spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаВлада: Инвестицијата на „М6 Аграр“ и „Тиквеш“ во нови лозови насади на...

Влада: Инвестицијата на „М6 Аграр“ и „Тиквеш“ во нови лозови насади на 120 хектари

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија на покана на компанијата „М6 Аграр“ и Винарската визба „Тиквеш“, денеска присуствуваше на промоцијата на новата инвестиција на овие компании кои се дел од Групацијата М6.

На  настанот, на кој покрај менаџерите од овие компании, присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, беше поздравено што во услови на криза предизвикана од пандемијата од КОВИД-19, „М6 Аграр“ и Винарската визба „Тиквеш“ преку групацијата М6 продолжија со инвестицискиот циклус во нови лозови насади на површина од 120 хектари, на локацијата Бабуна, во близината на Велес.

Најновата инвестиција на „М6 Аграр“ за унапредување на квалитетот на вината на ВВ „Тиквеш“ е вредна речиси 2,5 милиони евра, а дел од средствата се обезбедени со поддршка на ИПАРД програмата.

„Оваа инвестиција ги потврдува неисцрпните можности на македонското сонце и земја за развој на земјоделството, особено за развој и експанзија на нашето грозје, како и за производство на квалитетни вина. Инвестицијата во нови лозови насади нема да придонесе само за унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“, туку ќе создаде услови и за производство за поголеми количини за освојување на светските пазари. Со овој нов потенцијал, Винарската визба „Тиквеш“ со долгогодишната традиција на производството на врвни вина, со присуство на над 25 пазари ширум светот и освоени 130 високи награди на реномирани светски вински натпревари само минатата година, претставува најголем промотор на македонските вина на светската винска сцена. Многу е важно што оваа инвестиција ќе придонесе за понатамошно градење на имиџот на земјата како производител на високо квалитетни вина и за етаблирање на македонската винска индустрија“ нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев на настанот.

Новите лозови насади на локацијата Бабуна се дел од повеќегодишна инвестициска програма за унапредување на квалитетот на вината на ВВ „Тиквеш“, во чии рамки досега се инвестирани над 5 милиони евра во подигнување на нови лозови насади и модерна механизација.

„Навистина е многу убаво чувството кога сме сведоци на нечиј развој. Јас сум истовремено и горд, бидејќи ова е заеднички успех како потврда на добрата политика на Владата и добрата соработка помеѓу институциите и приватниот сектор. Преку многу вакви примери, ние застанавме на лидерското место помеѓу земјите кориснички на ИПАРД во однос на степенот на искористеност на ИПАРД 2. Како резултат на добрата искористеност на средствата од Програмата, за прв пат во историјата, две години по ред 2019 и 2020 година, а сега и во 2021 година, Република Северна Македонија нема да враќа неискористени средства од Програмата“, истакна Аријанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Инвестицискиот план за подигнување нови лозови насади предвидува во текот на 2022 година да се вложат дополнителни 3,3 милиони евра и да биде опфатена површина од нови 180 хектари, а овој тип инвестиции во земјоделството ги задоволуваат сите критериуми за поддршка од ИПАРД програмата за развој на аграрот и руралниот развој.

„До денеска, преку ИПАРД 2 инструментот склучени се 1.723 договори со вкупна поддршка од 51 милиони евра.  Агенцијата беше и ќе продолжи да биде најголем партнер на земјоделците и компаниите и двигател на растот и развојот на земјоделското производство и руралниот развој. Признание дека сме на добар пат и дека сме лидери во искористеност на средствата во регионот добивме и од „ДГ Агри“ на ЕУ, а веќе во ИПАРД 3 програмата која треба да ја започне со имплементација во 2022 година очекуваме многу поголем Буџет од оној кој го имавме во претходниот период“, изјави Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Во своето обраќање на настанот претседателот на управниот одбор на ВВ „Тиквеш“ и партнер во Групацијата М6, Светозар Јаневски говореше за јасната визија за создавање врвни вина и развој на винска индустрија.

