Во просториите на Министерството за информатичко општество и администрација министерот Јетон Шаќири оствари работен состанок со амбасадорот на Народна Република Кина, Н.Е. Жанг Зуо.
За време на состанокот со кинескиот амбасадор се разговараше за можноста за продлабочување на соработката меѓу нашите две земји во ИТ секторот.
“Потенцијалот на Народна Република Кина во однос на ИТ инвестициите е огромен. Исто така помошта што оваа земја може да ја понуди во форма на консултации во ИТ секторот е многу добредојдена” рече Шаќири.
Министерот Шаќири му се заблагодари на кинескиот амбасадор за досегашната поддршка во процесот на дигитализација и за укажаната помош во периодот на пандемијата. Состанокот заврши со заложба за продлабочување на соработката во иднина.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација