Трите образовни институции од Делчево ќе добијат средства од МОН за реализација на инфраструктурни проекти кои ќе овозможат подобри и современи услови за одвивање на наставата и престој во училиштето.
Според резултатите од Јавниот повик што ги објави МОН, со пари од Министерството ќе се финансиираат проектите за реконструкција на санитарните јазли во ООУ „Ванчо Прке“ и во СОУ „М.М.Брицо“, додека во ООУ „Св.Климент Охридски“ ќе се реализира проектот за адаптација на поткровниот простор.
Јавниот повик беше објавен со цел да се подобрат условите и квалитетот на образованието, а средствата за оваа намена ќе се обезбедат од буџетот на МОН преку постапка за јавна набавка спроведена од Министерството.
Инаку, вкупно на 36 основни и 13 средни училишта под надлежност на општините и на Град Скопје им се одобрени барањата по Јавниот повик за финансирање проекти за реновирање училишни објекти од Буџетот од Министерството за образование и наука, кое на својата веб-страница ги објави ранг-листите на проектите од прифатените апликации доставени до 15 април 2021.
Извор: Општина Делчево