spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeUncategorizedКовачевски: По 17 години чекање ги отвораме преговорите со ЕУ со заштитен...

Ковачевски: По 17 години чекање ги отвораме преговорите со ЕУ со заштитен и автентичен македонски јазик, идентитет и традиција

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и Претседателот на Владата на Албанија Еди Рама, утрово во Брисел имаа заеднички состанок со Претседателката на европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, и со премиерот на Чешка Петр Фиала како претставник од чешкото претседателство.

По состанокот премиерот Ковачевски заедно со останатите присутни одржаа прес-конференција. Во продолжение е изјавата на премиерот Ковачевски, пренесена во целост:

,,Во пресрет на меѓувладината конференција со која ги отвораме преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија, сакам најпрво да упатам искрена благодарност до сите наши пријатели во Европската Унија, за нивната поддршка, вклученост и посветеност на европската интеграција на Северна Македонија. Нивната заложба беше клучна ние денес, тука во Брисел да го направиме првиот чекор кој ќе нѐ одведе до полноправно членство во Унијата.

Вoедно, би сакал да упатам честитка и до граѓаните на Албанија, и до мојот колега Еди Рама, за отпочнувањето на преговорите и за нивната земја. Верувам дека овој нов почеток за регионот ќе значи просперитет и напредок. А кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Ние продолжуваме и понатаму со истата динамика на регионална соработка. Впрочем како што и досега одлично и целосно, во интерес на нашите граѓани работиме посветено во рамки на нашите автентични иницијативи и процеси на соработка. На тој начин, работиме за нас самите, но и за забрзување на процесот на интеграција во Европската Унија.

Почитувани граѓани,

Огромно е задоволството што после 17 години чекање, денес конечно ги отпочнуваме преговорите. Отвораме нови перспективи за државата и за граѓаните и полека но сигурно се приклучуваме кон големото европско семејство, што е наша приоритетна стратешка цел децении наназад.

Европски предлог кој го добивме, преку широк консултативен процес го препознавме како најдобро можно решение кое од повеќе аспекти ги почитува и задржува црвените линии, а во исто време дава конечно почеток на преговори. Во него, а за нас исклучително важно, е прецизиран македонскиот јазик без никакви дополнувања, дообјаснувања, астерикси. Со тоа се отвора вратата да нашиот македонски јазик стане еден од официјалните јазици на Европската Унија, што лично го сметам за најголемото достигнување и најважен успех.

Македонскиот јазик, на овој начин, не само што ќе биде заштитен, туку ќе доживее и неверојатна промоција со тоа што многу земји и култури кои традиционално немаат допир со нашиот македонски јазик, ќе можат да се запознаат со него. Воедно, нашиот идентитет, сé она што е автентично за нас и за нашиот јазик, култура, обичаи и традиција, ќе остане токму тоа, автентично македонско и во Европската Унија, а тоа воедно ќе биде поголемо богатство за Унијата и обединување во различностите.

Северна Македонија природно, вредносно и цивилизациски припаѓа во европското семејство. Нашето место е во Европската Унија. Ние досега многупати докажавме дека сме партнер од доверба на Европската Унија и за земјите членки и така и продолжуваме да работиме и функционираме во иднина. Затоа и очекувам да имаме позитивен пример за најбрза интеграција на земја членка во ЕУ исто како што имавме најбрза интеграција на земјата во НАТО. Ние сме подготвени за ЕУ!

Искрено се радувам, заедно со граѓаните на ова денешно добредојде од Европската Унија. Ако по утрото се познава денот, тогаш со сигурност ова ќе биде одличен ден, историски,  на кој ќе се гордееме и кој ќе нѝ обезбеди сигурна, безбедна и европска иднина.

Ви благодарам и посакувам успешна работа”, изјави премиерот Ковачевски.

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Карпош: Две образовни институции се збратимија со основното училиште „Драго Миловиќ“...

0
Градоначалниците на збратимените општини Карпош и Тиват, Стевчо Јакимовски и Жељко Комненовиќ, вчера потпишаа меморандум за соработка во областа на образованието. Станува збор за...