spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниПрилеп: Продолжуваат градежните активности на експресниот пат Градско-Прилеп

Прилеп: Продолжуваат градежните активности на експресниот пат Градско-Прилеп

„Со задоволство би сакал да ја информирам јавноста дека експресниот пат од Градско кон Прилеп се гради! Оваа Влада покажа истрајност, покажа решителност да ги изгради најтешките инфраструктурни проекти во државата. Денеска се наоѓаме на првата делница Градско-Дреново, од каде започнуваат засилените градежни работи за доизградба на овој патен правец. Претходно, заради слабата работа на изведувачот на оваа делница и неможноста да одговори на рокот за изградба, го раскинавме договорот. Тоа што е најважно, за кратко време успеавме да ги надминеме сите настанати проблеми со странскиот изведувач и да склучиме договор со нов изведувач, компанијата ‘Штрабаг’. Вредноста на целчата инвестиција е 24.7 милиони евра, средства обезбедени од ИПА фондовите“, изјави министерот за транспорт и врска Благој Бочварски, за време на денешниот увид во работите на експресниот пат Градско-Прилеп.

Министерот Бочварски нагласи дека откако компанијата „Синохидро“ е избрана за изведувач на втората фаза, делницата Дреново-Фариш, постепено се засилуваат градежните активности и на тој дел од експресниот пат. Според договорот, истакна министерот Бочварски, оваа делница вредна 32 милиони евра, треба да биде завршена до јуни 2023 година, што значи дека за две години граѓаните ќе возат по модерен и безбеден пат од Градско до Прилеп.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, ги истакна карактеристиките на делницата од Градско до Дреново и од Дреново до Фариш.

„Патот е со должина од 15.5 км со 5 вијадукти, 4 надпатници, 4 подпатници и две клучки кај Градско и Росоман. Содржи две возни ленти од по 3.5 метри, две ленти за застанување од по 2.5 метри и по две рабни ленти, со вкупен патен профил од 12.4 километри. Втората делница од Дреново до Фариш е со должина од 10.2 км и за неа од ЕБОР се издвоени 31.8 милиони евра. Наскоро започнуваме и со рехабилитација на патниот правец Фаришка клисура-Прилеп, превој Плетвар, во должина од 19 км и вредност од 5.6 милиони евра“, рече Рустеми.

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, не го криеше задоволството што после подолга пауза продолжуваат работите на овој пат, кој, како што нагласи, е од огромна важност за жителите од Пелагонискиот регион, но и за стопанските субјекти.

„Сите се радуваме на фактот дека во наредните две години ќе биде целосно изграден експресниот пат Градско-Прилеп. На тоа се радуваат и граѓаните од Пелагонискиот регион, затоа што со изградбата на експресниот пат тие најмногу добиваат, а се зајакнува и економијата. Покрај развојот на регионот, со експресниот пат значително се скратува времетраењето на патување од Прилеп до Скопје, а особено ќе се подобри безбедноста на сите граѓаните кои ќе сообраќаат на овој патен правец“, истакна градоначалникот Јованоски.

На денешниот увид во градежните работи на експресниот пат Градско-Прилеп, беше речено дека активно се работи на подготовка на документацијата и за третата делница од село Беловодица до каменоломот „Маврово“, како и на проширување со по уште една лента во двата правци на потегот од мостот на Ленишка река до влезот на Прилеп.

Извор: Општина Прилеп

Прочитајте

Велес: Градежни зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“

0
Почнаа градежните зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“ на Којник. Во соработка со ЈКП Дервен ќе се заменува старата дотрајана водоводна мрежа на улицата, а...