Градоначалникот Кирил Пецаков направи увид на дел од градежните активности за подобрување на комуналната инфраструктура кои се реализираат со средства од буџетот на Општина Охрид.
Беше извршена посета на новоизградениот резервоар за вода во село Подмоље, каде што градежните активности се во финална фаза и се поставува нов цевковод. Резервоарот има капацитет од 100 метри кубни и со неговото ставање во функција ќе се реши долгогодишниот проблем со водоснабдувањето на жителите од ова населено место. Вредноста на проектот е 3.117.752 денари.
Исто така, градоначалникот Пецаков направи увид на активностите за изградба и уредување на коритото на реката „Сушица“, на улица „Српница“, од пресекот со улица „15-ти Корпус“ во должина од околу 200 метри. Вкупната инвестиција за овој проект изнесува 4,2 милиони денари.
За изведување на градежните активности на двете локации ангажирана е фирмата ДОО „Бокоп“.
Извор: Општина Охрид