spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаДимитров: „Горчливо е чувството кога се чита Изјавата на Бугарија што во...

Димитров: „Горчливо е чувството кога се чита Изјавата на Бугарија што во средата ја даде кон заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ“

Во вчерашното интервју за ТВ 24, заменик претседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров, зборува за ветото на Бугарија и неговото влијание врз македонско-бугарското пријателство, но и врз внатрешната динамика на политичката  сцена. Тој ја коментира бугарската позиција и преку Изјавата што на последниот Совет за општи работи на ЕУ (14 декември 2021г.) Бугарија ја испрати кон заклучоците на Советот.

Димитров: „Горчливо е чувството се разбира кога ја прочитав изјавата што Бугарија ја даде во средата кон Советот за општи работи, кои што се усвоија во вторникот. Таа изјава е крајно разочарувачка, Бугарија поставува услови кои што се непроменети во основа, дури и за усвојување на преговарачката рамка, а вели дека усвојувањето на преговарачката рамка нема да значи автоматски одржување на Првата меѓувладина конференција. Повторно се споменува македонскиот јазик, црно на бело и со ова за жал, политиката на нашите комшии уште е низ призмата на „целосна победа – целосен пораз“.

Димитров потенцира дека кога се работи за билатерален спор меѓу соседни држави, не може да се реши проблемот со формулата „победа – пораз.“ Тој смета дека е навредливо во 21-от век, друга држава нам да ни зборува за нашиот македонски јазик. „Тоа е нецивилизирано, тоа е непристојно, па дури и безобразно. И не може македонскиот јазик да биде поинаку третиран од било кој друг европски јазик, од било кој друг јазик на континентот.“ – објаснува Димитров.

На честите бугарски изјави, вклучително и на претседателот Радев кој вели „ние сме повеќе од пријатели, ние имаме многу специјални односи“ вицепремиерот реплицира: „Читајќи ја Изјавата на Бугарија, со вакви специјални односи нам не ни требаат непријатели. Парадокс е да се зборува за добрососедство и истовремено да мора да се објаснува македонскиот јазик,а ниту еден друг јазик во Европа не се објаснува во контекст на ЕУ – тоа не помага, има тука големо лицемерие“ – појаснува Димитров.

Во интервјуто Димитров  ги коментира  непринципиелните барања на Бугарија:

Димитров: Сакаат билатералната клаузула којашто е реципрочна – они велат „македонскиот јазик во согласност со Уставот“, ние велиме „бугарскиот јазик во согласност со Уставот“ да стане европска формула па целата ЕУ да мора да ни го објаснува јазикот – таа работа не оди и апсолутно е инвестиција во зголемување на јазот, инвестиција во стереотипи, апсолутно не  е инвестиција во пријателство“.

 

Транскрипт од интервјуто на ЗПВ Димитров

Во однос на новоформираната политичка бугарска влада, Димитров зборува дека се’ уште не дошло до средба, а дека од македонска страна би сакале до таква средба да дојде што е можно побрзо, сеедно дали во Софија или во Скопје. „Во интервјуто за Financial Times премиерот Петков зборува за процес, зборува дека историјата е важна но и дека има други работи важни. Дека треба да го рашириме разговорот и на економија и на култура, и на безбедност и на здравје итн. Мислам дека тоа е добра порака и зборува за неколку месеци. Треба да седнеме да видиме што тоа значи, ние сме апсолутно отворени за сите грижи и проблеми во нашите билатерални односи да разговараме, меѓутоа не и за тоа кои сме и каков јазик зборуваме. “ – вели Димитров.

Во однос на Преспанскиот договор и неговото значење за заокружувањето на државноста како аргумент кој уште повеќе зборува за позицијата на Бугарија, Димитров објаснува: „Ја комплетиравме државноста во Обединетите нации. Ние сега зборувавме за фудбал, порано имаше други кратенки и други имиња – Поранешна Југословенска Република Македонија за нашата репрезентација. Ја затворивме личната карта во ОН, направивме некаква конечност оти ние имавме привремена референца, таа сугерира и привремена државност. Го затворивме тоа, влеговме во НАТО, ние сега живееме во еден историски важен процес каде се обидуваме последниот чекор да го направиме и конечно да ги затвориме односите со соседна Бугарија што ќе значи конечно затворање на македонското прашање. Тоа не може да биде поинаку освен општеството со отворени очи да разговара за историјата, а Бугарија да ја прифати сегашноста. Никако поинаку не може да заврши тој процес. И тој процес ние го почнавме со Договорот за пријателство кој што беше склучен пред Преспанскиот договор на 1 август 2017 год. и го создадовме механизмот како тоа да се направи и првите години имаше одлични ефекти: почнаа да паѓаат стереотипите, се зголеми туризмот, преминувањето на границата и македонски и на бугарски граѓани.

