Заменикот министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски заедно со делегација од МИОА, престојува во студиска посета на Шпанија, во рамки на која се предвидени многубројни активости во насока на размена на знаења и искуства во однос на прашања поврзани со јавната администрација.
Вчера во Барселона, во Школата за јавна администрација на Каталонија, заменикот министер Бајдевски го претстави системот на јавна администрација на Република Северна Македонија. Со свои обраќања учествуваа и високи претставници од Секторите за јавна администрација од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
Оваа студиска посета е во организација на Регионалната школа за јавна администрација(РеСпа) а меѓу темите за коишто ќе се дискутира се: рамка за компетенции, развојот на иновации во јавната администрација, колаборативни анализи, управување со човечки ресурси итн.
Студиската посета ќе продолжи во Мадрид, во Националниот институт за јавна администрација.
Активностите се во насока на остварување на приоритетната наша заложба, а тоа е модернизирање на администрацијата во служба на граѓаните.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација