филмскиот и телевизиски монтажер Спасе Тасевски и филмскиот и телевизиски режисер Коле Манев се добитниците на наградата „Златен објектив“ што ја доделува Кинотеката секоја година по повод својот роденден, 29 април, одлучи  Управниот одбор на Кинотеката.

Оваа награда им се доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонесле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Пригодните плакети и значки ќе им бидат врачени на Тасевски и на Манев на манифестацијата „Златен објектив“, што ќе се одржи во Кинотеката по велигденските празници во согласност со здравствените протоколи.

Телевизискиот и филмски монтажер Спасе Тасевски  од 1965 година работел во РТВ Скопје, најпрвин како асистент монтажер, а потоа самостојно како монтажер на телевизиската програма. Паралелно со работата во РТВ Скопје (МРТВ), работел и како монтажер на играни, документарни и на анимирани филмови во продукција на „Вардар филм“. Живее и работи во Скопје. Неговата филмографија ги содржи долгометражните играни филмови: „Истрел“, „Татко (Колнати сме, Ирина“, „Јад“, „Пресуда“, „Оловна бригада“ и „Светло сиво“; кратките, документарни и анимирани филмови: „Вирово“, „Шестиот играч“, „Пецко – еден ден живот“ и „Пецко – нафтен дериват“; како и голем број телевизиски проекти.

Филмскиот и телевизиски режисер Коле Манев се вбројува и во најеминентните македонски сликари. Училиште за применета уметност завршил во Скопје. По студирањето на Ликовната академија во Белград, заминал на студиски престој во Париз, а потоа престојувал во Прага каде што посетувал предавања за анимиран филм. Своите дела, Манев ги изложувал на повеќе самостојни и групни изложби во земјава, во Франција, како и во земјите од Балканот. Добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и за сликарство. Живее и работи во Скопје. Манев е сценарист и режисер на долгометражниот документарец „Тулгеш“, краткиот документарец „Црно во црно“, телевизискиот филм „Мост“  и на други телевизиски остварувања.

Наградата „Златен објектив“ досега ја добиле: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмскиот критичар Илинденка Петрушева; монтажерот Димитар Грбевски; костимографот Елена Дончева.

Извор: Министерство за култура 

Прочитајте

Центар: Зелено светло за бесплатни тренинзи на јуниорите на КК Работнички...

0
На 35. Седница на Советот на Општина Центар е усвоен предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за користење на училишната спортска сала во ООУ ,,Коле...