spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeПолитички партииВМРО-ДПМНЕТунџев како директор не смее да вештачи предмети

Тунџев како директор не смее да вештачи предмети

Почитувани граѓани,

 

Сведоци сме на ново, најбрутално прекршување на законите и уништување на правосудството директно од страна на судот и директно од директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, а поврзан со предметот “Топлик“.

 

Државната Комисија за Спречување на Корупција децидно се произнесе дека заради судир на интереси Борис Тунџев, како директор на катастар, не смее, внимавајте НЕ СМЕЕ, да изготвува вешто мислење, бидејќи е спротивно на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и на Законот за катастар на недвижности. И покрај тоа, овој владин функционер и послушник на Заев, по втор пат ја злоупотребува својата службена положба во овој предмет и изготвил вештачење, кое би требало да биде единствениот доказ врз основа на кој обвинетите можат да бидат осудени. Кадија те тужи, кадија те суди.

 

Како што споменав претходно, ова е второ прекршување на законот од страна на Борис Тунџев во истиот предмет. Првото прекршување е уште во периодот кога предметот бил во фаза на истрага и на барање на СЈО, Тунџев, иако немал важечка лиценца за вештак, лажно претставувајќи се како вешто лице, изготвил вештачење какво што му било наложено од страна на двајца поранешни специјални обвинители и за тоа добил средства од буџетот на државата.

 

Во тој период, неговата ќерка е вработена во СЈО, со што Тунџев и тука го прекршил Законот за спречување на корупција и судир на интереси. За ова прекршување на законите, против Борис Тунџев веќе има кривична пријава и постапка која е во тек.

 

Го повикуваме Јавното Обвинителство, по допрен глас, веднаш да поведе постапка против Борис Тунџев за постапување спротивно на Законот за спречување на корупција и Законот за катастар на недвижности, како и злоупотреба на службената положба и овластување од Кривичниот Закон.

 

Ја повикуваме Државната Комисија за Спречување на Корупција, согласно нивните надлежности, а во врска со Мислењето кое веќе го имаат дадено, веднаш да преземат дејствија против Борис Тунџев за прекршување на двата претходно кажани закони, како и против судскиот совет, кој го отфрла мислењето на ДКСК.

 

Ја повикуваме и целата правосудна фела, Народниот Правобранител, како и сите организации кои што ги следат реформите во правосудството, будно да го набљудуваат овој предмет, бидејќи овде станува збор за пример како не треба да функционира судството и пример за флагрантно кршење на сите права на обвинетите.

 

Ги повикуваме исто така и Канцеларијата на Европската Унија, како и Амбасадите во Република Македонија, да го следат и да го нотираат овој случај, кој е еклатантен пример за уназадување на реформите во правосудството и кршење на човековите права согласно сите домашни и меѓународни стандарди.

 

Самоволието на власта, односно самоволието на Тунџев, каде што мисли дека со личен интерес и бенефит кој што го добива од Заев и СДСМ ќе може да тероризира луѓе, еден ден ќе биде предмет на обработка на правосудните органи.

Извор: ВМРО ДПМНЕ

Прочитајте

Центар: Зелено светло за бесплатни тренинзи на јуниорите на КК Работнички...

0
На 35. Седница на Советот на Општина Центар е усвоен предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за користење на училишната спортска сала во ООУ ,,Коле...