,Процесот на реформа на јавната администрација не запира, континуирано се имплементираат мерките и активностите предвидени во четирите приоритетни области од Стратегијата“, рече меѓу другото министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити на презентацијата на активностите во делот на реформата на јавната администрација.
Денеска беа презентирани нацрт Годишниот извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 – 2022 од 2021 година, наодите од евалуацијата на Стратегијата за РЈА (2018- 2022) – Клучни предизвици и препораки , како и Опис на процесот и динамиката на подготвување на Стратегијата за РЈА (2023-2030).
,„Имајќи во предвид дека Стратегија за РЈА (2018 -2022) е во последната година од имплементацијата, МИОА во наредниот период, односно до крајот на оваа година планира развивање на нова Стратегија за РЈА (2023 -2030), со веќе обезбедена поддршка од страна на СИГМА, со цел продолжување на процесот на реформата на јавната администрација во нашата држава“, рече министерот Алити.
Тој потенцираше дека при дизајнирањето на новата Стратегија за РЈА (2023 -2030), мора да се земат предвид и препораките согласно меѓународните документи каде се дава оценката за напредокот на нашата држава за реформата во јавната администрација, но се даваат и препораките за областите кои бараат дополнителни реформи.
Според него, од големо значење е вклучување на сите институции и останати засегнати страни во процесот. Веќе во МИОА е формирана работна група за подготовка на новата Стратегија со вклучени претставници од државни институции, граѓанскиот сектор и претставници на меѓународни организации со седиште во нашата земја.
,,Реформата на јавната администрација претставува една од клучните приоритети во пристапното партнерство и важен предуслов во процесот на европската интеграција на нашата држава. Модернизацијата и унапредувањето на државната и јавната администрација се постојано актуелни и се гледа како основ на целокупниот јавен сектор од кој зависат процесите и развојот во секое демократско општество. Од голема важност се Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2021 година,
Извештајот од спроведениот мониторинг од страна на СИГМА за РСМ за 2021 година, како и Заклучоците на Специјалната група за РЈА за 2021 година. Тоа се документи кои даваат реална и објективна слика на постигнатиот напредок, но и на областите кои бараат дополнителни реформи со цел да се усогласиме со стандардите на ЕУ” рече министерот Алити, уште еднаш истакнувајќи ја силната заложба на МИОА и Владата за модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти.
Извор: Влада