spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeПолитички партииВМРО-ДПМНЕНовиот патриотизам значи да се обединиме сите, христијани, муслимани, атеисти во идејата...

Новиот патриотизам значи да се обединиме сите, христијани, муслимани, атеисти во идејата за заедничка иднина, тоа е Македонија за сите луѓе

Добар ден до учесниците на оваа трибина.

Почитуван градоначалник на Општина Гостивар д-р Арбен Таравари,

почитувани професори – учесници на трибината,

уважени гости, драги пријатели,

почитувани пратеници во македонското собрание

Денес се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик и би рекол дека нема подобро место и поважна симболика од таа да се одбележи овој ден токму тука во градот Гостивар, место каде имаме симбиоза на традиции, култури, обичаи, општина каде официјално се говори на три јазика, каде луѓето не живеат едни покрај други туку едни со други. Место каде луѓето одлично се разбираат и имаат почит за себе, но имаат почит и кон другите.

Мајчиниот јазик е најважното идентитетско обележје на еден народ и на неговата култура. Навистина тој е идентитетот на луѓето или како што Блаже Конески велеше, тој е единствената неподелена татковина, мисла која во суштина не одразува територија, туку идентитет на народ, го означува неговото постоење, богатството и е неговата лична карта пред целиот свет.

Тоа сме ние пред светот, со сите наши особености, со сите наши предизвици од историјата до денес.

Јазиците го одбележуваат постоењето на народите дури и пред постоењето на државите, затоа јазикот претставува најважниот столб на идентитет врз кој се потпира и се гради државата и затоа многу сериозно и со голема претпазливост треба да се приоѓа кога се разговара за секое прашање кое се однесува на јазикот на еден народ, бидејќи тоа е неговото најзначајно обележје.

Тоа е живиот доказ за нашето постоење, битисување и нашето признавање пред светот. И затоа повторувам затоа  трговијата со јазикот, значи сечење на столбот на еден народ и една држава, неговото разнебитување би значело разградување на супстратот на нашето постоење. Ете затоа е важно неговото почитување, неговото признавање и неговото доследно практикување.

И тоа што мајчиниот јазик претставува за нас Македонците, подеднакво нивниот мајчин јазик претставува и за другите заедници кои се застапени во нашата Македонија. И не може да бараме почит, доколку не понудиме почит. Тоа што сакаме да го почитуваат кај нас Македонците, мора да значи да го почитуваме и кај останатите заедници во Македонија.

Затоа потребно е да научиме да се слушаме едни со други, да се почитуваме дури и тогаш кога не се согласуваме.

На мајчиниот јазик се радуваме, но на мајчиниот јазик и тагуваме. И верувајте, болката на мајката Македонка, е иста и со болката на мајката Албанка или Турчинка. Радоста на детето Ромче, е иста и со радоста на детето кое е од српска, бошњачка или влашка заедница. Сите со свој мајчин јазик, но сите со иста болка, со иста радост, со исти желби и потреби. И затоа велам дека Македонија е за сите луѓе! Македонија за сите луѓе кажете го на сите јазици, но значењето сепак на крајот е исто. Македонија е за сите луѓе затоа што ова не е само обична политичка порака или слоган, туку суштината, темелот врз кој ние треба да го градиме нашето заедништво. И не треба да измислуваме нови парадигми, туку само треба да го следиме пулсот на народот, на тоа што навистина му треба и на тоа што го мачи.

Верувајте, нема некој што повеќе е на терен од мене, по неколку пати сум ги посетил речиси сите населени места во Македонија, и морам да кажам – маката, проблемите буквално за сите се исти. Дали било тоа гостиварско Врапчиште или велешко Башино Село. И Македонците и Албанците и Турците имаат исти предизвици, исти рани, исти потреби.

Кога одат автобусите за странство тагуваат и родителите Македонци и родителите Албанци, и Турци и останатите. А, зошто се доведовме до тука?

