Во рамките на културните настани во Националната програма “2021–Година во чест на Блаже Конески”, која е дел и од календарот на значајни меѓународни јубилеи на УНЕСКО, општина Куманово дава значаен придонес и се приклучува кон одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, како траен белег на македонското опстојување.
Оваа година му ја посветуваме на великанот на македонската култура Блаже Конески, со што нашата земја и официјално се приклучува кон одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации оваа година да биде Година на мирот и довербата, каде со заеднички напори ќе се обезбеди траен мир, солидарност и хармонија.
Во Занаетчискиот дом во Куманово се одржа промоција на Зборникот “Навраќање кон Конески”, на приредувачите Свето Стаменов, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист и проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, универзитетски професор и истакнат македонски историчар на книжевност, книжевен теоретичар и славист. Зборникот содржи избрани трудови на 29 врвни познавачи на животот и делото на великанот Конески, кои во целина ќе предизвикаат нови проширени сфаќања и оценки за неговото грандиозно дело и секој од свој аспект ќе фрлат нова светлина врз неговото творештво.
На свечената промоција се обратија Градоначалникот на општина Куманово Димитриевски, промоторот и рецензент Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик при Владата на Република Северна Македонија и приредувачите Стаменов и Стојчевска-Антиќ.
Извор: Општина Куманово