Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, се сретна со Маркета Пекарова Адамова, претседателка на Домот на пратениците на Парламентот на Чешката Република.
На состанокот е истакната блиската и пријателска соработка помеѓу Северна Македонија и Чешката Република, веќе 28 години до денес, со заедничка определба за натамошно унапредување.
Пренесен е ставот дека Чешката Република и Северна Македонија се активни НАТО партнери, како држави членки на Алијансата и е изразена надеж дека таа соработка ќе продолжи и како земји членки на Европската Унија.
Во таа насока е изразена силна поддршка за натамошната интеграција на Република Северна Македонија во Унијата, со честитки за напредокот и отворените преговори со ЕУ, во јули годинава.
Заеднички е оценето дека е потребно одговорно однесување од сите институции, како од Владата, така и од Парламентот, со цел Северна Македонија да го продолжи отворениот европски пат.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за поддршката од Чешката Република, како еден од најотворените и најгласните поддржувачи на евроинтеграциите на нашата држава.
„Донесовме одлуки за добра иднина на нашата држава и на граѓаните. Владата, во оваа економска и енергетска криза прави чекори во интерес на граѓаните и посветени сме кон брза интеграција во Европската Унија. Сега сме фокусирани на скрининг процесот со ЕУ, којшто верувам дека ќе заврши успешно, по што сите политички субјекти и институции ќе треба да го преземат својот дел од одговорноста, за да се осигура европската иднина на Република Северна Македонија“, рече премиерот Ковачевски.
На состанокот е посочено дека се цени поставеноста на надворешната политика на Северна Македонија, целосно на линија на Европската Унија, во однос на војната во Украина.
Заклучено е дека Европа е целосна заедно со државите од Западен Балкан, за постигнување одржлива стабилност и безбедност.
Во однос на ситуацијата во Украина, заеднички е констатирано дека застанувањето на страната на Украина е застанување на страната на демократијата и мирот во Европа и во светот и дека е неопходна солидарност помеѓу државите на европскиот континент, како во врска со ова прашање, така и во поглед на справувањето со последиците од војната, односно предизвиците на енергетски и економски план.
На средбата, министерката Петровска нагласи дека е одлична соработката помеѓу Северна Македонија и Чешката Република во областа на одбраната, а заедно со претседателот на Владата, Ковачевски ја истакнаа важноста и од заедништвото помеѓу НАТО членките во поглед на ситуацијата во Украина и надминувањето на безбедносните предизвици на глобален план.
Извор: Влада