spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeСамостојни органиСамостојни државни органиАХВ: Намалена употребата на антибиотици кај животните

АХВ: Намалена употребата на антибиотици кај животните

Согласно последниот извештај на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH) забележан е ветувачки тренд во трката за борба против антимикробната отпорност и зачувување на ефикасноста на овие критични лекови.

 

Париз, Франција – Според податоците пријавени во Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH, основана како OIE) во периодот помеѓу 2016 и 2018 година се бележи вкупно намалување од 27% на употребата на антибиотици кај животните ширум светот.

Сличен напредок е забележан во однос на употребата на антибиотици за поттикнување на растот. Во речиси 70% од земјите кои репортираат, не се практикува употребата на антибиотици кај здрави животни кои се користат за исхрана на луѓето а со цел за да се поттикне нивниот раст.

Во свет кој повеќе од кога било досега е глобализиран и меѓусебно поврзан, ова е позитивен чекор напред бидејќи покажува дека се поголем број фармери, сопственици на животни и ветеринарните практичари ширум светот ги прилагодуваат своите практики за попретпазливо користење на антибиотиците. Овие напори придонесуваат за заштита на здравјето на сите. Но, треба да се направи многу повеќе за да се зачуваат нашите терапевтски опции и да се надмине ширењето на заразните болести

изјавува д-р Моник Елоит, генерален директор на Светската организација за здравствена заштита на животните.

Антимикробните лекови, како што се антибиотиците, се рангирани меѓу најспектакуларните достигнувања на човештвото. Тие го отворија патот кон подобри услови за живот на луѓето и животните. Сепак, многу од овие лекови кои спасуваат живот ја губат својата ефикасност против бројни микроби. Феноменот е познат како „антимикробна отпорност“.

Делумно како природен процес, антимикробната отпорност може значително да се забрза со прекумерна употреба или злоупотреба на антимикробни средства, кои можат да вршат селективен притисок за да преживеат и да напредуваат патогените со особини на отпорност. Овие „супербактерии“ потоа можат да патуваат низ водните површини, почвата и воздухот, заразувајќи ги сите живи суштества, без оглед на нивниот вид, со кои доаѓаат во контакт.

Антимикробната отпорност е тивка закана за луѓето, животните, растенијата и животната средина. Таа влијае на сите нас.

Со децении, експертите предупредуваат дека антимикробната отпорност претставува закана за идните генерации. Сега е време дополнително да се забрзаат активностите против овој феномен кој веќе стана водечка причина за смртност кај луѓето. Само во 2019 година, околу 1,27 милиони луѓе починале поради бактерии отпорни на антибиотици, според студијата објавена во The Lancet.

Сепак, процентот на овие смртни случаи поврзани со антимикробната отпорност кај животните сè уште останува нејасен. Феноменот може да потекнува од популацијата на животни, луѓе или растенија, но понатаму претставува закана за сите други видови. За да се обезбеди ефикасна контрола, сите сектори мора да ги здружат силите и да поттикнат претпазлива употреба на антимикробни средства.

Собирањето и анализата на податоците за употребата на антимикробни средства е од клучно значење за целосно разбирање на оваа зголемена опасност. Со цел да се следат трендовите во секторот за здравствена заштита на животните, Светската организација за здравствена заштита на животните во 2015 година започна процес на собирање податоци на годишно ниво И покрај прекините предизвикани од пандемијата со Ковид-19, скоро 160 земји учествуваа во последниот циклус на собирање податоци, а некои од нив ги објавија и своите информации на националните платформи. Ова досега претставува најсеопфатен сет на информации достапни за употребата на антибиотици кај животните.

Основно за нашиот глобален пристап за собирање податоци и евалуација на употребата на антимикробни средства кај животните е да ја унапредиме агендата за едно здравје, заедно со нашите партнери. Решавањето на меѓусебно поврзаните и повеќеслојните предизвици предизвикани од антимикробната отпорност има потреба од постојана соработка – меѓу секторите, владите, академските заедници, граѓанските општества, приватниот сектор и мултилатералниот систем.

Како што се зголемува процентот на патогени отпорни на антимикробни средства, напорите на научната заедница да го забрза развојот на нови антибиотици и лекови за справување со „супербактериите“ треба да се удвојат

рече д-р Хавиер Југуерос-Маркос, раководител на Секторот за антимикробна отпорност и ветеринарни препарати на Светската организација за здравствена заштита на животните. „Она што е најважно, треба да поттикнеме поголема употреба на алтернативи како што се вакцините и да промовираме брзи придобивки како миење раце со вода со сапун и менување облека и обувки пред лекување или ракување со животните“.

Обезбедувањето пристап до сигурни и веродостојни податоци е стратешки приоритет, бидејќи им помага на лицата кои носат одлуки точно да идентификуваат каде на локално ниво е потребно да се спроведат итни активности, што го поддржува и глобалниот одговор на антимикробната отпорност.

Во секторот за здравствена заштита на животните ние сме на вистинскиот пат и сега мора да го искористиме овој момент и да продолжиме внимателно да ги користиме антимикробните средства доколку сакаме да ја зачуваме нивната ефикасност за идните генерации

предупредува д-р Елоит.

 

Повеќе информации на оваа тема се достапни на следните линкови:

 

Извор: Агенција за храна и ветеринарство 

 

Прочитајте

Илинден: Асфалтирање на локалниот пат Кадино – Мралино

0
Општина Илинден интензивно работи на подобрување на патната инфраструктура. Во рамки на програмата за Реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта извршено...