Формирана е работна група за преземање на повредените и за достојно пренесување на починатите во сообраќајната несреќа во Бугарија

ВладаФормирана е работна група за преземање на повредените и за достојно пренесување...

Најчитано

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 121 седница темелно и сеопфатно ги разгледа предложените мерки и препораки на Комисијата за заразни болести за интензивирање на КОВИД-19 вакцинацијата и за зголемување на бројот на вакцинирани граѓани во Северна Македонија.

Тргнувајќи од неприкосновениот факт дека масовната вакцинација е најефикасен одговор за заштита од последиците и за спречување на ширењето на пандемијата со КОВИД-19, Владата заклучи да побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација.

Во очекување на дополнителните анализи, Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од КОВИД-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со КОВИД-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително.

Во насока на поттик за масовна вакцинација, Владата ги задолжи сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и јавната администрација, како и да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата, како и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација.

Владата ќе ги разгледа и употреби сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надохнади кои се надвор од основиците, со цел да ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето и за спас на сопствениот живот од опасната пандемиска болест КОВИД-19.

На оваа своја седница Владата ја разгледа информацијата за планот за пренесување на повредените лица и на телата на починатите во сообраќајната несреќата во Бугарија за што е формирана работна група предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи, а во која уште членуваат министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче.

Владата го задолжи Министерството за здравство да обезбеди соодветни амбулантни возила за повредените лица и целосно да ги покрие финансиските потреби за нивниот транспорт во земјата, како и да обезбеди соодветна здравствена нега, без разлика дали повредените лица се осигуреници во Фондот за здравствено осигурување или не.

Министерството за надворешни работи е задолжено да изврши избор на соодветно транспортно претпријатие и во целост да реализира достоен транспорт на посмртните останки на починатите од Република Бугарија до Република Северна Македонија, а средствата за транспортот и погребот во целост да ќе ги покрие Генералниот секретаријат на Владата.

Министерството за внатрешни работи е задолжено да обезбеди непречен премин со полициска придружба од границата со Бугарија до крајните дестинации.

Владата на Северна Македонија даде согласност на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) да го активира со работа ТЕЦ Неготино за времено дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза.

Владата даде согласност да се склучи договор за деловно-техничка соработка меѓу АД „ЕСМ“ и АД ТЕЦ „Неготино” за набавка на мазут и за производство на електрична енергија, во периодот декември 2021 – април 2022, со можност за понатамошна соработка доколку за тоа има потреба.

Според овој договор, кој ќе ги регулира правата и обврските на двете страни, АД „ЕСМ“ ќе ја набави потребната количина мазут за функционирање на ТЕЦ „Неготино“ и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија.

Произведената електрична енергија во ТЕЦ Неготино, АД „ЕСМ“ ќе ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел ќе понуди за потребите на АД „МЕПСО“, додека вишокот електрична енергија, ЕСМ Продажба преку Стопанската комора ќе ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата.

Владата на Северна Македонија ќе ја помогне набавката на мазут потребен за период од еден месец, во што ќе учествува и АД „ЕСМ“ со свои средства. Обртните средства кои ќе се остварат со производството на електрична енергија во првиот месец, ќе бидат искористени од страна на АД „ЕСМ“ за набавка на мазут за понатамошно производство, доколку од истото има потреба.

Со оваа одлука ќе се овозможи зајакнување на домашниот електро-енергетски систем, зголемување на домашното производство на електрична енергија, а со тоа зголемување и на БДП, а ТЕЦ Неготино кој 12 години беше ладна резерва, ќе биде ставен во функција и ќе даде економски придонес за државните енергетски компании и стопанството во услови на глобална енергетска криза.

Цената на електричната енергија на берзите секојдневно расте и во моментот изнесува 283 евра/мегават-час. Со сегашната регулирана цена на мазутот од 36 ден/кг, производната цена на ТЕЦ Неготино доколку работи со еден котел ќе изнесува околу 175 eвра/мегават-час, додека ако работи со два котла ќе изнесува околу 150 eвра/мегават-час.

ТЕЦ „Неготино“ има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати, што е приближно еден блок на РЕК Битола.

Државната термоелектраната Неготино е изградена во 1978 година и истата последен пат работела во 2009 година.

Целокупниот процес на рестартирање на ТЕЦ „Неготино” ќе подлежи на пробен период и проверка на сите функционалности на опремата.

 

 

 

 

 

Извор: Влада

spot_img
spot_img
spot_img

Последни објави

spot_img
spot_img
spot_img

Читај повеќе