spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeПолитички партииВМРО-ДПМНЕДоктрина на ВМРО-ДПМНЕ

Доктрина на ВМРО-ДПМНЕ

Тргнувајќи од континуитетот на историското ВМРО, како зачетник на организираната борба за слобода на Македонија;

Изразувајќи благодарност на генерациите борци за создавање на сопствена, слободна и независна држава;

Разбирајќи ја Македонија како земја која претставува хармоничен спој на сите луѓе, култури и вредности кои функционираат во неа;

Потенцирајќи дека постоењето на слободна држава Македонија е основен услов за опстанок на македонскиот народ и негов севкупен напредок;

Почитувајќи ги документите на револуционерните движења на македонскиот народ во минатото;

Потпирајќи се на идејно-политичката основа на големиот Илинден, и уважувајќи ги заложбите за слободна држава втемелени во актите на АСНОМ;

Применувајќи ги принципите кои стојат во името на ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО (Внатрешна македонска револуционерна организација), кое ја изразува вековната традиција и континуитетот на идеолошката и политичка борба на македонскиот народ за национална држава и национален просперитет и ДПМНЕ (Демократска партија за македонско национално единство) кое ги потенцира демократските принципи во работата на партијата во борбата за македонско национално единство и реализација на основните партиски цели и задачи;

Уважувајќи го ангажманот на генерации членови, активисти и поддржувачи на партијата, чија борба за напредна држава е манифестација на нашата колективна свест, совест, мисла, акција и дело низ годините;

Следејќи ги вредностите, принципите и практиките на европските народни партии здружени во најголемата политичка групација во Европската унија – Европската народна партија;

Залагајќи се за тоа дека никој нема право да го менува и оспорува правото на граѓаните на индивидуален и колективен идентитет;

Констатирајќи дека во овој момент државата е донесена во средиштето на национална, економска, здравствена, образовна и културна криза;

Преземајќи одговорност дека Македонија мора да создава подобра иднина за сите луѓе, независно од нивната национална, расна, верска, етничка или било каква друга припадност;

ВМРО-ДПМНЕ на 17 тиот Конгрес одржан во Скопје на 12.12.2021 година, ја донесе следната:


ДОКТРИНА
на политичката партија
ВМРО-ДПМНЕ

Темелни вредности

Причина, но и цел на постоењето на ВМРО-ДПМНЕ претставува возвишениот идеал за слободна, независна и просперитетна македонска држава.

ВМРО-ДПМНЕ ги застапува и штити македонските државни и национални интереси, негувајќи ги европските и универзалните хуманистички вредности.

ВМРО-ДПМНЕ им се обраќа на сите луѓе, групи, заедници и религии во Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ ги прифаќа и споделува принципите, вредносните определби и практиките на Европската народна партија.

Визијата на ВМРО-ДПМНЕ е да ги открие и развива сите можности за развој на македонската држава, како стремеж за неограничена потрага по реални решенија. Нашата политичка стратегија е изградена на принципите – човечност и праведност.

Богата, развиена и силна Македонија е иднината на македонскиот човек, иднината на нашите семејства, компании, религиски групи, заедници и сите останати субјекти кои гравитираат во неа.  Во тој поглед за подобра иднина на македонскиот човек се вкрстуваат сите наши надежи, перспективи, активности и можности.

Во таа смисла, основните вредносни компоненти на партиската идеолошка матрица се:

  • почитување на принципите на правната држава и владеењето на правото;
  • афирмација и безусловно почитување на човековите права и граѓанските слободи;
  • развивање на демократијата во Република Македонија;
  • посветеност кон индивидуалниот и колективниот развој на сите луѓе, почитувајќи ги принципите на лична одговорност;
  • почит кон традиционалните македонски културни вредности и афирмација на македонскиот културен код во светот;
  • почитување на сите етнички заедници и нивните особености во државата, кои се рамноправни во своите права и обврски;
  • залагање за правата на Македонците и граѓаните на Република Македонија каде и да живеат во светот;
  • заштита на македонскиот идентитет, кој го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор;
  • градење на македонскиот културен простор базиран на етничка, јазична, политичка или географска припадност кон Македонија, како основа за современ европски културен развој на односите помеѓу балканските држави;
  • почитување на сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет,

 

  • одговорност кон образованието на младите и науката, како основа на општествениот развој;
  • силна и витална социјална пазарна економија, со неприкосновеност на приватната сопственост и слобода на пазарните законитости, либерализирана и отворена економија со висок и стабилен економски раст базиран на иновации и претприемништво, како и хуманост и грижа за социјална праведност;
  • намалување на државниот интервенционизам во економските процеси, преку засилена дерегулација, ниски даноци и помал државен апарат;
  • почитување на интересот на човекот како индивидуа, неговата личност и борба за заштита на граѓаните од било каква форма на репресија, дискриминација, полициска тортура, кршење на човековите права и злоупотреби на власта во политички цели;
  • праведен правосуден систем;
  • силна и стабилна македонска држава и перманентно јакнење на безбедносниот капацитет на државата;
  • проактивност во членството во НАТО, како компонента во градењето на стабилна и безбедна држава;
  • забрзана интеграција на државата во Европската унија, со почитување на потребите, правата, јазикот и идентитетот на македонскиот човек;
  • продлабочување на соработката со земјите со кои Македонија има потпишано договори за стратешко партнерство;
  • ефикасен и хуман здравствен систем кој гарантира здрава нација;
  • посебен акцент на улогата и значењето на семејството;
  • градење реформиран и современ систем за социјално и пензиско осигурување;
  • инклузивна соработка со граѓанското општество и сите интересни групи во него;
  • слобода во изразувањето и почит кон различните верувања и религиски погледи кон светот.

Внатрепартиската демократија, вклученоста на ветераните, жените и младите во носењето одлуки на сите нивоа, како и уважувањето на поединечните мислења на сите членови отсекогаш се „modus vivendi’’ во внатрешното функционирање на партијата. Сето тоа го гради успешното претставување на ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ е отворена партија кон сите луѓе во Македонија и во своето работење ги вклучува сите граѓани, без разлика на нивната етничка, верска и било каква друга припадност.

Основни цели на ВМРО-ДПМНЕ

Основна цел на ВМРО-ДПМНЕ во овој временски период е, кај граѓаните да ја возобнови надежта дека може да се живее добро и дома, во Република Македонија. Тоа е единствениот одговор на поставените дилеми за севкупното постоење на македонската држава.

Секој обид за отворање дискусија, на билатерален или мултилатерален план, околу идентитетските прашања и карактеристики на македонскиот народ, по автоматизам води кон проблематизирање на македонската самобитност и единственост. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори за праведноста и почитта кон македонскиот народ и држава во меѓународните односи.

Клучна задача во градењето демократски политички амбиент, е создавање кохезиони врски со сите луѓе во Македонија, независно од нивната политичка, верска или етничка определност. ВМРО- ДПМНЕ континуирано ќе настојува да се гради широк политички, државен и национален консензус, за сите значајни прашања на внатрешен и меѓународен план, кои се однесуваат на иднината на македонската држава.

Основни цели и задачи на партијата се:

  • развој на независна, самостојна, граѓанска и демократска Република Македонија;
  • заштита на достоинството и културното наследство на македонскиот народ и на етничките заедници во рамките на Република Македонија;
  • воспоставување на владеење на правото како темелен принцип на политичкиот систем;
  • гарантирање и почитување на човековите и граѓанските слободи и права и еднаквоста на луѓето во нивното уживање;
  • грижа за македонскиот јазик и неговите дијалектни особености, кои имаат свој просторен и свој временски континуитет;
  • почитување на правата на етничките и културните заедници, и обезбедување мир и сожителство во услови на мултикултурно општество;
  • јакнење на образовниот систем, кој треба да биде основа за економскиот напредок и повисокиот животен стандард;
  • заштита на слободата на говорот и слободата на информирањето;
  • негување на политички плурализам и слободни демократски избори;
  • заложба за слобода на пазарот и претприемништвото и заштита на приватната сопственост;
  • зголемување на животниот стандард;
  • борба за искоренување на корупцијата и криминалот;
  • заложби за доследно почитување на мерит системот, како систем на заслуги кој пред сѐ ги цени индивидуалните и професионалните квалитети;
  • сериозна реформа кон воведување на праведен правосуден систем;
  • заштита на животната средина;
  • заштита на правата на Македонците кои живеат надвор од државните граници во согласност со меѓународните документи и стандарди;
  • градење на пријателство и негување добрососедски односи на Балканот;
  • почитување на општоприфатените норми на меѓународното право;

 

  • проактивност во членството во НАТО;
  • полноправно членство во Европската унија;
  • билатерална и мултилатерална соработка со партиите со сродна ориентација, особено во рамките на Европската народна партија;
  • поддршка на процесот на децентрализација во градење на силна локална самоуправа која одговара на потребите на граѓаните.

