СЕП: Се дигитализираат услугите кон граѓанскиот сектор

ВладаСЕП: Се дигитализираат услугите кон граѓанскиот сектор
spot_img

Најчитано

spot_img
spot_img

Димитров: „Со новата електронска регистрација на проекти почнуваме една успешна дигитална приказна, ќе обезбедиме поголема ефикасност во давањето јавни услуги, успешно менаџирање на влијанието на човечкиот фактор и надминување на застојот.“

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска учествуваше на презентацијата за воведување на електронски начин на регистрација на проекти во Секретаријатот за европски прашања.

 

Услугата е изработена во рамки на проектот „Дигитализација во јавниот сектор во Северна Македонија за непречено функционирање“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на британската амбасада во Скопје, а е имплементиран од Центарот за управување со промени, во соработка со СЕП.

 

Вицепремиерот Димитров ги потенцираше придобивките од воведувањето на оваа електронска услуга како дел од процесот на дигитализација што е неминовна потреба за обезбедување на квалитетни услуги кон граѓаните.

 

Димитров: „Регистрацијата на проектите финансирани со неповратни парични средства од странски донатори е особено важна бидејќи е единствената услуга на СЕП наменета пред сѐ за граѓанскиот сектор, но и други корисници. Со воведување на електронски начин за регистрација на проекти почнуваме една успешна дигитална приказна што ќе обезбеди побрз и поедноставен пристап во целокупниот процес, ќе обезбедиме поголема ефикасност во давањето на јавните услуги, успешно менаџирање на влијанието на човечкиот фактор и надминување на застојот, како и проблемите со институционалната меморија.“

Димитров најави дека следната фаза во процесот на развивање дигитален пристап за регистрација на проекти во СЕП е поврзување на оваа електронска услуга со системот на Управата за јавни приходи, со што дополнително се намалува времетраењето на целата постапката за ослободување од плаќање на даноците. Дигитализацијата на процесот ќе придонесе и до поквалитетно следење на исполнувањето на стратешките приоритети на државата од аспект на нашата ЕУ агенда, како и подобро планирање и координација на странската помош. Тој посочи дека во тек е и подготовка на интегрирана НПАА платформа за управување со процесот на преговори со која ќе се надградат постојните бази и  ќе се развијат нови функционалности и интероперабилни системи.

На настанот се обратија и амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј, извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска и професорот на ФИНКИ, Гоце Арменски, со чија поддршка и експертиза во соработка со СЕП беше развиена оваа електронска услуга што е веќе достапна за сите корисници.

Линк од целосната презентација: https://fb.watch/5LaOwl_9wf/


Eлектронска услуга за регистрација на проекти / донации

Почитувана амбасадорке Галовеј, dear Rachel,

Почитувана директорке Малеска Сачмароска, драга Неда,

Почитуван професоре Арменски, драг Гоце,

Навистина ми е мило и задоволство ми е што имам прилика да го отворам денешниот настан со којшто верувам во СЕП почнуваме една убава, успешна дигитална приказна што ќе донесе подобра и поефикасна услуга за невладиниот сектор, како и за единиците на локалната самоуправа, училишта и други субјекти коишто се корисници и имаат интерес овој процес да биде брз, ефикасен и едноставен.

Јас неодамна во Атина на Делфи форумот имав прилика да разговарам и да се запознаам со грчкиот министер за дигитализација, Пјерјакакис, којшто за многу кратко време ми објасни колку Грција дигитализирала од услугите за граѓаните и колку им го поедноставила животот. Да речеме, за раѓање на бебе граѓаните физички морале да одат во 5 институции, кога купувале куќа оделе во 22 институции, денес сето тоа е дигитализирано на една платформа која нуди 1152 дигитални услуги.

Мислам дека ова е работа што мора да ја направиме како општество, како држава. Ние во СЕП имаме една услуга директна, токму оваа, и затоа мило ми е што почнуваме со ваков чекор.

