Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес одржа проштална средба со Амбасадорот на Кралството Шпанија во Северна Македонија, Емилио Лоренцо Сера.
На средбата Османи упати искрена благодарност и му врачи плакета-благодарница за неуморниот ангажман на амбасадорот,Лоренцо Сера во продлабочувањето на односите меѓу двете држави како и за континуираната поддршка што Шпанија ја дава за интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија.
“Имаме одлични и пријателски односи со Кралството Шпанија, а во нашата колективна меморија ќе остане запаметено вонредното ангажирање и одржување на видео-седницата на Сенатот на Шпанија со цел последната ратификација на Протоколот за зачленување на Северна Македонија во НАТО, во март 2020 година”, истакна Османи.
Двајцата соговорници разменија мислења и за добрососедските политики во регионот, внатрешно – политичката состојба во земјата како и за други актуелни меѓународни прашања со геополитичка конотација.