НАШИТЕ ТЕМИ

  • Луѓето да живеат дома, да работат во Македонија!

Основна цел на економската платформа на ВМРО-ДПМНЕ е да ги зачуваме сите луѓе дома, во Република Македонија, но и да привлечеме значаен дел од иселените лица назад во државата.

Економските политики, како една од своите базични цели, треба да го имаат намалувањето на трајното иселување на работоспособното население. Преку политики за реално подигнување на стандардот на живот, зголемување на платите, обезбедување достапно сместување и домување, особено во регионите со значителен одлив на население, општеството треба да обезбеди пријатна клима за личен и професионален напредок.

За ВМРО-ДПМНЕ пазарната економија е темел на општествено-економскиот систем, врз кој може да се гради побогата и посилна држава.

Ние ги почитуваме и негуваме темелните вредности и принципи на македонската економија: слобода на пазарот и претприемништвото; неприкосновено право на сопственост и правна заштита на сопственоста; рамноправен третман на приватната, државната и другите видови на сопственост; еднаква правна положба на сите стопански субјекти на пазарот; сопственоста, трудот и капиталот како единствени основи за остварување позитивен економски резултат; економска, но и социјална сигурност на македонските граѓани согласно македонскиот Устав.

Наша намера е да го засилиме човечкиот капитал и продуктивноста на трудот, да ги задржиме младите и квалитетни кадри во македонската економија, но најмногу – да го подигнеме животниот стандард на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ е застапник на политиката на ниски, рамни и предвидливи даноци. Наш приоритет е и обезбедување на ефикасни јавни финансии преку зајакнување на капацитетот на даночната администрација, консолидација на јавниот долг и зголемување на ефикасноста во реализацијата на јавните расходи.

ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага и ќе работи на идејата за намалување на персоналниот данок и данокот на добивка на 8%, со што Република Македонија ќе биде конкурентна на мапата за странски инвестиции, но и ќе обезбеди конкурентност за домашните компании на странските пазари. Ќе работиме данокот на добивка да биде 0% за реинвестираната добивка на компаниите. Персоналниот данок за млади луѓе, исто така мора да биде 0%, за да ги зачуваме младите луѓе во Македонија.

Државата мора да создава капитални дела. Главниот фокус треба да се стави на реализација на капитални инвестиции насочени кон оние инфраструктурни и енергетски проекти, што ќе бидат во функција на бизнис-секторот и капитални проекти, кои ќе бидат насочени кон подобрување на општите услови за живот на македонските граѓани.

Како стратешка цел, македонската економија секоја година мора да остварува раст од 4 до 6%. Основа на економскиот раст се инвестициите – странски директни инвестиции, домашни инвестиции и извозно-ориентирани компании. ВМРО-ДПМНЕ се залага за нов развоен концепт базиран на модерна индустријализација и подобрување на извозните перформанси со директна поддршка на компаниите. Наш особен фокус се зголемувањето на бројот на извозни производи кои имаат повисоко ниво на додадена вредност, зголемување на бројот на извозни компании и бројот на извозни пазари. Истовремено, ќе креираме нов модел за привлекување на странски инвестиции во насока на создавање  поголема додадена вредност за домашната економија од аспект на креирање на работни места со повисоки плати и поголема интеграција со домашните компании. Сето тоа мора да го следи процес на дерегулација и намалување на давачките за компаниите. Ние се залагаме за намалување на бирократските процедури, укинување на законите и правилате кои создаваат тешкотии во работењето на економските оператори, како и целосно укинување на квази- фискалните и пара-фискалните давачки.

Земајќи го во предвид исклучителниот прогрес во сферите на информатичката технологија, роботизацијата и автоматиката, дигитализацијата, вештачката интелигенција и био-технологијата, ние носиме свежи идеи за надградба на пазарот на стоки и капитал, фер конкуренција и обезбедување услови за слободна трговија согласно принципите на Светската трговска организација. ВМРО-ДПМНЕ ќе посвети посебно внимание и поддршка на мултинационалните компании кои имаат или сакаат да имаат свое седиште или канцеларии во државата, а кои вработуваат лица со работни места во Македонија во секторите на ИТ, меѓународниот маркетинг, финансии, човечки ресурси, логистичка и техничка поддршка и консалтинг. Тоа ќе доведе до подигнување на севкупниот животен стандард и задржување на луѓето дома во Македонија.

Ваквите економски политики ќе овозможат остварување на нашите стратешки приоритети и цели кои се однесуваат на: повисоки стапки на економски раст и поголем животен стандард на граѓаните, повисоко ниво на продуктивност и технолошки развој, креирање на нови високо платени работни места, зголемување на платите и стандардот на работниците, пораст на домашните и странските инвестиции, пораст на извозот со истовремено зголемување на нето-извозот и создавање одржлив развој во согласност со Целите за одржлив развој на Обединетите нации.

ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага да обезбеди целосно слободно движење на работната сила, капиталот, стоките и услугите како во земјата, регионот, така и во земјите на Европската Унија.

Корупцијата е непријател на сите добри реформи во сите области. Корумпираните политичари кои создаваат состојба на расипано пазарно општество на демотивирана конкуренција, ќе ги онеспособиме со јасни закони, намалување на човечкиот фактор во процесите на одлучување и дигитализација на услугите. Понатаму, ќе воспоставиме и ефикасен систем за сузбивање на сивата економија, стопанскиот криминал и корупцијата. Нулта толеранција за корупцијата е наша прва заложба.

ВМРО-ДПМНЕ се залага за дефинирање и на долгорочни стратегии за инвестиции во човечкиот потенцијал, кои опфаќаат фундаментални општествени промени за поттикнување на природниот прираст на населението, забавување на иселувањето, и привлекување на дијаспората кон привремено или трајно враќање во татковината.

Ние поддржуваме системски политики составени од даночни олеснувања, ослободување од одредени даноци за младите, стимулативни мерки за вработување, социјална помош и субвенции за домување, комбинирани со поддршка на вештачкото оплодување и третмани. Решавање на потешкотиите со родителското отсуство со надомест, семејниот додаток и достапните услуги за згрижување деца, кои ќе донесат целисходни резултати.

 

Во истата насока, но и со цел привлекување на веќе емигрирани лица, многу е важно градењето на солидна економска основа во која тие ќе можат да се реинтегрираат. Ова повлекува намалување на структурните бариери за економски раст преку намалување на бирократијата, непотизмот и корупција од една страна, истовремено создавајќи вистински стимулации за претприемачки и високо квалификувани лица да инвестираат во земјата од друга страна.

Ќе се залагаме и за реформи и промени во пензискиот фонд. Нашите заложби ќе бидат во насока на умерено намалување на процентот од придонеси кој се насочува кон вториот пензиски столб, но и ќе се залагаме да се врати претходниот начин на усогласување на пензиите со што пензиите ќе се усогласуваат со порастот на просечната плата. Земајќи ја предвид солидарноста на која се темели нашето општество од една страна, како и ограниченоста на пензиите со максимална пензија, ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да постои одредено намалување на бројот на бруто-плати на кои се уплаќаат придонеси. Придонеси треба да се уплаќаат за приходи до 12 просечни бруто-плати, со разгледување на можност за понатамошно намалување на уплатата на 8 просечни плати, а доколку постои можност ќе се продолжи со намалување до 4 бруто-плати.

