spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаНовата градинка „8 Април“ за безгрижно детство и едукација на најмладите во...

Новата градинка „8 Април“ за безгрижно детство и едукација на најмладите во Шуто Оризари

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска во Општина Шуто Оризари присуствуваше на отворање на новата градинка „8 Април“. Покрај премиерот Заев, на настанот присуствуваа и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, градоначалникот на општина Шуто Оризари  Курто Дудуш, претставничката на УНДП во земјата, Нарине Сахакјан и заменик амбасадорот на Кралството Норвешка во Белград,  Геир Хагон Јохансен.

Во своето обраќање премиерот Заев се осврна на заложбата и посветеноста на Владата, во континуитет да вложува во подобри услови за најмладите во предшколска возраст.

„Со гордост можам да најавам дека од денеска децата од оваа општина  со 22.000 жители   претежно од ранливи категории, ќе имаат можност да престојуваат во модерна градинка конципирана  според највисоките стандарди за предучилишна установа.  По  завршувањето на втората фаза од реконструкцијата на градинката „8 Април“ го зголемуваме капацитетот на згрижени деца од оваа општина кој сега изнесува вкупно 236 деца и дополнителни 70 во делот јасли. Објектот е изграден со примена на најсовремени енерго – ефикасни решенија и со вграден зелен покрив кој нуди дополнителни можности за активности на отворено. Освен високите стандарди за енергетска ефикасност, градинката „8 Април“ ги вклучува и стандардите за пристапност и инклузивна опрема за игралишта, обезбедувајќи им и на децата со попреченост да уживаат еднакви можности со своите врсници“, рече премиерот Заев.

Министерката Шахпаска информираше дека градинката има капацитет да згрижи 150 деца, а заедно со новиот дел кој се доизгради, ќе бидат опфатени 236 деца на возраст од 2-6 години, организирани во 6 занимални и 70 деца во јасли или вкупно 306 деца.

„Со вакво темпо, се приближуваме кон исполнувањето на наше ветување како Влада и како Министерство, а тоа  е опфат на 60% од децата во предучилишно воспитание и образование. Со посветена работа, веруваме дека до крајот на мандатот ќе успееме да го постигнеме овој процент“, рече Шахпаска.

Градоначалникот Дудуш, се заблагодари на сите вклучени во овој проект потенцирајќи ја важноста на оваа градинка за жителите на општина Шуто Оризари.

„Ги охрабруваме сите млади родители, иднината на своите деца да ја започнат тука, запишувајќи ги во најубавата и енергетско ефикасна детска градинка „8 Април“. Градинката, заедно со новиот парк, се сликата која треба да ја најави новата трансформација на нашата општина во урбанизирана, модерна општина со достапни услуги во сите сфери. Врвен приоритет и во иднина ќе ни биде изградба на што повеќе воспитни установи и паркови, разеленување на општината и создавање на услови за здрав раст и развој на нашите деца“, заклучи градоначалникот Дудуш.

Претставничката на УНДП Сахакјан, информираше и за вториот дел од објектот каде е сместена градинката, кој е во завршна фаза и треба да прерасне во првиот Дневен центар за деца во ризик во Шуто Оризари.

„УНДП започнува кампања за собирање на средствата кои се  потребни за опремување на Центарот, односно компјутери и ИТ опрема што ќе им помогне на деца да го унапредат своето образование и да се здобијат со неопходни вештини за просперитет во пост-пандемискиот свет. Ги охрабрувам сите што можат да ги отворат своите срца и да донираат преку Интернет, посетувајќи ја веб-страницата на УНДП, mk.undp.org. Дури и мал придонес ќе ни помогне да им дадеме на децата во ризик шанса да научат и да стекнат вештини што ќе ги задржат надвор од улиците“, апелираше Сахакјан.

„Норвешка става голем акцент на квалитетно, инклузивно и достапно образование, како дома така и во странство. Затоа, кога единствената градинка во оваа заедница беше целосно уништена во пожар пред три години, решивме да помогне да се обнови и да прерасне во центар за грижа и учење со кој сите би можеле да бидат горди. Градинка што би ги поттикнала  децата во Шуто Оризари да имаат големи соништа. Преку норвешкото Министерство за надворешни работи, во првата фаза инвестиравме 750 илјади долари за реконструкцијата и дополнителни 600 илјади за втората фаза, што резултираше со новиот простор што ние го отвораме денес“, подвлече заменик амбасадорот Јохансен.

Од септември до денеска отворени се 12 новоотворени градинки, со вкупен капацитет од околу 700 деца,  а до крајот на годината е предвидено да бидат завршени уште дополнителни 13 нови градинки со опфат од 1.400 деца.

Извор: Влада

Прочитајте

Велес: Градежни зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“

0
Почнаа градежните зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“ на Којник. Во соработка со ЈКП Дервен ќе се заменува старата дотрајана водоводна мрежа на улицата, а...