spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeПолитички партииВМРО-ДПМНЕПред 4 години јас верував во мојата цел, ВМРО-ДПМНЕ да ја реформираме...

Пред 4 години јас верував во мојата цел, ВМРО-ДПМНЕ да ја реформираме и да ја вратиме на победничките патеки

Пред 4 години во тој студен декември, на Конгресот каде ја добив поддршката од партијата точно се сеќавам на секој мој збор и ветување.

И точно е дека ВМРО-ДПМНЕ претходно беше на власт повеќе од 10 години, партијата победуваше на многу изборни циклуси, но следеше неуспехот тој Јануари 2017-та да се состави влада, по што дојдоа локалните избори истата година, кога се доживеа тежок пораз.

Секоја победа која доаѓа не е резултат само на успешна тактика, или кус спринтерски натпревар каде треба да се истрчаат стотина метри, туку е работа на сериозна подготовка, сублимат на целото искуство и труд вложени претходно. Но истото важи и за поразот кој не е резултат на само неколку неуспешни месеци, туку провлекување на сериозни нерешени проблеми пред кои човек мора да се исправи и да ги согледа реално.

Ова го кажувам само за да ја опишам таа 2017-та година кога ВМРО-ДПМНЕ имаше сериозна ерозија, нарушен коалициски потенцијал поради и што не се формираше владата. Партијата беше неоправдано стигматизирана како радикална структура која е произведувач на конфликти, нешто што беше свесно направено со цел да се наруши коалицискиот потенцијал. На извесен начин беше меѓународно изолирана, со многу проблеми во комуникацијата со државите кои беа стратешки партнери на Македонија. Третиот сериозен проблем беше потребата од сериозни кадровски и структурни промени. Премногу крила и поединечни лоби структури, во чии ставови и во нивната оправданост нема да навлегувам, но секако ќе се сложите дека таквата ситуација ја слабееше партијата.

Пред 4 години најчестите квалификации кои партијата ги добиваше од пошироката јавност беше „најбогатата партија во источна Европа“, седиштето се ословуваше како „белиот дворец“, а внатре кабинетите велеа дека се од злато и што уште не. Јас поминав како претседател 4 години во ВМРО-ДПМНЕ ама уште кабинети од злато не видов, а сметката на партијата никогаш не беше попразна, додека во седиштето освен ентузијазмот мој и на тие што почнавме заедно да работиме и во саботите и во неделите, и ноќите и деновите немаше ништо од тоа што однадвор беше оценувано како луксуз.

Нормално кога партијата е во опозиција тие тапшачите на рамења први заминуваат,како и оние кои себеси се гледаат како лидери само кога власта е на дофат, но тоа остава простор да се засилат темелите, да се отворат прозорците, да се прочисти воздухот, да се направи една катарза, да се наполнат градите и да се тргне напред.

Многумина мои блиски пријатели кои се надвор од светот на политиката кога им ја соопштив намерата дека планирам да се кандидирам за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а сите од нив знаејќи ја состојбата во која се наоѓаше партијата тогаш, ми велеа дека не ми треба таа главоболка, дека имам успешна кариера и дека Европа, светот ни стои пред нас за освојување, работа, нови предизвици и такво редење на, како што нашиот народ вели, здрава нога во трн,ми е најмалку потребно.

Но, и тогаш, и сега, истите луѓе кои се однадвор не можат да ја разберат нашата емоција и чувства кои ги имаме кон зборот кој за нас има посебно значење -ВМРО, од чие говорење затреперува срцето, кон чие пишување се однесуваме со посебна почит и историско уважување, како и фактот дека кога е тешко човек не смее да отстапи.

Не сум човек кој се откажува, тоа не е во мојата природа, и кој, ако не ние, не се зафатиме со работата кога е најтешко. И кога беше најтешко имаше луѓе кои веруваа во мене и ме поддржаа, а јас верував во нив и во мојата цел, ВМРО-ДПМНЕ да ја реформираме и да ја вратиме на победничките патеки. Затоа што само силно ВМРО-ДПМНЕ ќе значи и силна Македонија.

Во Валандово од збор до збор се сеќавам на моите зборови со кои ја поставив дилемата дали ќе успееме и дали ние ќе бидеме генерацијата која ќе донесе промени и придвижување на Македонија. Одговорот кој тогаш го кажав, беше не знам. Но, дали со сета моја сила, знаење, одговорност и интегритет ќе се трудам да донесам успех? Одговорот беше да.

4 години подоцна ќе дадам одговор на оваа тогашна дилема. Сега знам дека ќе успееме. Повторно вложувајќи го сето наше знаење и способност за да успееме.
Ќе успееме затоа што нашата желба за успех е поголема од опцијата да доживееме неуспех, и затоа што поразот не е опција кога влогот е Македонија, нашата иднина, и иднината на нашите луѓе и семејства.

 

 

 

 

Извор: ВМРО ДПМНЕ 

Прочитајте

МЗ: Жителите на општина Илинден ќе добијат нов здравствен дом

0
Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, заедно со заменик министерот, Јовица Андовски и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски направија увид во градежните активности...