2.    Образованието – столб на државата!

ВМРО-ДПМНЕ смета дека квалитетното образование е врвен национален приоритет. Ние мораме да создадеме генерации млади луѓе кои се конкурентни на нивните врсници од Европа. Затоа нашите политики во образованието се фокусирани на реформи на образовниот процес и негово поврзување со пазарот на трудот, истовремено градејќи образовани личности со високи морални и етички вредности.

Во создавањето на образовните стратегии подаваме рака кон сите општествени чинители и политички партии. За ова прашање потребна е долгорочна, национална, едногласна стратегија која бара влог и од политичарите, но и од академската, професионалната и економската јавност.

Следејќи модели од високоразвиените држави, особено се залагаме за потцртување на значењето на образованието на децата уште во раното детство. Во таа насока ги промовираме политиките за зголемување на бројот на запишани деца во предучилишни установи, како и исполнување на целиот индивидуален потенцијал за создавање добра основа на која поуспешно ќе се гради натамошното знаење.

ВМРО-ДПМНЕ е посветено и фокусирано на модернизација на целокупниот образовен систем (основно, средно и високо образование) во насока на подобрување на неговиот квалитет, ефикасност и стекнување функционално знаење кои соодветно ќе се рефлектираат и усогласат со побарувањата на пазарот на трудот во Република Македонија. Мораме силно да вложуваме во образовната инфраструктура – новите градинки и училишта, ИТ алатките, училишните лаборатории, факултетските објекти, библиотеките, ученичките и студентските домови – треба да бидат ресурси врз кои ќе почива идниот напредок.

Токму во таа насока, а поттикнато од долгогодишниот тренд на одлив на работоспособни кадри, ВМРО-ДПМНЕ за приоритет го има фокусот врз дефицитарните професии на пазарот на трудот. Оттука, ние силно се залагаме за воведување на потребни образовни профили, како и овозможување доквалификација и преквалификација на дефицитарни профили, според реалните потреби на пазарот на трудот и утврдени идни трендови. Посебна заложба ќе биде обезбедувањето услови за нови научни сознанија за македонските студенти, со нивен преференцијален достап до европските универзитети.

Силно ќе се залагаме и ќе работиме за да обезбедиме барем еден од домашните универзитети да биде рангиран во првите 500 универзитети според шангајската листа.

ВМРО-ДПМНЕ за клучно го смета враќањето на достоинството и зајакнување на интегритетот на наставниците во сите степени на образованието, а во насока на обезбедување здрав, квалитетен образовен процес, како и обезбедуање образовен резултат согласно утврдените потреби и цели.

 

Социјалната димензија на образованието е од исклучително значење. Затоа, сметаме дека е неопходно ставање особен акцент на јакнење на воспитно-образовната компонента во основно и средно образование со воведување мерки и содржини кои ќе ги акцентираат сите оние компоненти, како што се етиката, моралот, јакнењето на системот на вредности кај младите, кои се јавуваат како аномалија и дефицит, предизвикан од модерните трендови на современото живеење.

ВМРО-ДПМНЕ гледа на науката како визија за иднината и национален приоритет. Оттаму и потребата за сестран, сеопфатен и сериозен механизам за нејзин поинтензивен развој.

Токму благодарение на науката и научните истражувања, секојдневно, во светот се случуваат бројни револуции во научен контекст. Оттука е нашата силна заложба за интензивирање на вложувањата во научниот прогрес и развојот на нови технологии за истражување и развој (R&D), со поддршка за странски инвестиции и капитални инвестиции од државниот буџет, во сферата на информатиката, дигитализацијата, роботиката и автоматизацијата, вештачката интелегенција и био-технологијата.

Имајќи го сето тоа во предвид како и фактот дека современото живеење наметнува потреба за секојдневно, незапирливо развивање и унапредување на најразлични научни подрачја, ВМРО- ДПМНЕ смета за потребно, посветување сериозно внимание во креирање на модерни, современи, квалитетни научни истражувања и мотивирање и поддршка на сите научни чинители во реализирње на нивната исклучително значајна мисија. Затоа се залагаме и за финансиски, но и системски интервенции за јакнење на научните капацитети, издвојување и примена на најдобри светски практики во оваа сфера, поголема достапност до најновите научни резултати и бази на знаење во светски рамки, како и градење и вложување во институции кои ќе обезбедат нов современ тек на науката во Македонија.

3.    Дигитална Македонија

Нашата иднина станува дигитална. Дигиталните иновации го преобликуваат и македонското општество вклучително и економијата и индустриските технологии како никогаш порано. Дигиталните алатки нудат незамисливи можности за поттикнување на економскиот раст, вработувањето и подобрување на животот на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ е пионер во воведувањето и поттикнувањето на дигитализацијата, но и достапноста на електронските услуги до сите луѓе во Македонија.

Затоа, наша мисија е дигитална трансформација на општеството, поткрепена со силна политичка волја, јасна визија и точно дефинирани цели. Свесни за новите предизвици, ние креираме политики за воведување на дигитално учење, дигитализација на индустријата, електронски услуги за граѓаните, поврзана јавна администрација, водење бизнис од далечина, старт-ап компании базирани на нови дигитални услуги, како и правно обликување на дигиталниот финансиски пазар – криптовалутите, blockchain технологиите и дигиталниот пазар на капитал.

Ние мора да ги применуваме новите технологии, бидејќи тие носат подобрување и ефикасност во многу области, а технологијата ги подобрува и демократските процеси, овозможувајќи им на носителите на политики да донесат подобри одлуки. Но, тоа не смее да биде парцијално.

 

Исклучувајќи еден човек од трансформацијата, значи исклученост на цели заедници и креирање дигитален јаз. Наша обврска е да овозможиме најширока можна распространетост на брз и супер- брз интернет пристап, по пристапни цени и во најоддалечените рурални места во Македонија. Нашата визија е Македонија да биде дигитално развиена држава. Тоа ќе обезбеди благосостојба на граѓаните, преку интензивна и сеопфатна дигиталната трансформација на општеството. Ова мора да се случува во делот на администрацијата, јавните услуги за граѓаните, но и во бизнисот, образованието, здравството и сите други сектори.

Затоа, сите овие процеси мора да бидат водени системски, сеопфатно и инклузивно. Дигитализацијата мора да почива на јасни правила еднакви за сите, системска заштита на интернет од злоупотреби и напади, како и транспарентност прилагодена на македонските вредности. Компјутерите треба да им служат на луѓето, а не обратно.

Ние се залагаме за вистинско дигитално образование – од основно училиште до универзитет, но како можност а не обврска за учениците. Во таа смисла, ВМРО-ДПМНЕ ја споделува и пошироката загриженост во врска со долгорочните политики за стекнување дигитална писменост, и се залага за посветеност во креирањето на дигиталната инклузија (можности за вработување, подобрување на дигиталните вештини, усовршувања и социјална вклученост).

Македонија ја гледаме како технолошки лидер на Балканот. Дигитализацијата се смета за силен двигател на одржливиот развој и инклузивниот раст – клуч за намалување на сиромаштијата. Пресоздавањето на пристапот во индустријата и претприемништвото преку нови технологии и иновации ќе создаде нови работни места и ќе им овозможи на бизнисите да напредуваат. Во исто време, ќе се постигне и намалување на сивата економија, намалување на административните бариери, зголемување на капацитетите и конкурентноста на домашната ИТ индустрија.

Стимулирањето на извозот на ИТ производи од Македонија ќе има посебно место во дигиталната трансформација на нашата економија, како гранка која има потенцијал да создава висока додадена вредност.

За да не заостанеме во дигиталната транзиција, треба да креираме правно опкружување кое ја поттикнува конкуренцијата и иновативноста, а на компаниите им нуди доверба и свесност за придобивките од дигиталната технологија. Целта е да обезбедиме најдобри услови за зголемување на креативноста и претприемачкиот дух првенствено кај младите луѓе и најголемите таленти, но и да развиваме и имплементираме нови бизнис идеи, кои ќе значат забрзување на технолошкиот развој. Иновативните решенија ќе резултираат во градови поубави за живеење, работење и развивање на бизниси. Во „одговорните градови’’, спојувањето на урбанистичкото планирање, екологијата и информатичката технологија ќе обезбедат придобивки за секое маало, населба и населено место. Резултат – подобрување на животот на граѓаните.

Само на овој начин ќе постигнеме задоволителен технолошки развој додтоен за споредба со останатите држави од регионот. Затоа што македонските граѓани заслужуваат да живеат во модерна држава.

4.    Македонија за сите луѓе, патека кон заеднички патриотизам

Во време на силни универзални предизвици, поттикнати од глобализацијата, концептот на македонскиот модел на соживот може да стане пример во глобални рамки. Развојот на културата на македонските простори оставил неизбришливи траги, со богат колорит кој потсетува на уникатен македонски еквилибриум. Влијанието на различните култури, религии, атеистички движења, цивилизации и национални обележја во нашава земја е правопропорционално со нејзиното место и улогата во ширењето на истите на европско тло. Во ера на глобализација македонскиот модел на живеење со разлики е компаративна предност, која прогресивната и модерна политика мора да го има во својата суштина.

ВМРО ДПМНЕ, како народна партија смета дека наместо да се гуши просторот за културно издигнување на народите, тој треба да се поддржи. Богатата историја на соживот со висок и рафиниран квалитет во Македонија дава основа и право тоа да се сочува и надгради. Најдобар начин тоа да се направи е да се обноват старите добро поставени темели на соживот кои одолеале на времето и разните влијанија. Потребно е силна одважност и презир кон сите кои ги злоупотребуваат разликите, на тој начин супституирајки ја сопствената немоќ да понудат креативни решенија за заедничка и прогресивна иднина.

Надградба на духот на Крушевскиот манифест, како граѓански повик за заедништво и борба за остварување на колективните приоритети, е новиот македонски манифест за просперитетна Македонија дел од ЕУ и НАТО.

Секој народ кој држи до себе, гради јасна траекторија каде ја гледа сопствената иднина. Ако во минатото сме можеле на светот да оставиме во трајно наследство вредности, како што е писменоста и културата, сега треба да го брендираме нашиот модел за соживот на простор кој се смета за „ буре барут’’. Придобивката од таквиот пристап е непроценлива и апсолутно споделива за сите кои живееме тука. Овој пристап е најдобра изолација на сите регресивни сили кои живеат од и за поделбите.

Наместо нивото на правата да зависи од припадноста на одредена заедница, општоприфатените човекови права мора да бидат достапни за сите. Ние во преден план мораме да го поставиме човекот т.е индивидуата односно граѓанинот како носител на суверенитетот. Со тоа ќе ги срушиме бариерите помеѓу нас кои нѐ држат во состојба да живееме едни покрај други наместо едни со други. Без интегрирано образование, во кои младите генерации ќе се запознаат и живееат заеднички уште од најмала возраст не можеме да зборуваме за хомогено, мултикултурно и граѓанско општество. Без градење на механизми кои ќе го градат заедништвото како што се јазикот, свеста дека сите имаме права, но и обврски кон нашата заедничка татковина тешко ќе ги постигнеме и зајакнеме нашите цели.

 

ВМРО-ДПМНЕ се залага за политика на помирување и на соработка. Трајниот соживот меѓу граѓаните и културата на меѓусебно почитување и дијалог се вредности што мора да бидат возобновени и унапредени.

ВМРО-ДПМНЕ ја промовира новата парадигма на заеднички патриотизам, кој ги обединува сите луѓе во создавањето на нова иднина. Таа парадигма подразбира заеднички да работиме за доброто и за иднината на државата. Без предрасуди и со заедничко почитување за сите македонски граѓани да се постигне стандард на живеење како во градовите од западна Европа.

Ривалството во политиката ќе биде за тоа колку повеќе ќе ја напреднеме Македонија и колку повеќе проблеми ќе решиме заедно, и кој ќе создаде подобри услови за живот.

Сите ние имаме премали разлики споредено со работите кои нѐ обединуваат. Убавината на заедничкиот патриотизам е работите кои нѐ раздвојуваат да ги оставиме на страна, а да размислуваме за тоа што нѐ обединува – тоа се победите за Македонија – во спортот, економијата, културата, образованието и науката.

Заедничкиот патриотизам е кога на секој човек на Македонија – државата ќе му понуди квалитетна иднина. Иднина во Европа, иднина на силен стандард. Сонот за Европа е сон за добар живот, а тоа парче среќа го заслужува нашата заедничка Македонија. Нашиот народ заслужува шанса и среќа. Ние мораме да работиме на создавање мостови на соработка со соседите. Патот кој треба да го минуваме е пат поплочен со силни предизвици, но со нашата мудрост и заедничка сила ќе го поминеме заедно.

Затоа што на сите нас заедно желбата и вербата ни се силни, затоа што веруваме во заедничка иднина, и дека силата и клучот е во сите нас. Новиот патриотизам во кој веруваме е нашата Македонија, со силен ‘рбет и челична волја за победи и успеси.

5.    Македонија дел од Европа

Македонија географски, историски, културолошки и цивилизациски ѝ припаѓа на Европа. Во време кога политичките опоненти се залагаа за други недемократски модели на владеење, ВМРО-ДПМНЕ уште од почетокот ги поставуваше демократскиот плурализам и евроатланската интеграција на Македонија за врвни стратешки приоритети на партијата и државата. Владите на ВМРО-ДПМНЕ беа предводници на најзначајните чекори кон евроатлантската интеграција, преку потпишување на првиот Договор за стабилизација и асоцијација со Европската унија, добивањето на првата позитивна препорака за отпочнување на преговори, па се до визната либерализација и разговорите на високо ниво (ХЛАД).

За жал, последните години се забележува значително намалување на поддршката за евро- интеграцијата кај македонските граѓани, како плод на коруптивни практики на домашните политичари. Оваа негативната перцепција на граѓаните е надополнета со оддалечувањето од европските вредности и блокадата на евроинтегративниот пат.

Оттука, приоритети во надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ се враќање на вистинските европски вредности во управувањето со државата, отворање на перспективите за преговори со Европската унија со крајна цел – полноправно членство. Покрај тоа, од исклучителна важност е создавање на услови за квалитетни добрососедски односи со сите соседи на Република Македонија базирани на меѓусебно почитување, како и активности за зацврстување на односите со државите со кои Македонија има потпишано договор за стратешко партнерство.

ВМРО-ДПМНЕ ја истакнува подготвеноста на Македонија да ги отпочне и успешно да ги затвори преговорите за полноправно членство во Европската унија. Македонските граѓани ги поседуваат истите вредности според кои живеат граѓаните на ЕУ. Претпристапните преговори и членството во ЕУ, како и почитување на европските вредности во македонскиот политички систем, значат добробит за нашите граѓани, зголемена економска активност, раст на домашните и странските инвестиции, засилена мобилност на македонските ученици, студенти, професори и научници на школите и универзитетите во Европа, слободно движење на луѓето, капиталот, стоките и услугите, како и заедничка надворешна и безбедносна политика.

Наша цел е да ја европеизираме и домашната политика. Ние мораме да воведеме европски практики при реформирање на судството, справување со корупцијата, градење одржлив економски раст и структурни општествени реформи.

Наша визија се и добрососедските односи базирани на взаемно почитување и соработка, како и еднаквост во правата и обврските. Базични принципи на ВМРО-ДПМНЕ во градењето на добрососедските односи се одбраната на македонскиот идентитет, посебноста, историјата, јазикот, културата, обичаите, традицијата, градени со векови од генерации Македонци. Само градење на односи врз принципот на рамноправност на страните, можат да доведат до почит и вистинска соработка. Во исто време, Македонија треба да се изгради како кредибилен регионален актер кој ќе се залага за економски, трговски, културни и други регионални иницијативи.

