Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски денеска при посетата на прилепскиот регион ги информираше тутунопроизводителите дека е отпочната имплементацијата на поддршката што Владата ја обезбеди преку петтиот Ковид пакет мерки. Станува збор за исплата на 300 милиони денари финансиската поддршка за 19.060 тутунопроизводители. Средствата се исплаќаат преку Генералниот секретеријат на Република Северна Македонија, во рамки на пакетот за намалување на последиците предизвикани од КОВИД 19.
Директорот на АФПЗРР Никица Бачовски, појасни дека средствата веќе легнуваат на сметките на тутунарите а поддршка им следува на сите кои произвеле и предале тутун од втора, трета и четврта класа.
„Сите кои имаат произведено и предадено тутун од втора класа, ќе добијат финансиска поддршка од три денари по килограм. Додека, сите кои произвеле и предале тутун од трета и четвра класа ќе добијат по 16 денари по килограм, произведен и предаден тутун. Заедно со претходната исплатената финансиска поддршка – субвенции, државата за тутунопроизводителите исплати средства со вкупна вредност од две милјарди денари. “ – појасни Бачовски.
Тутунопроизводството е стратешка извозна гранка која носи девизен прилив од околу 100 милиони евра. Агенцијата продолжува да биде партнер на земјоделците, средствата се исплаќаат без никава селекција за сите кои правно – законски ги исполниле условите за добивање на финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Извор: Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој