Во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање на Министерството за труд и социјална политика денеска се одржа работна средба на која присуствуваа претставници на институциите, меѓународните и граѓански организации, со цел презентација на мониторинг извештаите за напредокот на државата при спроведување на Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција за период од октомври 2018-декември 2021 година, од страна на Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Оваа активност се спроведува во рамките на проектот „На пат кон ЕУ: Спречување на насилството врз жените во Република Северна Македонија“ финансиран од Фондацијата „Kvinna till Kvinna“, имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се осврна на тоа дека нашата држава е меѓу првите земји што ја потпишаа Конвенцијата за спречување и борба против насилството над жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција), која влезе во сила на први јули 2018 година.
Во насока на имплементацијата, Владата го усвои „Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството над жените и домашното насилство на Република Македонија 2018–2023“.
Овој стратегиски документ ги дефинира активностите, клучните институции, индикаторите и временската рамка за преточување на одредбите на Конвенцијата во националното законодавство за периодот 2018–2023.
„Анализата треба да ни даде насока каде сме добри и каде треба да ги засилиме напорите како институции, вклучително со граѓанските организации, кои се постојано на терен. Соработката помеѓу владините институции и граѓанскиот сектор треба да продолжи и понатаму, уште поинтезивно, со единствена цел успешна имплементација на политиките и резултати кои што ќе ги дадат нашите очекувања, заштита од било која форма на насилство“, истакна министерката Тренчевска.
Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство подготви три извештаи за напредокот на Република Северна Македонија при спроведување на активностите предвидени во Националниот Акциски План (2018-2023) за имплементација на Истанбулската Конвенција. Првиот ги опфати првите две години, вториот извештај го опфаќа периодот до мај 2021 и третиот извештај се однесува за периодот од јуни до декември 2021 година. Извештајот упатува на неопходност од поголема вклученост и координираност меѓу институциите и зајакнување на капацитетите на човечките ресурси од институциите, со цел поуспешно справување со предизвиците кои се однесуваат на насилството врз жените и семејното насилство.
По презентацијата на извештајот, беше отворена дискусија за следните чекори за поуспешен процес на усогласување на Истанбулската Конвенција со постоечките националните политики.