Добрососедските односи подразбираат двонасочен однос, двонасочна улица. Почитувањето се гради и се заслужува. Свесни за постоењето на националистички елементи во политичкиот живот на некои од државите во нашето соседство, секогаш го задржуваме правото на реципроцитет во меѓусебните односи, како политичка алатка, но и вредност, за одбрана на македонскиот идентитет.

6.    Проактивно членство во НАТО и градење силна национална безбедност

ВМРО-ДПМНЕ ја презема обврската да ги реформира безбедносните структури за тие повторно да ја уживаат довербата на македонските граѓани. Ние се залагаме за градење на чувство на партнерство меѓу граѓаните и институциите од областа на безбедноста и одбраната. Тоа ќе придонесе за силни институции, способни да се справат со предизвикот на новото време.

 

Нашето членување во НАТО подразбира да ги почитуваме обврските кои ги преземавме со полноправното членство. Она за што се залагаме како политичка партија изминатите децении е ставот дека Алијансата обезбедува мир и слобода за сите нејзини членки, но и за поширокиот регион. НАТО партнерите и светот воопшто, е соочен со бројни нови и заеднички закани, кои имаат значително влијание врз безбедноста на нашите граѓани – климатски промени, трговски спорови, дигитални даноци и демократско уназадување во одредени делови во светот. Нашите противници користат алатки за подривање на демократскиот свет каков што го знаеме, на кои Македонија не е имуна. Хибридни закани, терористички напади и организации, сајбер напади и надворешно мешање. Крајно време е да ги премостиме поделбите кои не одделуваат едни од други, и заеднички и сериозно да се зафатиме со сопствената одбрана.

Проактивното членство во НАТО, со динамична дипломатска активност со сите наши држави- партнери од алијансата, треба да значи посилно етаблирање на меѓународната позиција на Република Македонија. Просторот кој ни го овозможува полноправното членство, треба да се употреби во насока на подобрување на севкупниот меѓународно-политички амбиент во кој се наоѓа државата.

Се обврзуваме на мерки и активности за суштински реформи кои ќе гарантираат одржлив и функционално-интегриран безбедносен систем, со институционални капацитети за навремено идентификување на заканите, рано предупредување, превенирање и навремено реагирање.

Нашата цел е да се постигне подобрување на безбедноста во Македонија и зголемување на довербата на граѓаните на Македонија во безбедносните институции, како и одговор на најновите закани на општеството и ризиците.

Армијата на Македонија треба да биде гордост на сите македонски граѓани. ВМРО-ДПМНЕ се залага за модерна и флексибилна Армија на Македонија која успешно ќе ги извршува зададените одбранбени мисии и задачи. Главна цел, во таа смисла, треба да биде унапредување и зајакнување на националните капацитети и изградба на интегриран систем за национална безбедност во државата, кој ќе овозможи исполнување на стандардите за суштинско проактивно членство на државата во НАТО алијансата. Ние се залагаме и за зголемување на средствата за потребните на одбраната и Армијата, кои се и обврска од нашето зачленување во НАТО. Тоа се средства кои треба да се искористат за опремување и модернизација на капацитетите, подобрување на животниот стандард и условите за работа на вработените во одбрамбените служби, унапредување на системот за менаџирање со човечки ресурси и развој на одбранбените способности.

Новото време бара рационалност во трошењето на средствата, а во исто време и градење на ефикасен систем на заштита на граѓаните. Тоа наметнува можности за креативно искористување на капацитетите на Армијата во мирнодопски услови, сѐ со цел, од ресурсите кои се вложуваат во одбрамбениот сектор, полза да видат сите граѓани.

7.    Хуман здравствен систем

Кризите покажуваат дека здравството не смее да се сфаќа како област која треба да создава профит само за малкумина, туку мора да се изгради систем, кој одговара на огромното мнозинство граѓани.

Визијата на ВМРО-ДПМНЕ е создавање на здравствен систем кој ќе биде ефикасен и достапен за секого. ВМРО-ДПМНЕ верува дека сите граѓани на Република Македонија треба да имаат пристап до навремени, квалитетни здравствени услуги, без разлика на нивната платежна моќ, социјален статус, нивната возраст, пол, етничка, национална или политичка припадност.

Наша заложба е изградба на силен јавен здравствен систем и поддршка на здрава и силна конкуренција во приватното здравство.

Јавниот здравствен систем треба да обезбеди испорака на медицински неопходни здравствени услуги во рамките на добро организирани единици. Поддржуваме стабилно и транспарентно државно финансирање, кое ќе значи функционирање на здрава конкуренција во приватното здравство. ВМРО-ДПМНЕ, своето планирање секогаш го прави во координација со медицинската фела со цел да се зголеми понудата на современи здравсвени установи, да се подобрат условите во постоечките, како и да се зголеми бројот на здравствени работници и експерти од дефицитарните здравствени области, да се зајакне интегритетот на здравствените работници и да се намали миграцијата на здравствениот персонал надвор од државата.

Врвен приоритет и клучна одговорност за ВМРО-ДПМНЕ е оптимизација на здравствениот систем и значителни вложувања за зајакнување на јавното здравство, вложување во кадровска екипираност, инфраструктура, континуирана едукација и пренос на знаење на медицинскиот персонал, воспоставување на  ефикасни механизми за финансирање на здравствените установи со нови фондови и пакети за осигурување, изработка на професионален здравствен информативен систем и негово спроведување, како и интегриран систем за информатичко-комуникациска технологија – Е-здравство.

Партијата се залага да создаде достапна брза и ефикасна итна медицинска помош, која на пациентите ќе им даде сигурна и брза достапност до медицински услуги и организиран пристап кон здравствениот систем.

ВМРО-ДПМНЕ положува исклучително внимание и става особен акцент на здравјето на децата, а во насока на одгледување и создавање здраво потомство и популација.

Партијата ја препознава важноста на промоцијата на здрав живот и превенцијата од болести, со цел подобрување на здравјето на граѓаните и придонес кон одржливоста на нашиот здравствен систем.

Се залагаме и за подигнување на јавната свест, навремена проценка, третман, рехабилитација и поддршка на поединци и семејства погодени од ментални болести и пречки во развојот.

Наша обврска е да планираме стратегии и долгорочни вложувања во здравственото образование, изградба на соодветна инфраструктура, како и поддршка на здравствената наука која бележи

 

светски достигнувања. Идните генерации лекари и фармацевти треба да постигнуваат светски резултати со поддршка од државата.

8.    Семејство

Семејството, како основна клетка на македонската заедница, има есенцијално значење. ВМРО- ДПМНЕ ќе промовира сеопфатна и системска политика за подршка на семејството, која што ќе води посебна грижа за потребите на децата и ќе помогне во секојдневието на ефикасен начин да се постигне динамичка усогласеност помеѓу работните и семејните обврски.

Борбата против малолетничката деликвенција и грижата за социјално ранливите групи, како и грижата за потребите на децата со попречености, се есенцијални категории во партискиот вредносен фундамент, којшто се однесува на социјалната политика.

Заштитата на жената од сите форми на родово-базирано насилство и жртвите на семејно насилство треба да се води од принципот на нулта толеранција за различните облици на насилство на кои се изложени жените. Насилство врз жените претставува кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените. Тоа ги подразбира сите акти на родово засновано насилство, коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и закани за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот. ВМРО-ДПМНЕ се залага за мерки кои ќе ја подигнат свесноста на граѓаните за препознавање на родовата нееднаквост и дејствување во насока на остварување на родовата еднаквост со цел отказите поради бременост, помалку платениот труд, мобингот и насилството да останат во минатото. Унапредувањето на родовата еднаквост е од клучно значење за благосостојбата на општеството.

ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи Македонија да биде силна и стабилна држава на социјална правда, држава на еднакви шанси за успех на сите граѓани. Ние мораме да развиваме општество во кое се прифаќаат и слават различностите на секој поединец – на секоја индивидуа.

Основната заложба, визија и цел на ВМРО-ДПМНЕ е реална помош на сите граѓани во ризик, еднаков пристап кон сите маргинализирани групи, менување на општествената свест и стереотипи во однос на ранливите категории граѓани, како и искрен пристап кон решавање на конкретните проблеми врз реална основа.

