Од втората половина на 2022 година очекувањата се да се вратиме на нивото од пред кризата, во 2019 година. Преку зголемување на бруто-инвестициите ќе се зголеми и продуктивноста, ќе се подобри трговскиот биланс, односно конкурентноста на економијата, и тоа ќе го повлече растот. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во дневникот на ТВ „Сител“.
„Вкупните инвестиции од сегашните 30% од БДП ќе стигнат до 38% од БДП во 2026 година. Значи, од една потрошувачка економија ќе се преструктурираме кон економија што ќе се базира на инвестиции“, рече министерот за финансии.
Тој изрази позитивни оценки во однос на структурата на Буџетот, односно дека се успеало со намалување на буџетскиот дефицит од 6,5% годинава на 4,3% следната година да се зголеми учеството на капиталните расходи.
„Учеството на капиталните расходи во вкупните расходи е 14% и тие се на ниво од 615 милиони евра, што значи дека има кратење од 7% кај расходите за стоки и услуги, со ставен фокус на кратењето на несуштинските трошоци. Така што ова е позитивен сигнал во однос на структурата на Буџетот“, истакна министерот.
Клучно е, вели Бесими, дека задолжувањето за дефицитот ќе биде само за капитални расходи и дека финансирањето е обезбедено.
Во однос на реализацијата на капиталните расходи, потенцира дека е важно да се подобри сликата и дека за тоа се усвоени повеќе планови, но дека и реализацијата на капиталните расходи историски гледано е подобра, односно таа лани изнесуваше 81% на крајот на годината, сега од почетокот на годината реализацијата е 56%, а имало години кога таа била под 60%, па дури и 40%.
Се осврна на нивото на јавниот долг, за што најави дека ќе има надолно ревидирање на неговото ниво и промена во фискалната стратегија согласно процедурите, и тој наместо 65,9% би изнесувал околу 63,5%.
„Зголемувањето на јавниот долг е директен резултат на пандемијата и тоа не е случај само со нашата земја, туку и на глобално ниво. Во 2020 година, нашиот долг се зголеми за 10,6 процентни поени, а имаме земји во регионот кои имаа зголемување на долгот, на пример како кај Црна Гора за 28%, Хрватска и Словенија над 15%, потоа земји во рамки на ЕУ со зголемен долг до 20%. Значи, тоа е период на криза и ако гледаме наназад, и во 2011 година, исто така, во период на криза јавниот долг се зголеми за 11 процентни поени. Тоа што се случува е нешто што во вакви ситуации е очекувано“, рече министерот.
Во интервјуто, министерот Бесими говореше и за мерките што се преземаат за справување со последиците од енергетската криза, за предвидените зголемувања на платите, пред сѐ во клучните сектори, како и за поднесените амандмани на Предлог-буџетот за 2022 година од страна на опозицијата.
Извор: Министерство за финансии