Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска го посети згрижувачкото семејство на Красимира и Мите Гошеви кои згрижуваат три малолетни дечиња, со различни социјални и здравствени ризици. Децата се на возраст од три, тринаесет и седумнаесет години. Целта на посетата на згрижувачкото семејство Гошеви е да се афирмираат згрижувачките семејства како форма на згрижување на деца без родители, најблиска до семејната атмосфера.
-Згрижувачкото семејство Гошеви, со својата посветеност и грижа целосно успеале децата да ги адаптираат во семејството. Како Министерство за труд и социјална политика тоа беше и нашата заложба преку социјалната реформа – деинституционализација, што повеќе деца, без родители и родителска грижа да бидат сместени во опкружување кое е најблиску до семејната атмосфера. Среќата на децата се чита од нивните очи, а среќни се децата кои се опкружени со љубов, нега и внимание. Затоа ние се стремиме кон создавање на услови што е можно повеќе семејства да се јават како згрижувачи на деца, бидејќи праксата покажа дека тоа е најдобриот начин за детскиот правилен раст и развој, рече Шахпаска.
Министерката Шахпаска посочи дека децата можат да напредуваат во животот само доколку имаат семејна поддршка. Неодамна се отворени центри за поддршка на згрижувачки семејства. Првиот ќе функционира при Јавната установа за деца „11 Октомври“ во Скопје и ќе опфаќа 181 згрижувачко семејство со околу 326 корисници. Вториот Центар е дел од ЈУ „Домот за доенчиња и мали деца “ во Битола, каде што стручна поддршка ќе добијат 113 згрижувачки семејства кои се грижат за 169 корисници. Центрите за поддршка на згрижувачките семејства се воспоставени со новиот Закон за социјална заштита и нивна задача ќе биде подготовка, проценка и обука на идни згрижувачки семејства. Во моментов околу 300 згрижувачки семејства се грижат за околу 500 деца.
Според министерката Шахпаска, тоа е единствениот начин кој генерира задоволство, не само на децата и на згрижувачките семејства, туку и на Министерството за труд и социјална политика.