„И во овие услови на пандемија компанијата продолжи со инвестициите во нови лозови насади, модерна технологија и развој на човечките ресурси за понатамошно унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“, нивно позиционирање на странските пазари и поголема промоција на македонските вина воопшто. Задоволни сме и благодарни за поддршката што ја обезбедуваат Владата, ресорното министерство и ЕУ фондовите за овој сектор, а во тие рамки и за „Тиквеш“ како двигател на развојот на македонската винска индустрија“, истакна претседателот на управниот одбор на ВВ „Тиквеш“ и партнер во Групацијата М6, Светозар Јаневски.

Во прилог интегрално обраќањето на претседателот на Владата, Зоран Заев:

Почитуван господин Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на Винарската  визба „Тиквеш“ ,

Почитувани претставници на компаниите „Тиквеш“ и групацијата „М6“,

Почитуван министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа,

Почитуван Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој,

Почитувани претставници на медиумите,

Денеска имаме извонредна можност да ја поздравиме новата инвестицијата што ја реализира компанијата „М6 Аграр“, која е дел од Групацијата М6, исто како и ВВ „Тиквеш“.

Станува збор за инвестиција во нови 120 хектари површина со лозови насади и за набавка на најсовремена земјоделска механизација за работа на обработка лозовите полиња.

Компанијата „М6 Аграр“, која заедно со ВВ „Тиквеш“ е дел од Групацијата М6, и во услови на криза предизвикана од пандемијата од Kовид-19, продолжи со инвестицискиот циклус. Нови лозови насади на површина од 120 хектари, на локацијата Бабуна, во близината на Велес, е најновата инвестиција на „М6 Аграр“ за унапредување на квалитетот на вината на ВВ „Тиквеш“. Инвестицијата изнесува речиси 2,5 милиони евра, а дел од средствата се обезбедени со поддршка на ИПАРД програмата.

„М6 Аграр“ е основана во 2007 година, и со својата основна дејност за одгледување на грозје за производство на вината на „Тиквеш“, е исклучително развојно ориентирана.

Оваа развојна иницијативност на „М6 Аграр“ на групацијата М6 и на „Тиквеш“ ги задоволи највисоките критериуми за поддршка од ИПАРД програмата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Вкупната вредност на инвестицијата во овие нови 120 хектари лозови  насади на локацијата Бабуна, изнесува е 2.5 милиони евра, од кои 60% се поддршка од ИПАРД програмата, а останатите 40% се од сопствени средства.

Стручните тимови на „М6 Аграр“ и на „Тиквеш“ ги применуваат најсовремените практики во лозарството и во подигнувањето на новите лозови насади се користат сертифицирани садници од најреномирани светски производители и со сорти кои најмногу одговараат на поднебјето и составот на почвата.

„М6 Аграр“ и Винарската визба „Тиквеш“ на групацијата М6 досега имаа вложено над 3,5 милиони евра сопствени средства, во рамките на повеќегодишна инвестициска програма за унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“.

Резултатите се видливи и дома и во светот. Се нижат високи признанија и награди за квалитетните вина и се освојуваат нови пазари.

Освен сопствени средства, годинава се користат и средства од ИПАРД програмата, преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Вкупниот износ на инвестираните средства досега изнесува над 5 милиони евра во подигнување на нови лозови насади на површина од 220 хектари и набавка на модерна механизација.

Уверен сум дека успешната приказна и храброста на менаџерските тимови на „М6 Аграр“ и Винарската визба „Тиквеш“ на групацијата М6, се добар и мотивирачки пример за придобивките што лежат во земјоделството.

На крајот, дозволете ми уште еднаш да честитам за новата инвестиција. Да посакам натамошни успеси за кои сум убеден дека нема да изостанат и дека ќе бидат потврдени и со најавата за нов инвестицискиот план за подигнување нови лозови насади предвидува во текот на 2022 година за што ќе се вложат дополнителни 3,3 милиони евра и ќе биде опфатена површина од нови 180 хектари лозови насади.

Извор: Влада

Прочитајте

Велес: Градежни зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“

0
Почнаа градежните зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“ на Којник. Во соработка со ЈКП Дервен ќе се заменува старата дотрајана водоводна мрежа на улицата, а...