Поддршката која државата ќе продолжи да ја обезбедува за високообразовните и научните установи кои работат во областа на хуманистичките и општествените науки, беше тема за која се разговараше на средбата на министерот за образование и наука Јетон Шаќири со деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, проф. д-р Ратко Дуев.
Министерот Шаќири рече дека кадарот кој го продуцираат образовните и научните установи од овие области е основа за непречено функционирање на повеќе општествени системи, а дека со резултатите од научно – истражувачка работа даваат придонес кон обезбедувањето на инклузивен и одржлив развој на општеството во целост.
„Особено ја ценам работата на Филозофскиот факултет, кој повеќе од 100 години го развива и реализира научниот потенцијал во хуманистичките и општествените науки. Факултетот има квалитетни наставно – научни програми кои верувам дека ќе продолжите и во иднина да ги надградувате, модернизирате и со тоа да создавате уште поквалитетни генерации на академски граѓани“, рече Шаќири.
Деканот на овој факултет, проф. д-р Дуев изрази надеж дека во иднина соработката со МОН уште повеќе ќе се продлабочи и забрзано ќе се надминуваат предизвиците со кои факултетот се соочува, особен од аспект на обезбедување можности за ангажирање нов наставен кадар.