Регистрацијата на проектите финансирани со неповратни парични средства од странски донатори (грантови/донации) е особено важна бидејќи е услуга на СЕП наменета пред сѐ за граѓанскиот сектор, но и други корисници, преку која се остварува директен контакт со нашата институција и влијае како сме перцепирани од ваша страна. Апликацијата за електронско поднесување барања и издавање на потврди за регистрација на проекти има исклучително значење како прв чекор во целосната дигитализација на ЦДАД базата и многу сум благодарен на поддршката од британската амбасада и експертизата на Центарот за управување со промени во развивањето на оваа услуга. Се сеќавам кога се видовме на почетокот на овој мој мандат во Владата, го договоривме ова и затоа ми е посебно мило што денес еве ова се реализира и почнуваме со оваа дигитализација.

Електронската услуга за регистрација ќе обезбеди побрз и поедноставен пристап во целокупниот процес на регистрација на проекти преку избегнување на физичко поднесување на документацијата потребна за да се регистрира проектот во базата, скратување на чекорите за изработка на потврда за регистрација на проектите и на крај, лесен пристап до изработениот документ со што ќе се скрати непотребното губење време за поднесување, обработка и конечно преземање на документот од страна на сите организации кои се јавуваат како имплементатори на проекти финансирани од странски донатори.

Имајќи предвид дека во СЕП секојдневно се поднесуваат повеќе од 20 барања за регистрација на проекти, со самиот процес на дигитализацијата не само што ќе се обезбедат поквалитетни услуги, туку и ќе се влијае на брзината на постапување по предметите. Секако до мене ќе стигнуваат веројатно помалку ургенции таму каде што мсме доцнеле или доцниме. Верувам дека со воведувањето на оваа дигитална услуга ќе обезбедиме поголема ефикасност во давањето на јавните услуги, успешно менаџирање на влијанието на човечкиот фактор и надминување на застојот, како и проблемите со ткн. институционална меморија.

Еден важен чекор што треба да се направи за ова да биде целосно дигитална услуга е  е поврзување на електронската услуга со системот на Управата за јавни приходи, имавме некои иницијални разговори, институциите традиционално си ги „чуваат“дата базите, така што ќе треба да најдеме решение и за овој следен чекор за комплетно целата услуга да биде дигитална бидејќи ние во моментов почнуваме со дигитализација на услугата апликација во СЕП, но потврдата за регистрација потоа секако треба да оди во УЈП.

Дигитализацијата на процесот ќе придонесе и до поквалитетно следење на исполнувањето на стратешките приоритети на државата од аспект на нашата европска агенда, како и подобро планирање и координација на странската помош, нешто што е законска надлежност на нашата институција. Електронската регистрација на проекти е само еден сегмент од ЦДАД базата, на чија дигитализација и врзување со стратешките приоритети од другите модули на интегрираната НПАА платформа се работи, со цел подготовка на интегрирана НПАА платформа за управување со процесот на преговори со која ќе се надградат постојните бази и ќе се развијат нови функционалности и интероперабилни системи. И ова на некој начин обезбедува подобро искористување на ИПА средствата и е подготовка за структурните и кохезионите фондови.

Ќе завршам со една информација дека сме во финална фаза на лансирање на еден проект со Естонија, земја-членка што географски не е толку блиску, но е модел за сѐ што е дигитално и во Европската Унија, но и пошироко од тоа, веројатно во глобални рамки, така што преку една естонска институција ќе имаме партнер и ментор во оваа многу важна област. Има некои предуслови што треба да се исполнат, обично кога зборуваме за дигитализација луѓето мислат на технологија, меѓутоа дигитализацијата значи и владеење и легислатива. Има чекори коишто ќе треба да ги направиме и советите од Естонија, и од успешниот грчки пример, ќе ги земеме предвид за да направиме брзи чекори напред во оваа област. Не е само скратување на време и поедноставување на животот и на граѓаните и на деловниот и на граѓанскиот сектор, истовремено се работи и за борба против корупција, оти кога има дигитален процес транспарентноста е многу поголема, електронските траги, дигиталните траги се тука, така што ова ќе биде една многу успешна алатка во борбата против корупцијата.

Извор: Влада

spot_img
spot_img
spot_img

Последни објави

spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img

Читај повеќе

spot_img
spot_img