На нашето општество му е потребна итна реформа во системот на социјалното и пензиското осигурување. Пензискиот систем треба да биде засилен, а неговата одржливост осигурана, преку законски промени за начинот на вложување на средствата во пензиските фондови, со цел да се осигураат повисоки пензии кои нема да бидат на терет на сегашните вработени. ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага за намалување на процентот на уплата во вториот задолжителен приватен фонд и зголемување на процентот на уплата во државниот пензиски фонд, со што ќе се намали недостатокот на средства што потоа се финансираат од државниот буџет, а тие средства ќе се искористат за финансирање на капитални инвестиции и зголемување на стандардот на пензионерите. Решението за социјална заштита во најголема мера го гледаме во подигање на економскиот раст и отворање нови и доброплатени работни места за граѓаните.

 

9.    Македонија – дом на лицата со попреченост

ВМРО-ДПМНЕ ќе се фокусира и ќе даде посебно значење на грижата кон лицата со попречености и нивните семејства.

На лицата со попреченост и нивните семејства, општеството им должи засилена грижа и поддршка. Преку активности за вработување, финансиска и социјална помош и поддршка, инфраструктурно доближување кон државните услуги, македонското општество мора да покаже грижа за овие лица. Само целосна вклученост на сите граѓани во општествените текови и процеси може да гарантира рамномерен напредок на државата.

Ранливите категории и лицата со попреченост мора да бидат вклучени на пазарот на трудот, со подобрен пристап до работните места за нив и нивните семејства. Ние се залагаме за комбиниран систем на квотно вработување на лицата со инвалидитет, како и активни стимулативни мерки за приватните работодавачи кои ќе вработуваат лица со инвалидитет. Во таа насока се залагаме и за систематизирање и адаптација на работни места кои ќе бидат наменети за вработување на лица со инвалидност во сите државни институции.

Образованието на лицата со посебни образовни потреби е базично човеково право и општеството има должност истото да го обезбеди. Инклузијата на учениците со попреченост е процес кој бара сериозна посветеност, поголеми материјални средства и едуциран наставен кадар. За успешна инклузија на децата со попреченост се потребни промени и приспособување на наставната содржина, пристапот, структурите и стратегиите и соодветно едуциран наставен кадар, како и потребни материјални средства. Наша обврска е да направиме посебни напори со што ќе овозможиме најдобра можна едукација на овие лица, со цел  нивна подготовка за реалниот живот,во согласност со светските конвенции за заштита и промоција на правата на лицата со попреченост.

10. Развој на селото и модерно земјоделство

ВМРО-ДПМНЕ бил и ќе биде најдобриот партнер на луѓето кои живеат на село. ВМРО-ДПМНЕ бил и ќе биде најдобриот партнер на земјоделците.

Селата во Македонија треба да прераснат во современи земјоделски центри. ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди економска и демографска ревитализација на руралните подрачја, што ќе придонесе за рамномерен регионален развој на државата. Клучни цели треба да се квалитетен и брз развој на инфраструктурата, оптимизација на стопанската структура, заштита на животната средина, подигнување на животниот стандард на луѓето на село и креирање политики за поттикнување на реемиграција на населението од урбаните центри кон руралните подрачја.

Инвестициите во инфраструктурата се нужен предуслов за економска, технолошка и социјална ревитализација на руралните региони во државата. Современата сообраќајна комуникација во патниот и железничкиот транспорт, градинките и достапниот транспорт на ученици и модерната мобилна здравстена заштита се основните инфраструктурни претпоставки за правилен и рамномерен развој на сите делови од државата.

За ВМРО-ДПМНЕ земјоделството претставува еден од основните фундаменти за континуиран и стабилен развој на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ, како партија која е реформски ориентирана, согледувајќи дека е потребен понатамошен развој на земјоделските политики, со цел да се води грижа за земјоделците, како и да продолжи со реформи за приспособување кон земјоделската политика на ЕУ, пристапува кон нов концепт на мерките на земјоделската политика. Основната стратешка цел на политиките ќе биде зголемување на конкурентската способност на земјоделско-прехранбениот сектор. На тој начин, ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди земјоделството да има клучна улога во формирањето на општествениот производ, најмногу преку подобрен квалитет на замјоделските производи со подобрување на асортиманот на производите, митигација на ризиците во земјоделството, вклучување на научните институции и стручните служби во изборот на видот на земјоделското производство и воведување на контролни механизми на повеќе нивоа при набавка на земјоделски репро-материјали.

Квалитетот на земјоделските производи ќе го развиваме преку инвестиции во земјоделската инфраструктура и опрема, со нова инвестициона политика за подигање на техничката опременост на средствата за работа и избор на најсоодветени развојни програми, како и стабилизација на пазарот на земјоделски производи за постигнување стабилност на цените и на понудата и побарувачката за земјоделски производи. Потрошувачите мора да бидат заштитени од увозот на некотролирани производи и преработки, преку инвестиции во повисока финализација на домашното производство, со што ќе се зголеми понудата на контролирани квалитетни домашни земјоделски производи од домашно потекло.

Од исклучително значење е оптимизирање на функционирањето на земјоделските фондови, агенции и инспекторати, кои треба да стават крај на незаконитостите при концесионерските договори за користење на земјоделското земјиште, спречување на раситнување на агломерираните земјоделски површини, како и вистинска поддршка на развојното земјоделство.

Шумите како природно богатство на државата треба да уживаат посебна заштита. Проширувањето, одржувањето, унапредувањето и стопанисувањето со шумските ресурси, како и работењето на капацитетите во дрвната индустрија, треба да биде регулирано со осовремената правна регулатива, со цел зачувување на нивната вредност и трајност. Во тој контекст,ВМРО-ДПМНЕ ќе стави акцент на превентивна заштита на шумите, спречување на бесправно и неконтролирано сечење на шумите и нивно рационално користење, зголемување на шумскиот фонд преку пошумување на голините и ерозивните терени, отворање нови капацитети за полуфинална и финална обработка, како и производство на квалитететен мебел со вклучување на ИСО стандарди.

Голема важност даваме и на зачувувањето на водите. Зачувувањето на чистотата и полноводноста на подземните и надземните води, е од особено значење поради здравјето на нацијата, како и животинскиот и растителниот свет во нашата држава.

11. Енергетиката, нов стратешки приоритет

Во време кога прашањето за достапна електрична енергија станува дилема за сите граѓани, ВМРО- ДПМНЕ нуди визија која значи постигнување сигурен, ефикасен, стабилен, еколошки, конкурентен и независен енергетски систем.

Постоечките електро-енергетски системи мора да се менаџирани од највисоките професионалци во секторот, со системски планови кои ќе значат целисходно, навремено и оптимално производство на електрична енергија од сите постоечки капацитети. На професионалното менаџирање без корупција, треба да се надоврзат инвестициите во крупни енергетски проекти за производство на електрична енергијa, кои ќе ја гарантираат енергетската стабилност и независност на Македонија, како и проекти кои ќе ја зголемат доверливоста на преносниот и дистрибутивниот систем на електрична енергија како и системите за топлификација.

Стратегиски цели во енергетскиот сектор за нас се политики поврзани со целосна гасификација на домаќинствата и пристап до гас за бизнисите, но и поголемо искористување на обновливите извори на енергија. Освен гасоводните системи кои треба да бидат достапни до секое домаќинство и стопански субјекти, ние особено се насочуваме кон изградба на нови ветерни паркови и надградба на постоечките, најсовремени проекти за подобрување на системите на водните акумулации, модернизација на постојните производни капацитети кои користат фосилни горива за производство на електрична енергија во насока на продолжување на нивниот животен век, намалување на емисијата на штетни гасови и одржување на социјална рамнотежа, производство на електрична енергија од биомаса и биогас, како и целосно искористување на сончевата енергија од индивидуалните и колективни производители.

Наше посебно внимание е зголемувањето на енергетската ефикасност на јавните објекти, но и на индивидуалните и колективните домаќинства. Заштедата на енергија, но и заштитата на животната средина мора да бидат прв приоритет во градење на ефикасна долгорочна енергетска стратегија.

