Во првата колумна (ЛИНК) размислувавме за одговорот на најважното прашање во политиката – кој владее? Во втората, пак ги разледавме недостатоците и опасностите од моделот на отворени листи. Фер да ги разгледаме алтернативите.
Факт 1: Моделот на фиксни листи е позастапен во изборните системи во светот, додека само мал број држави го употребуваат моделот на единечен пренослив глас.
Факт 2: Бројни држави во Европа воведуваат некој вид преференција на фиксните пропорционални листи.
Прва алтернатива е комплетна промена на изборниот модел во мнозински изборен модел (First Past the Post – FPTP) од 120 изборни единици. Овој модел кој е познат во македонското законодавство од 90тите години на минатиот век, подразбира директен линк на избраните претставници со нивните гласачи, затоа што ќе ги избираат луѓе од нивната најблиска заедница. Во Скопје, на пример, би имало 10-15 изборни единици, поделени по населби и населени места.
Системот на степен е понов тренд на политичката пракса. За разлика од единечниот пренослив глас каде редоследот на избраните кандидати во целост се утврдува според преференцијалните гласови, во степенувањето постои квалификација на пропорционалниот модел на фиксна листа со додавање на одреден степен на личен избор на гласачот. Степенот може да варира од еден па сè до поголем број кандидати кои се избираат со личен избор, додека останатите се избираат според предложените листи. Независно од нивото на слобода на избор, целта е да се направи своевиден „мост“ помеѓу фиксните листи на партиите и преференциите на гласачите.
Ваквите модели ги применуваат голем број држави во Европа, како што се Данска, Шведска, Луксембург, Швајцарија, Полска, Хрватска, Косово и други.
Една корисна алтернатива која би соодветствувала со македонското политичко милје е пропорционалниот изборен модел на фиксни листи плус преференции со праг. Во овој модел, граѓаните избираат партии, но можат да наведат и еден кандидат од избраната партија кој според нив е најдобар. Кандидатите кои ќе надминат определен праг на гласови автоматски освојуваат мандат, додека сите останати се избрани според предложената листа.
Пример за овој модел е хрватскиот избор на пратеници во Европскиот парламент, кој за прв пат се примени во 2013 година. Според Законот во Хрватска, потребниот праг за избор на пратеник по преференцијалниот модел изнесува 10% од гласачите кои гласале за таа изборна листа. Доколку од дадената листа се исцрпени сите кандидати кои освоиле мандат надминувајќи го утврдениот праг, за избран на следното слободно место се смета кандидатот кој е нареден на листата на предлагачот. Во таа смисла, хрватскиот модел дозволува опционото избирање на кандидати, како надополнување на партискиот избор. Во случај кога определен кандидат освоил значаен број „лични гласови“, тој би добил предност пред останатите кандидати.
Доколку тој праг не е надминат, на сила стапува предложената листа за распределба на мандати.
Друга можна варијанта со позитивни ефекти би бил паралелен систем, во кој ќе постојат два избори истовремено – еден за фиксна листа и еден за листа со преференции. Во ваков случај, според класичниот пропорционален модел и фиксната листа структурирана од предлагачите би се пополниле одреден број на мандати. Од друга страна кандидатите кои ќе освојат најголем број преференцијални гласови исто така би добиле некое од однапред утврдените места.
Вака, отвореноста на листите ќе гарантира дека, независно каде се позиционирани на предложените листи, најдобрите (1, 2 или 3) кандидати со најголем број „лични“ гласови, ќе се најдат како дел од советите на единиците на локална самоуправа или во Собранието.
Голема благодарност од Тимот на Јавна администрација до Стефан Андоновски, магистер по меѓународни односи, Универзитет Џонс Хопкинс, САД
Извор: Javnaadministracija.mk