Само неколку дена пред декларацијата во бугарскиот парламент, од, ако не се лажам 10 октомври 2019 год, Бугарија на министерско ниво потпишува една декларација во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН, значи две недели пред декларацијата во собранието, имаме една декларација заедно со Грција, Романија и Хрватска, земји членки на ЕУ кои се дел од нашиот дел од Европа, Југоисточна Европа. Таму велат под итно ја повикуваат ЕУ да ги почне пристапните преговори со нас и со Албанија.

Што се случи во тие 14 дена, ние дури не’ добивме ниту ратификација, а имавме едно чудо отворени канали што ќе се случува таму. Дали очекувањата беа различни, јас и ден денес би ценел конкретен одговор на овие обвинувања“.

За обвинувањата од бугарска страна за кршење на Договорот за пријателство, Димитров јавно прашува на кој точно дел од Договорот се мисли со оглед на тоа дека токму од бугарска страна нема запазување на членот 2 во Договорот каде соседот се обврзува да ја поддржува европската иднина на Северна Македонија.

Димитров: „Која одредба ја кршиме ние од Договорот за пријателство? Еве јас можам да кажам дека оваа политика на Бугарија не можам да ја спојам со членот 2 оти да поддржуваш не е да блокираш. Отворањето на прашањето за македонскиот јазик – нема да најдете професор по меѓународно право што нема да каже дека тоа е во срцето на внатрешните работи, а во договорот вели ние нема да се мешаме, тие нема да се мешаат во нашите внатрешни работи. Македонскиот јазик е во срцето на нашите внатрешни работи, тоа е нашето право на самоопредлеување, не може да се мешате во тоа.

Еве јас кажувам два примери јавно каде тврдам дека актуелната политика за жал потврдена со Изјавата национална на Бугарија кон заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ, се коси со овие две одредби од Договорот за пријателство.“

Коментирајќи ги честите бугарски напади за пренесување на билатералното прашање од македонска страна во разговорите со нашите партнери од ЕУ, Димитров воочува дека токму Бугарија е таа која што тоа прашање го стави на масата во Брисел: „ Ние постојано бараме средби и во Софија и во Скопје и не сме ние тие коишто билатералното прашање го направија европско и го ставија на масата во Брисел. И кога веќе прашањето е европско сосема е легитимно ние да одиме и да објаснуваме каква е работата. Да не беше ставено прашањето во Брисел на маса, апсолутно немаше да оптеретуваме никој. Да не беше ветото, ниту ќе влиајеше врз политиката на ЕУ на Балканот и ова најлогично и најприродно е  да го решаваме билатерално. Ние овде имаме една ситуација кога билатерален однос блокира еден исклучително важен мултиралерален процес, а тоа е процесот на европската интеграција. “ – заклучи Димитров.

Во контекст на домашните случувања и како ќе тече реформската агенда, Димитров одговара на новинарското прашање каде треба да се вложува енергијата и како да не се падне во замки слични од минатото: „Имаме еден голем предизвик, патот е очигледно исклучително тежок, има искушение да паднеме во замката на жртви, на логиката на Калимеро, дека нема правда. Мислам дека со тоа ќе направиме грешка, дека мора да имаме поинаков менталитет. Треба малку повеќе да веруваме во себеси и сопствената судбина да си ја земеме во своите раце.Време да ги извлечеме поуките и лекциите од овие шест месеци циклус на надежи и разочарувања. Пристапниот процес, кој што не е магичен и волшебен и кој што не го менува животот преку ноќ и нема да дојдат административци и лидери од Брисел овде нас да ни ја вршат работата и да ни ги средуваат политиките, секторите, ние сме тие што тоа мора да го правиме и затоа мислам дека би било мудро поделбата на нашата енергија која што не е бескрајна, да биде во станување господари на сопствената судбина, да се обидуваме се’ што е разумно да ги надминеме, меѓутоа главната енергија да ни биде да си ги средуваме работите дома едно по едно, чекор по чекор, сектор по сектор. Имаме исклучително многу работа.“

 

 

 

 

 

Извор: Секретаријат за европски прашања 

Прочитајте

МЗ: Жителите на општина Илинден ќе добијат нов здравствен дом

0
Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, заедно со заменик министерот, Јовица Андовски и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски направија увид во градежните активности...