Затоа што политичарите премногу се гледаат низ нишани. Затоа што креирањето на конфликти стана политичка задача на тие што го водат народот за полесно да ги злоупотребуваат привилегиите што ги носи власта?

Затоа што ако не зборуваат за некакви националистички романтизми и не го трујат народот со отровот на омразата и големите национализми, ќе треба да објаснат на крајот од денот зошто нема водовод и канализација по селата низ Македонија, зошто ги уништуваат општините, зошто тапкаме во место и не одиме кон ЕУ, зошто едно Тетово кое се наоѓа под Шар Планина нема вода за пиење и редица други реални потреби на секој еден граѓанин.

Народот бара иднина, а не зборови. На народот му се потребни сигурност и решавање на проблемите, а не вртлог на национализми, омрази и големи лаги.

И затоа кога ќе зборуваат тие за некакви квоти, јас ќе зборувам за отворање работни места, кога тие ќе се удираат во гради со национализам, јас ќе зборувам за решавање на проблеми, кога тие ќе зборуваат за политика на наши и ваши, јас ќе зборувам за политика на единство.

ВМРО-ДПМНЕ нема да паѓа во стапиците на големите измислени теми кои се параван за да продолжат со злоупотребите. Новиот патриотизам подразбира да се обединиме заедно сите и леви и десни, и христијани и муслимани и атеисти, во идејата за една заедничка иднина. ВМРО-ДПМНЕ се движи со идејата една заедничка Македонија за сите луѓе, каде сите ќе се почитуваат со сите свои желби интереси и потреби.

И не ми е тешко никогаш да дојдам овде во Гостивар, Тетово и во Дебар, затоа што гледам имам за пријатели прекрасни луѓе кои имаат желба за сигурна иднина, затоа ќе се бориме и затоа ќе работиме заедно. И ќе говориме на нашиот мајчин јазик и ќе се почитуваме. Ова е ново поглавје на ВМРО-ДПМНЕ за нов заеднички патриотизам каде има место за сите кои сакаат да стават крај на поделбите, омразата и бариерите. Време е да се остават нишаните, партиските поделби, и мора да дадеме одговори на вистинските потреби на народот. Затоа што впрочем Македонија нели е за сите луѓе. И ова се мали чекори, но со огромна важност. И знам дека нема за сè да се согласиме, но ќе се слушаме и почитуваме едни со други. И затоа не ми е важно кој од која заедница доаѓа туку што носи со себе. Квалитет и компетенции пред припадност на партии и заедници. И затоа во периодот што следува сакам во мојот тим на советници да имам луѓе од различни националности кои ќе ја дадат вистинската слика за она што значи реалност во Македонија.

Ние имаме одговорност во име на сиве овие луѓе да водиме, и да одиме напред.

И затоа велам дека не смееме да губиме време, туку заеднички и сложно да градиме иднина.

Почитувањето на овие принципи значи почитување и на различностите, да се обединиме во желбата да направиме повеќе за секој еден човек, да го почитуваме мајчиниот јазик.

Оваа трибина е добра можност за уште еден чекор во тоа во што веруваме. Професори, интелектуалци, заедно со мојот пријател Арбен Таравари зборуваме за иднина, затоа што така се сакаат граѓаните и така се гради Македонија.

Ви посакувам успешна работа, плодотворна дебата и да испратиме заедничка порака дека мајчиниот јазик е идентитет и дека Македонија е за сите луѓе.

Ви благодарам

Faleminderitshum

Teşekkürederim

Oven Saste

Хвала вам

Hvala

Haristo Multu

Да сте живи и здрави!

 

 

Извор: ВМРО ДПМНЕ 

Прочитајте

Кои се работните позиции во Администрацијата и колкава нето плата им...

0
За сите вработени во администрацијата и целата јавност – Javnaadministracija.mk ги објавува работните позиции согласно систематизацијата на работни места во јавната администрација на Северна Македонија. Дополнително, за секоја...