Државата мора да инвестира и гради енергетски капацитети, но и да дава силна поддршка на приватните иницијативи за изградба на енергетски објекти.

12. Договор со граѓаните за заштита на животната средина

 

ВМРО-ДПМНЕ креира автентичен интердисциплинарен концепт за разрешување на нарушените односи помеѓу луѓето и нивниот однос кон природата. Тој концепт ги интегрира сите политички, економски и еколошки фактори за постигнување одржлив општествен и економски равој од една страна, а од друга страна, овозможува создавање на современ економско-еколошки модел на мисла и акција.

Новата парадигма ќе ги дефинира приоритетите при користење на квалитативните елементи на природата – земјата, воздухот, водите и шумите. Одржливоста на природната животна средина не смее да подлежи само на логиката на пазарните законитости и не може ценовно да се вреднува. Преку создавање на нова урбано-природна култура која во основа го има воспитувањето за почитта кон природата, заснована на употребната вредност на природните добра, ќе се заложиме за постигнување на оптималниот баланс.

Оптималната политика на одржлив развој и унапредување на животната средина се потпира на три основни постулати: утврдување на пожелни и општествено прифатливи цели за одржливиот развој на животната средина следејќи ги Целите за одржлив развој на ООН; рационалност и ефикасност при користење на природни добра во економскиот производен процес и хармонизација на економските цели со значењето и улогата на екологијата.

Хармонизација на целите се постигнува кога се создава партнерство помеѓу одговорноста за одржливиот развој на државната и локалната власт и субјективната економската активност на поединецот и економските актери. Државата е одговорна за донесување на законските одредби коишто ги дефинираат еколошките цели, а економскиот систем е одговорен за техничката реализација на тие цели, што ќе обезбеди од една страна економски раст, а од друга страна еколошка репродукција на животната средина.

Еколошката репродукција на животната средина ќе претставува нова револуција во историјата на човештвото и развојот на взаемните односи помеѓу човекот и природата. Со развојот на еколошката свест ќе се создаде и соодветната еколошка наука и техника, којашто преку законска регулатива и современа технологија и опрема, ќе обезбедува одржлив развој на животната средина.

Целите на ВМРО-ДПМНЕ се чист воздух, соодветен третман на отпад, чиста вода и речни текови, борба со урбаната бучава, зазеленување на македонските градови и планини, урбанизам за луѓе и справување со последиците од климатските промени.

Чистиот воздух за нас е синергија на дисциплини. Потребни се иновативни еко решенија во енергетиката, сообраќајот и централните и индивидуални системи за затоплување на домовите на граѓаните. Потребен е соодветен третман на комуналниот отпад со примена на “rolling” пристап во општините, изградба на регионални депонии на локации каде нема да се загрози комодитетот на граѓаните и рамнотежата во природата и поддршка преку државни субвенции и финансиска помош од ЕУ фондови. Ќе работиме и на апликација на технологијата “waste to energy” за почиста и енергетски побезбедна Македонија.

13. Праведна правда без толеранција за корупција

Македонија предолго е заробена држава во хибриден правен и политички режим. Државата е правно несигурна, внатрешно разјадена од системски вкоренетата корупција и криминал. Политичките институции, државните органи и граѓаните се во заложништво на власта, а невладеењето на Уставот и законите има силно негативно влијание и врз политичкиот систем.

 

На граѓаните треба да им се даде можност да ја вратат довербата во институциите и во државните органи, затоа што  тие предолго се перцепирани како послушници на власта.

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја обнови довербата на граѓаните во уставно-правниот и политичкиот систем на Македонија и ќе ја врати правдата и правдината во земјата.

Се обврзуваме и ќе работиме на можноста Македонија од сегашното 111 место на рејтинг скалата на држави по индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси да ја внесеме во најдобрите 50.

Како одговорна и модерна партија, ВМРО-ДПМНЕ нуди нов политички концепт за обнова на државата преку јакнење на индивидуалната и колективната одговорност и преку засилување на интегритетот на политичките институции.

Институциите мора да работат во согласност со начелото на владеење на правото, а не според партиските директиви. Тие мора да обезбедат еднаква и неселективна примена на законите како најсилен кохезивен фактор и генератор на општествената и економската стабилност и развој на државата. Без владеење на правото и без одлучна, неселективна и бескомпромисна борба против корупцијата, нема економски раст и развој на Македонија. Државните органи наместо покорно да им служат на политичарите, треба да бидат слуги на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ ја враќа вредноста на принципот „национален консензус’’во политичкиот систем. Ќе настојуваме во водењето на политиката да се постигнува што е можно посеопфатен политички национален консензус при креирањето и реализацијата на проектите и политиките со долгорочно значење и вредност за државата.

Ние не прифаќаме корупција во правосудството. Правосудните органи треба да го вратат и зајакнат својот професионален интегритет и кредибилитет. Во делот на обновата на правниот систем, ВМРО- ДПМНЕ нуди нови системски решенија за трансформирање на правосудните органи во вистински независни, транспарентни, одговорни и ефикасни субјекти. Особено ќе работиме на политики за градење интегритет и одговорност во судството и јавното обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ се залага за политики со кои судството и обвинителството ќе ги ослободи од политичките, но и од другите форми на влијание и зависност. Најстрого ќе ја санкционираме злоупотребата на правосудните органи во борба со политичките неистомисленици.

Во Македонија мора да дојде правда за неправедно осудените во политички монтирани случаи по желба на власта.

Фундаменти на правниот систем и македонското општество мора да бидат демократијата, бескомпромисната примена на начелото на владеење на правото и зајакнувањето на граѓанската и политичката свесност за потребата правото да владее подеднакво за сите. Ние силно се залагаме за ефикасна и бескомпромисна борба против корупцијата и отстранување на системските аномалии што ја толерираат корупцијата, како и целосна одговорност и транспарентност, отчетност и ефикасност во работењето на сите институции и државни органи.

Од исклучителна важност е почитувањето на принципите на правда и правичност, еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите и квалитетна системска заштита на човековите права и слободи.

14. Крај на бирократијата

Јавната администрација задолжително треба да го подобри својот углед пред граѓаните – таа мора да претставува јавен сервис достапен до секој граѓанин. Наместо меѓународни извештаи кои говорат дека администрацијата е неефикасна и со недоволно изградени капацитети, ние мораме да градиме систем кој носи брзи и ефикасни резултати. Достоинството и честа на административниот работник, од друга страна, мораат да се уважуваат и почитуваат. Граѓанинот не треба да биде странка – туку клиент на јавната администрација. Граѓаните и бизнисите од државата бараат отворено, транспарентно, отчетно и ефективно раководење со ресурсите.

ВМРО-ДПМНЕ се залага за системски и сеопфатен пристап во процесот на реформата на јавната администрација, групирајќи ги мерките и активностите во четири приоритетни области согласно позитивните меѓународни принципи за јавна администрација. Преку национална Стратегија за Реформа на јавната администрација, која ги зема предвид препораките и забелешките на сите релевантни домашни и странски експерти и организации, треба да создадеме администрација која целосно ќе ги исполнува стандардите на европскиот административен простор, ќе биде вистински ефикасен сервис на граѓаните во остварувањето на нивните права, но и ќе го помага економскиот раст и обновата во Република Македонија.

Јавните услуги кои се ефикасни и брзи се еден од клучните услови за подобрувањето на атмосферата за водење бизнис. Потребен ни е нов концепт на Регулаторна гилотина 2.0, кој ќе значи укинување и поедноставување на закони и правилници во насока на либерализација на водењето бизнис, како и детектирање на бирократските лавиринти и нивно надминување во соработка со бизнис-заедницата и граѓаните.

Ние се залагаме за ограничување на дискреционите овластувања на носителите на функции и раководните лица. Напорите и реформите во регулативата треба да бидат насочени и кон подобрување на правниот систем со цел намалување на правните бариери, кои се однесуваат на непотребни закони, правила и процедури, како и парафискални давачки, кои ги зголемуваат трошоците за водење бизнис.

