spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeСтатииЗошто НЕ целосно Отворени листи?

Зошто НЕ целосно Отворени листи?

Во првата колумна (ЛИНК) размислувавме за одговорот на најважното прашање во политиката – кој владее?

И иако многумина се воодушевени од придобивките од отворените листи, вредни се да се напоменат опасностите кои тие можат да ги донесат во македонскиот политички систем.

Прво, преференцијалниот избор би претставувал пречка за постоечкиот квота-третман на жените. Македонскиот изборен законик во член 63 „игра“ со една несреќно избрана синтагма – помалку застапениот пол. Според законикот, овој принцип означува дека жените треба да бидат застапени со најмалку 40% од кандидатите, но и од избраните членови на колективните претставнички тела. Во пракса, тоа значи дека најмалку на секое трето место на пропорционалните листи мора да се најде една жена.

Исто така, доколку од било кои причини жена ја напушти позицијата советник/пратеник, на нејзино место не се поставува следниот на листата од кандидати, туку следната жена од листата. Во сегашниот состав на Собранието застапеноста на жените е малку под 40%, додека во советите на единиците на локалната самоуправа е 30,8% од постоечките 1346 советници.

Во случај на единечен пренослив глас, принципот на помалку застапен пол може сериозно да биде загрозен. Заради патријархалиот контекст, можно е во голем број места само мажи да добиваат преференцијални гласови. Слична е состојбата и со кандидати кои доаѓаат од помали средини или од рурални места.

Додека еден дел од кандидатите за своја избирачка „база“ би имале населби од 50 или 100 илјади жители, други би требало да се „потпрат“ на своето мало место на живеење и секако ќе останат во подредена положба. Слични состојби можат да предизвикаат и припадноста на етнички заедници, кандидати на помали коалициони партнери, други групи и заедници.

Едно можно решение на овој проблем можеби би било гарантирањето на позиции за жените и други поименично определени групи. Но, тоа легитимно би го отворило прашањето на диригирање на преференциите и создавање преференцијален систем само за мажите и други „незаштитени“ групи.
Исто така, преференцијалниот модел и изборот на голем број независни кандидати и кандидати од помали партии, неминовно води кон дополнителна фрагментација на политичката слика при формирање владејачко мнозинство.

Очекувана е состојбата да по завршувањето на изборите се влезе во тежок и долготраен процес на формирање на мнозинство за избор на Влада, со бројни концесии кон релативно мали групи или претставници.

Ова, од своја страна, ќе води кон нестабилност на мнозиноството, непринципиелни коалиции кои не се базираат на програми туку на лични удоволувања, како и чести закочувања на процесите. Значајно е да се напомене и дека отворените листи поттикнуваат силен, често непринципиелен, внатрепартиски натпревар.

Според анализи на ирскиот случај, постојните пратеници најмногу се соочуваат со удар од страна на колеги од својата партија, а многу помалку од кандидатите на опонентите. Преведено во македонскиот контекст, легитимно е да се очекува дека кандидатите наместо да водат кампања промовирајќи ја политичката понуда на својата партија, сериозен дел од активностите би ги намениле против партиските колеги од својата партија. Како резултат на ова, поголема штета би имале партиите во опозиција или пак помалите партии, кои нема да бидат во можност да ги помират „завојуваните“ страни со ветувања за позиции во другите власти или други политички или клиентелистички погодности.
Конечно, системот на единечен пренослив глас е најкомплицираниот модел на избор на кандидати.

Преференцијалните листи бараат значително поголемо ниво на писменост и информираност на избирачите. Затоа, овој систем претежно се употребува кај изборни единици со мал број мандати, како што е случајот на Ирска и Малта. Доколку ситуацијата се пренесе на македонскиот изборен модел на локалните избори, тоа би значело дека во Град Скопје, гласачите би требало да избираат помеѓу 405 кандидати за советници, како и десетици кандидати за соодветната скопска општина.

Како резултат на тоа, гласачите би биле соочени со комплицирани изборни ливчиња во повеќе колони и со бројни можности за комбинирање. Оттука, тоа може да предизвика голем број неважечки ливчиња, а секако ќе значи и зголемени трошоци за едукација на гласачите пред изборите. Во смисла на комплексноста, анализите споменуваат и тешко администрирање на броењето гласови, кое некогаш трае и со денови. Овој модел бара постојани повторни пресметки на вредностите на вишокот гласови и нивно пренесување.

Поради ова, гласовите треба да се бројат во централни пунктови за броење, наместо директно на избирачкото место. Во случајот на Македонија, а имајќи ги предвид настаните во Државната изборна комисија на изборите во 2016та и 2020та година, овој нов модел би довел до понатамошно подривање на легитимноста на гласањето, но и целокупниот интегритет на изборите.

Сега моделов не изгледа баш толку добро?

Во следната колумна ќе ги разгледаме можните погодни алтернативи за Македонија.

Пишува: Стефан Андоновски, магистер по меѓународни односи, Универзитет Џонс Хопкинс, САД

Извор: Javnaadministracija.mk

Прочитајте

МЗ: Октомвриски розов караван – Превенцијата е најдобра заштита

0
Информираме дека Министерството за здравство, денеска почнува национална кампања под мотото „Октомвриски розов караван – Превенцијата е најдобра заштита“. Кампањата се спроведува со поддршка од СЗО,...