spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Континуирана поддршка на проекти за надминување на кризата и обезбедување развој

МФ: Континуирана поддршка на проекти за надминување на кризата и обезбедување развој

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) дава континуирана поддршка на РС Македонија во реализација на тековните проекти, којашто ќе продолжи и во иднина преку проекти од областа на зелената енергија, патната и железничка инфраструктура. Во наредниот период, инвестициите ќе имаат клучна улога за постигнување економски раст. Енергетската криза особено покажа дека за нејзино надминување се значајни заеднички напори и инвестиции во енергетскиот сектор и обезбедување производство од домашни капацитети.

 

Тоа беше констатирано на средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими со потпретседателот за политика и партнерство на ЕБОР, Марк Боуман, генералниот директор на финансиски институции на ЕБОР, Франсис Малиж и директорот на ЕБОР надлежен за Република Северна Македонија, Анди Аранитаси.

Министерот Бесими на состанокот ја истакна активната и посветена поддршка што ѝ ја дава ЕБОР на Владата на РС Македонија во унапредување на подготовката и имплементацијата на приоритетните проекти и изрази уверување дека успешната и долгорочна соработка помеѓу Министерството за финансии и ЕБОР ќе продолжи и понатаму.

Владата на РС Македонија презема значајни чекори за справување со влијанието од ценовната и енергетската криза. Во услови на енергетска криза, важно е обезбедување енергенси од сопствени извори, односно проширување на капацитетите за производство на електрична енергија, а за таа цел добредојдена е поддршката од меѓународни институции, особено од ЕБОР. Пакетот-мерки на Владата со цел поддршка на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите изнесува 400 милиони евра. За да се ублажи растот на цените на електричната и топлинската енергија, од Буџетот се издвоени 10,6 милијарди денари поддршка за ЕСМ. За задржување на ликвидноста на компанијата, ЕБОР понуди финансиска поддршка за ЕСМ во износ од 100 милиони евра, којашто е во постапка на обезбедување.

Со финансиска поддршка од ЕБОР во делот на енергетската инфраструктура, се изведуваат проекти за 10 мегаватна соларна фотоволтаична плантажа изградена на окното на стариот рудник со јаглен во Осломеј, 30 мегаватни соларни фотоволтаици во Битола, како и нова потстаница за електрична енергија во Охрид.

Исто така, беше наведено дека природниот гас е клучен за економски развој на нашата земја и дека е потребна поддршка за затворање на финансиската конструкција за прекуграничната гасна интерконекција со Грција за која веќе се обезбедени 25 милиони евра од ЕИБ и 12 милиони евра грант од ВБИФ. Инвестицијата се проценува на 53 милиони евра. Со ЕБОР се работи и на изградбата на гасоводот, поточно делниците Свети Николе – Велес и Гостивар – Кичево.

На средбата беше истакнато дека РС Македонија ја цени поддршката на ЕБОР за рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, последна делница Крива Паланка – граница со Бугарија. Овој проект е еден од најголемите приоритети на Владата, имајќи предвид дека е значаен сегмент од неодамнешните разговори со бугарската страна. За реализација на овој стратешки проект наменети се 152,45 милиони евра грант од ВБИФ и 60 милиони евра од ИПА, а остатокот до 400 милиони евра ќе биде обезбеден со заеми од ЕБОР и ЕИБ.

Исто така, беше истакнато и значењето на проектот за изградба на железничката пруга Кичево – граница со Албанија, дел од Коридорот 8, за што се бараат финансиски средства. Воедно значајна е и поддршката на ЕБОР во реализацијата на проектот за изградба на автопатот Скопје-Блаце.

Министерството за финансии и Владата имаат амбициозна цел да го поддржат закрепнувањето на економијата и забрзувањето на растот. Заложбите се насочени кон постигнување стапки на раст над 5%. Во таа насока, Планот за забрзување на растот нуди координирана поддршка за поттикнување на инвестициите на јавниот и приватниот сектор во утврдените приоритетни области, како и начини на финансирање на проектите.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во РС Македонија и во изминативе 30 години има инвестирано над 2.2 милијарди евра во 159 проекти во земјата.

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте