Вицепремиерот Бојан Маричиќ во гостувањето во вестите на телевизија Сител рече дека македонските позиции во преговорите со Република Бугарија ќе бидат поставени прецизно, за обврските коишто ќе се договорат, да има гаранции дека ќе бидат спроведени.
-Важно е и ние да имаме гаранции, не само Бугарија, за работите коишто ќе ги договориме дека ќе бидат спроведени и дека со нивното исполнување ќе биде отстрането ветото. Потребно е на правилен начин да биде усвоена преговарачката рамка, во која сакаме да се најде само она што одговара на европските вредности. Не смее процесот на европеизација да стане процес на билатеризација или процес на оптоварување на преговарачката рамка со билатерални прашања. Тоа е важно и за другите држави членки, тоа е важно и за Европската Комисија бидејќи таа може да проектира услови само врз основа на тоа што е дел од европското право- кажа вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ на прашањето за употребата на македонскиот јазик во преговарачката рамка потенцираше дека никакви задршки не смее да има околу македонскиот јазик.
-Во однос на јазикот сум кажал повеќе пати дека ние не можеме, ниту сакаме да отстапиме од тоа дека имаме право да говориме македонски јазик и така да го нарекуваме.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Маричиќ истакна дека во моментот е важна патеката што е зацртана во новите односи со Република Бугарија и по која се движи работата на работните групи и верува дека со политичката комуникација на највисоко ниво и меѓу претседателите и меѓу премиерите и меѓу членовите на Владите, има добра волја од двете страни да се затворат отворените прашањата и Северна Македонија да продолжи со реализиција на евроинтеграциската агенда.























