Вчера се навршуваат 65 години од раѓањето на вториот Претседател на Република Македонија, Борис Трајковски. По тој повод пред споменикот „Македонија“ подигнат во негова чест се одржа пригодна свеченост, на која цвеќе положија градоначалникот Коста Јаневски заедно со претставници на Советот на општината, членови на семејството Трајковски, граѓани, политички партии и здруженија.
Во својот говор, градоначалникот Јаневски потенцираше дека името на Борис Трајковски е на рамништето на најистакнатите архитекти и градители на мирот во европски и светски рамки. Се случи тоа на 25. јуни во веќе далечната 1956 година во нашата Струмица. Се случи неизмерна радост во семејството Трајковски, бидејќи истото одеднаш порасна за два нови члена. Се родија близнаци, најпрвин Борис, а по него и Александар, та заедно со постариот Мојсеј се сторија тројца браќа, тројца синови на нивните горди родители. За жал, епилогот од трагичната авионска несреќа која се случи пред 17 години е причина исто толку години роденденот на Претседателот Борис Трајковски да го одбележуваме на ваков начин. Многу пати досега сме зборувале за животниот и професионалниот пат на нашиот сограѓанин, и секогаш тие наши навраќања за неговиот живот и дело изобилувале со бројни факти, потсетувања на значајни настани и редица извадоци од негови изјави, но и изјави од други светски државници за него. Сето тоа станува дел од нашата меморија и причина да бидеме единствени во заложбата: „За претседателот Трајковски заборав не смее да има“. Во прилог на тој незаборав на неговиот живот и дело оди тврдењето дека името на Борис Трајковски е на рамништето на најистакнатите архитекти и градители на мирот во европски и светски рамки. Таквото место го заслужи затоа што тој беше оригинално олицетворение на исклучително редок поклоник, подржувач и иницијатор за изнаоѓање разрешеници дури и за најгорливите прашања кои ги тиштат граѓаните на нашата земја, рече градоначалникот Јаневски.
Извор: Општина Струмица