Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, завчера имаше средба со Амбасадорите на земјите членки на ЕУ, акредитирани во Северна Македнија. Средбата беше во функција Министерот да ги брифира Амбасадорите и да даде пресек за актуелните случувања поврзани со европската агенда на земјата, особено предизвиците во билатералните односи со Бугарија и процесот на усвојувањето на преговарачката рамка како предуслов за почеток на преговорите со ЕУ.
„Северна Македонија демонстрираше посветеност кон европската интеграција, реформскиот процес и регионалната соработка создавајќи со тоа стратешка кредибилност пред своите партнери. Не отстапуваме од нашата амбиција да продолжиме со надворешната интеграција со нашето најблиско соседство, кое посакуваме да резултира со стабилни и квалитетни добрососедски односи, со потенцијал да преминат во трајно пријателство со силна меѓусебна доверба“, истакна Османи.
На средбата се дискутираше и за учеството на Северна Макоеднија во заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Во тој контекст, Османи истакна:
„Нашата држава во 2021 година има постигнато висок степен на усогласување со позициите на ЕУ, дури 96 % што е индикатор дека земјата ги споделува вредностите и проинципите на надворепшната политика на Европската Унија.”
Зборувајќи за надворешната политика на земјата, Османи се осврна и на регионалните и на безбедносните предизвици и за ситуацијата во и околу Украина, што претставува закана за европската и меѓународната сигурност.