Во клубот на пратениците во Скопје, се одржа меѓународниот панел „Патот до Преспа Форум за Дијалог“, како воведен настан за претстојниот меѓу „Преспа Форум Дијалог“ кој ќе се одржи на 1-2 јули, о.г. во Охрид и Отешево. Домаќин на панелот беше Министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој во оваа прилика ја образложи целта и го презентираше концептот и основната идеја за Преспанскиот форум за дијалог.
„Во основата на Преспа Форумот за Дијалог се наоѓа есенцијата на трите Договори по кои Северна Македонија се препознава како уникатен пример во поширокиот регион. Тоа се Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија, како и Договорот за стратешко партнерство со Грција, познат како Преспанскиот договор. Во нив се препознаваат силни политички принципи и вредности кои имаат универзално значење: пред сѐ храбрите политички чекори во изградба на долгорочни и стабилни компромиси; суштинска примена на инклузивноста во надминување на разликите помеѓу различните групи; меѓусебното почитување, политичкото и дипломатско трпение, и пред сѐ позитивниот пристап во изградбата на пријателствата меѓу соседите во најшироката смисла на зборот.“ истакна Османи.
Учесниците изразија поддршка и ја потенцираа важноста на иницијативата за формирање на Форумот. Со своите плодни дискусии тие дадоа нови идеи и предлози кои ќе бидат преставени во заеднички Регионален политички документ, со препораки за политиките во однос на политичкото, економско и социјално влијание на регионалните и билатерални спогодби во Западниот Балкан на претстојната Конференција на Преспанскиот форум за дијалог.
На настанот, покрај домаќинот – министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваа и Флоријан Бибер, професор по историја и политика на ЈИЕ на Универзитетот во Грац, Јанис Армаколас од ЕЛИАМЕП, Весела Чернева, Заменик директор на ЕЦФР и раководител на канцеларијата на Европскиот совет за надворешни односи во Софија, Едвард Џозеф, професор на Универзитетот Џон Хопкинс од САД, Гералд Кнаус, Европска иницијатива за стабилност од Берлин, Дамир Марушиќ, Атлантски Совет, Иван Крастев, Центар за либерални стратегии од Софија, Велешка Еш, Апен Институт, Германија, Ерван Фуере, Центар за европски политики. Исто, така, беа присутни бројни претставници на државните институции, странските амбасади во земјата и претставниците на невладиниот сектор во државата.
Преспа форум дијалогот преставува државен проект во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Станува збор за Конференција од меѓународен карактер, со импресивна листа на поканети гости, од кои голем број веќе го потврдија своето присуство, при што се очекуваат да дојдат премиери, министри од регионот и земји-членки на ЕУ, високи претставници на ЕУ и САД, но и претставници од останатите меѓународни организации.