Македонија мора да преземе активности за функционално и структурално реорганизирање на институциите, што подразбира спојување, затворање или отворање нови институции во зависност од системските потреби. Процесите треба да продолжат и на локално ниво, со што ќе се идентификуваат оптималните институции од областа на здравството, образованието, културата и јавните претпријатија кои се неопходни според бројот на жители и седиштето на општината. Со оваа реорганизација институциите ќе ги зајакнат своите капацитети, административните службеници ќе добијат можност за напредок, ќе се воспостават јасни линии на отчетност и транспарентност, а на граѓаните со оптимални средства ќе им се обезбедат квалитетни и ефикасни услуги.

Комплетната дигитализација на јавните услуги треба да води кон зајакната ефикасност на јавната администрација, што ќе ја поттикне отчетноста во работењето и ќе ја намали корупцијата. Преку

 

дигитализацијата ќе се намалат и дискреционите овластувања во административниот апарат, што ќе влијае на ефикасноста, намалувањето на бирократијата и коруптивните практики.

15. Спортот, нов државен концепт

Македонија знае да победува. Во изминатите години нашите спортисти остварија особени успеси на меѓународно ниво во индивидуалните и колективни спортови, на репрезентативен и клупски план. За ВМРО-ДПМНЕ, во рамките на професионалниот спорт, огромно значење има следењето на трендовите во развиениот свет каде спортската едукација, професионализмот и медицинската наука имаат сè поголемо влијание во остварувањето на врвни спортски резултати.

Ние вистински ги поддржуваме професионалните спортисти. Преку инфраструктурни проекти и директна помош на федерациите, клубовите и спортските поединици, градиме платформа за нови европски и светски успеси за гордеење.

Спортот започнува уште во градинките, преку училиштата и универзитетите а се практицира и во повозрасните години. Целта е инволвирање во спортот и физичка активност на сите деца од најрана возраст, најмногу поради  здравствени причини. Ние се залагаме за масовизација на спортот, при што ќе се постигнат трајни вредности во развојот на личноста, ќе се поттикне социјализацијата, ќе се оформи позитивен и здрав начин на живеење. Преку едукација за правилна исхрана, запознавањето со важноста на физичката активност, воспоставувањето на спортска култура ќе се создаде основа за превенција од сет на здравствени заболувања. Особено е значајна масовната застапеност на жените во спортот и спортските активности, истакнувајќи ја слободната можност и рамноправност на нејзиното учество во практицирањето и раководењето во спортот, борејќи се против родовата дискриминација и насилството над жените.

Спортот е еден од најдобрите начини на инклузија и социјална ангажираност. Државата има обврска на лицата со телесна и друга попреченост, да им даде еднаков третман и услови за занимавање со спорт и спортска рекреација.

Затоа, занимавањето со спортски активности треба да биде достапно до секого. Преку сеопфатни инвестиции во спортска инфраструктура, поддршка на младите спортисти, спортските клубови и сите спортски работници, општеството треба да се залага за поставувањето на спортот за врвен приоритет во борбата за градење здрава нација.

Следењето на светските научни достигнувања во областа на медицината и нивна имплементација во рамките на можностите, има посебна цел во однос на превенцијата на болести како примарна здравствена заштита, раното откривање на болести и нивно лекување. Ние се залагаме за воведување на нови високи стандарди во спортската здравствена заштита, кои ќе значат превенција и третман и на спортските повреди и на проблемите со зависности во спортот.

16.  Културата и историското наследство се наш вредносен суперлатив

ВМРО-ДПМНЕ ја вреднува културата како специфична и хетерогена сфера што ја сочинуваат сите материјални и духовни вредности, кои се дел од севкупните општествени процеси. Задача и цел на државата е максимално да ги вложи своите институционални капацитети и механизми во функција на стимулирање, помагање, унапредување и развивање на културните односи во општеството.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека културата треба да биде ставена во функција на севкупниот развој на државата.

Заштита на културното наследство во функција на промоција и афирмациjа на културните вредности на Македонија. Македонија го воодушевува светот со својата култура и културното наследство. Ако светот не нè запознае и препознае, тоа е исто како и да не постоиме, затоа што имаме што да му покажеме на светот на културен и уметнички план. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на зголемување на видливоста и препознатливоста на културата на Македонија во меѓународни рамки.

Се залагаме за силна стимулација на творештвото на авторите од Македонија, без оглед на верската, етничката, политичката и друга припадност. Културната разноликост треба да се негува и унапредува, како основа за развивање на интеркултурниот дијалог. Во таа смисла, наша обврска мора да биде унапредување на условите за развивање на културата и подобрување на статусот на културните работници во Македонија.

Културата треба да биде дел од севкупните општествени текови. Затоа, наша обврска е соодветна застапеност на културата во образовниот систем, создавање амбиент кој ќе биде одговор на културните потреби на младите и програми за поттикнување на нивната креативност, збогатување на културниот живот во општините на Македонија преку дисперзија на културните содржини и овозможување поголема културна партиципација.

Клучни приоритети за ВМРО-ДПМНЕ во културата се: зачувување и зацврстување на културниот идентитет како на македонскиот народ, така и на културниот идентитет на етничките заедници во Македонија; соодветната и континуирана заштита, валоризација и промоција на македонското богато културно наследство, како сведоштво за нашето постоење во минатото; силна поддршка за уметничкото творештво; промоција и поддршка на културните работници; создавање линк помеѓу културата и индустрискиот сектор (ККИ) кој ќе придонесе за креативна примена на идеите, па оттука уметничкото творештво ќе се сфаќа како развојна компонента на националната економија.

Културата, како врвен национален вредносен критериум, може да биде и основа за туристички развој на државата и севкупен економски напредок. Главна цел и стратешки приоритет во туризмот треба биде континуирано зголемување на бројот на туристи во земјата преку градење на нов модел за развој на туризмот и креирање на нови туристички понуди и форми на туризам, промоција на земјата како атрактивна туристичка дестинација со богати туристички содржини и зајакнување на човечките ресурси во секторот на туризмот и угостителство.

17. Македонската дијаспора е нераскинлив дел од националното ткиво

За ВМРО-ДПМНЕ, македонската дијаспора била и секогаш ќе биде од огромно значење. Нашата визија е безбедна, диверзитетна и просперитетна македонска нација, обединета преку нашето историско наследство, јазик и култура без оглед на границите на државите во кои Македонците престојуваат или живеат.

ВМРО-ДПМНЕ стои во заштита на правата на македонската дијаспора секаде во светот. Обврска на државата е постојаната грижа за македонското малцинство во државите од соседството во согласност со позитивните домашни законски прописи, и целосно почитувајќи ги обврските содржани во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа и Европската конвенција за заштита на човековите права.

Партијата се залага за јакнење на македонскиот национален идентитет, култура и јазик кај дијаспората преку различни проекти, а во координација и соработка со македонските здруженија и организации од дијаспората. Во таа смисла, од исклучително значење е и поддршката за изучувањето на македонскиот јазик за Македонците кои живеат надвор од Македонија, обновување на дипломатската иницијатива за промоција на катедри по македонски јазик и култура на елитни универзитети во Европа и регионот, како и приспособување на учебници и курсеви по македонски јазик.

ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на обезбедување на механизми за поврзување и враќање на иселениците во Република Македонија. Како и во минатото, и денес се заложуваме за поврзување на Македонците од дијаспората со татковината.

Ние ќе продолжиме со воспоставената практика на привлекување на успешни членови на македонската дијаспора да живеат и работат во државата. Нивниот придонес бил и ќе биде еден од најзначајните компоненти кои ќе го градат севкупниот напредок на Македонија во иднина.

 

Линк за симнување:

https://drive.google.com/file/d/1rcWChH3BbbJqW8sY56CqAgM5uxDnZuQJ/view?usp=sharing

 

Извор: ВМРО ДПМНЕ 

Прочитајте

МЗ: Жителите на општина Илинден ќе добијат нов здравствен дом

0
Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, заедно со заменик министерот, Јовица Андовски и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски направија увид во градежните активности...