Имплементација на антикризните мерки ќе ги следи економските движења, при што се очекува најголем дел од нив да бидат активни во четвртиот квартал од годината. Ќе има мерки и за граѓаните и за фирмите, и за поддршка за стабилизирање на цената на храната. Истовремено, преку прудентната политика ќе се задржи фискален простор, како и клучно, ќе се осигури одржувањето на макроекономската стабилност, пишува во својата колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни 19 милијарди денари насочени кон повеќе категории и цели, за апсорбирање на дел од ефектите од кризата. Околу една четвртина од овие средства се резерва за мерки. Понатаму, обезбедени се дополнителни средства за земјоделците за поттикнување на домашното производство, а со тоа и поволно дејствување врз цените на храната. За најранливите категории граѓани, обезбедени се дополнителни средства за справување со ценовните шокови, а се предвидуваат и средства за покачување на пензиите – системски, согласно растот на платите и трошоците за живот. Во ребалансот има дополнителни средства и за компаниите за субвенционирање на покачување на платите, како и програми за поддршка на инвестиции”, пишува министерот.
Бесими наведува дека дополнително, надвор од Буџетот, како поддршка на граѓаните и стопанството за справување со енергетската криза и инфлацијата се и поволните заеми од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 100 милиони евра за ликвидноста на ЕСМ, кои ќе го апсорбираат ценовниот шок на регулираниот пазар, односно се субвенционираат сметките на домаќинствата. Достапни се и средства од Европската инвестициска банка во износ од 100 милиони евра за поддршка на стопанството преку поволни и бескаматни кредити, на кои преку моделот на Планот за забрзан раст ќе се приклучат и комерцијалните банки со дополнителни 100-200 милиони евра. Исто така, тука се и постојните мерки пресметани во ребалансот, како намалениот ДДВ за електрична енергија за домаќинства, враќање на 2,2 милијарди денари на граѓаните преку проектот МојДДВ и други мерки коишто се системски поставени и им помагаат на ранливите категории, како што е гарантираниот минимален доход и други активни мерки на пазарот на трудот, вклучително и новата методологија за раст на пензиите и минималната плата согласно растот на инфлацијата и растот на цените, сè со цел заштита на животниот стандард и интегритетот.
Бесими посочува дека и покрај кризата, се задржува високата развојна компонента на Буџетот со 32,1 милијарда денари капитални инвестиции, кои и покрај надолната корекција со ребалансот се на највисокото историско ниво досега.
Извор: Министерство за финансии