spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeПолитички партииВМРО-ДПМНЕОстваривме 3 клучни работи, создадовме коалиционен капацитет, подобри односи со стратешките партнери...

Остваривме 3 клучни работи, создадовме коалиционен капацитет, подобри односи со стратешките партнери и зајакната и реформирана партија

На почетокот од мојот мандат имајќи го сево ова предвид се обврзав на три работи кои ги сметав за клучни. Првата, да создадеме коалиционен капацитет на партијата, за да можеме да коалицираме со секоја партија која верува во истите принципи и вредности како и ние. Втората работа беше да се подобрат односите со стратешките партнери САД и ЕУ, затоа што ВМРО отсекогаш била прозападно ориентирана партија. Третата работа кон која се обврзавме да направиме реформи во партијата кои ќе ѝ донесат успех на избори.

Денес ВМРО-ДПМНЕ е посакуван политички партнер од сите партии кои веруваат во нашите принципи и вредности. За прв пат по подолго време ВМРО-ДПМНЕ ги сруши стереотипите и направи коалиција со албанска политичка партија затоа што мојата филозофија е да веруваме и да инвестираме во вредности и работи кои нè обединуваат. Тоа пред само 4 години беше незамисливо за ВМРО-ДПМНЕ која во очите на пошироката и меѓународна јавност беше претставувана за радикален елемент.

Денес имаме отворена комуникација со сите партии, без оглед на тоа каков предзнак имаат. И фала му на Бога што со дел од нив како оние од власта имаме отворени разлики, кои не се врз основа на нашата идеолошка матрица ниту национална припадност, туку врз основа на тоа какви вредности браниме. Нашите политички конкуренти ги обединуваат тендерите, нас мора да нè обединува целта да ги решаваме проблемите без да навлегуваме во некаква националистичка реторика која ќе нè разединува и се користи веќе 30 години од партиите како завеса за прикривање на нивните криминални интереси.

По вториот круг од изборите пред седиштето на ВМРО покрај партиското црвено црно, и македонското знаме се вееше албанското, а без притоа јас да ветам некакви национални романтизми и да ги излажам Албанците со некакви големи идеи од кои едната нација ќе се почувствува како подредена на втората како што тоа го правеше Заев и СДСМ, туку единствено што нè обедини е идејата под еден кров да го градиме нашиот заеднички дом Македонија. Да ги решаваме нашите заеднички проблеми и да се осврнеме на тоа како до подобар живот.

Ја остварив и втората работа да се подобрат односите со стратешките партнери САД и ЕУ. Тука вложив доста труд и денес ВМРО има нормална и подобрена комуникација со меѓународните пријатели. Јасна и недвосмислена е нашата ориентација кон САД и ЕУ. Не велам дека тоа е однос на подреден и надреден, на газди и слуги, ниту пак ветуваме со рацете на градите како Заев работи кои се на штета на нашите интереси, но пред сè тоа е однос на рамноправни соговорници, на тези и аргументи каде мора да владее заедничкото почитување, дури и тогаш кога принципиелно не се согласуваме. Во секој разговор сега и во иднина на прво место се народот и неговите интереси.

Ја остварив и третата заложба,да ја реформираме и да ја зајакнеме партијата. На сцена се многу нови луѓе, засилена организација на комитетите и нови градоначалници кои за прв пат ја имаат одговорноста да управуваат со општините. Но истовремено собравме сили да ги обединиме сите структури. Не сум приврзаник на тезата дека сè почнува од мене, и дека кога гледаме наназад не треба да се сетиме на ниту еден кој дал придонес и е подготвен да се вложува себеси во иднина, но сето тоа мора да е организирано со многу нов елан, со нова енергија која ќе направи совршена комбинација од најдобрите решенија кои на ВМРО ќе му носат победи, а на Македонија решенија на напластените проблеми. Денес ВМРО има нов лик, нов потенцијал за градење на иднина. Не велам само една нова генерација, туку спој на најдобрите генерации кои ќе донесат успеси. Ќе го покажеме најдоброто од сите генерации.

 

 

 

Извор: ВМРО ДПМНЕ 

Прочитајте

МЗ: Жителите на општина Илинден ќе добијат нов здравствен дом

0
Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, заедно со заменик министерот, Јовица Андовски и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски направија увид во градежните активности...