Жителите на општина Илинден се снабдуваат со безбедна и квалитетна вода за пиење, покажуваат резултатите од испитувањaта на Центарот за јавно здравје – Скопје и државниот Институт за јавно здравје. Квалитетот на водата за пиење редовно се мониторира од страна на акредитираната лабораторија на Центарот за јавно здравје за физичко-хемиска и микробиолошка анализа, во правилни временски интервали, односно два пати месечно, при што се земаат примероци од шест мерни места кои ги опфаќаат јавните општински установи.
Покрај редовната анализа на хлорираната вода за пиење, ЈКП „Водовод“ редовно врши и анализа на квалитетот на суровата вода (нетретирана вода) на трите бунарски подрачја од кои две се во н.м.Јурумлери (водоснабдителен систем Илинден и ОКТА) и едно во населба Илинден (водоснабдителен систем ТИРЗ).
Во рамките на постојаното проширување и модернизирање на водоводниот систем од почетокот на годината досега евидентирани се вкупно 45 нови корисници од кои 38 се физички лица и 7 правни субјекти. Со ова вкупниот број на корисници приклучени на водоводниот систем со кој стопанисува ЈКП “Водовод” ја достигна бројката од 8.288, односно од водоводните системи на ЈКП „Водовод“ се снабдуваат со чиста и здрава вода за пиење приближно 30.000 жители од општините Илинден, Петровец и Гази Баба.
Истовремено, во текот на годинава извршено е проширување на водоводната мрежа во вкупна должина од 450 метри заради приклучување на нови физички и правни лица во населените места.
Во рамки на Проектот модернизирање и проширување на водоводниот систем извршено е поврзување и интеграција на постоечкиот водоводен систем со два нови водоводни системи. Станува збор за водоснабдителниот систем преземен од ОКТА, како и водоснабдителниот систем преземен од Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ).
Со ова се овозможи зголемување на капацитетот на водоводната мрежа на територија на општина Илинден од 150 литри во секунда на 430 литри во секунда, како и капацитетот на резервоарите за вода од 1.600 м³ на 8.100 м³ што претставува значаен потенцијал за следење на понатомошниот брз економски развој на општината.
Обезбедувањето на квалитетна вода за пиење е еден од приоритетите во работењето на општина Илинден, така што и во наредниот период ќе се продолжи со модернизација и подобрување на водоводниот систем. Зголемувањето на капацитетот на постојната водоводна мрежа се изведува во согласност со динамиката на изградбата на новопредвидените станбени и комерцијални објекти.
Извор: Општина Илинден