Ковачевски поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ: Заедно одговорно и посветено да го вратиме единството
Денеска во седиштето на СДСМ, согласно правилникот и роковникот, кандидатура за претседател на партијата до Централната изборна комисија, поднесе членот на Извршниот одбор, Димитар Ковачевски, за вонредните внатрепартиски изборите на 12 декември.
Во изјава за медиумите по поднесувањето на кандидатурата за претседател на СДСМ Димитар Ковачевски истакна дека една од неговите заложби ќе биде враќање на единството во партијата, ефикасноста и одговорноста и посветеноста на подобрување на животниот стандард на граѓаните, истакнувајќи дека неговата програма „Заедно одговорно, посветено, се базира на три клучни столба.
„Согласно роковите ја поднесов мојата кандидатура до партијата во која ја доставив мојата визија и програма која има наслов „Заедно, одговорно и посветено“. Оваа платформа, оваа програма се базира на три основни столба, а тоа е социјалдемократската визија, јасни социјалдемократски вредности од кои извираат принципите, вредностите на работењето и резултатите кои следуваат од него, потоа економски раст, односно посветеност кон економските политики и зголемување на животниот стандард на граѓаните и трето, фер шанса и јасен и правичен систем со одговорност во кој најдобрите ја добиваат одговорноста и шансата за исполнување на сите проекти ветени пред граѓаните. Една од моите основни заложби е да го вратиме единството во партијата и да го вратиме единството во општеството за да можеме да имаме посилни демократски партии и да имаме посилно општество. Најзначајно за нас е да ја вратиме вербата дека можеме сами и мораме сами да го унапредиме нашето општество, притоа имајќи го предвид јасниот пат на нашето општество во европските интеграции “ порача Ковачевски.
Ковачевски додаде дека за него е одговорно преземањето чекор во време кога општеството и граѓаните се соочуваат со предизвици, со план и решенија за глобалната енергетска криза, пандемијата, за подорбување на животниот стандард на граѓаните и ефикасност на системот.
Во прилог целосната програма на Димитар Ковачевски со која се кандидира за претседател на СДСМ.
Сите информации за вонредните внатрепартиски избори во СДСМ, правилникот, роковите, онлајн алатката за активна регистрација на членовите, се достапни на следниот линк: https://sdsm.org.mk/vonredni-vnatrepartiski-izbori.
Извор: СДСМ