Целосно се реконструирани детските игралишта во Влае 1, на улицата „Драгутин Аврамовски – Гуте“, како и детската зона во Средно Нерези, на улицата „Козле“ 8 (кај автобуската постојка на последна „57 – ца“).
Општината постави нови тобогани, клацкалки и лулашки, со што се подобрија условите за детска игра и рекреација во овие делови од Карпош. Овие зони придонесуваат за облагородување на јавниот простор меѓу објектите за домување и креирање на содржини за маалски соживот меѓу младите и сите граѓани.
За реконструкцијата на двете детски игралишта потрошени се околу 590.000 денари, средства од Буџетот на локалната самоуправа, дел од Програмата на Секторот за екологија и енергетска ефикасност – одржување на урбана опрема.
По реконструкцијата на овие игралишта, службите на општината продолжија со обнова и на детското игралиште во Карпош 3, на улицата „Пелистерска“.
Во претходниот период беа реконструирани повеќе детски игралишта: во УЗ „Владо Тасевски“ (спроти х. „Карпош“), во Карпош 4 (долж „Партизански одреди“, спроти „Палма“), во Жданец и др.
Ги повикуваме сите граѓани на одговорно и совесно користење на новопоставената урбана опрема.
Извор: Општина Карпош