Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, вчера заедно со швајцарската амбасадорка Вероник Улман и градоначалниците на деветте полошки општини направија теренска посета на регионалната депонија Русино за да направат увид во напредокот на активностите реализирани во рамки на проектот за Интегрирано управување со отпад финансиран од швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO).
Министерот Нуредини истакна дека првата фаза од проектот која вклучува реализација на интервентните мерки на депонијата Русино е успешно имплементирана, што е услов за преминување кон втората фаза – градење на инфраструктура и воспоставување на системот за управување со отпад. За оваа фаза од големо значење е донесување на Предлог-законот за заем од ЕБОР, со што ќе им се помогне на општините да инвестираат во воспоставување на системот.
„Ова е првата фаза којашто завршува, а втората фаза е продолжување на инвестицијата за собирање на отпад од целата држава. Ние како Министерство изготвивме Предлог-закон за заем од ЕБОР. Постапката за овој Предлог-закон по поминати 5 месеци е се уште во собраниска постапка. Со усвојување на Законот ќе се овозможи достапност до средствата што ќе бидат инвестирани во базична инфраструктура. Општините за жал немаат финансиска моќ сами да инвестираат и сите сме свесни за тоа. Преку средства од заем ќе им помогнеме на општините. Многу е важна соработката меѓу општините од регионот, како и соработката со централната власт, со цел еднаш и засекогаш да се реши проблемот со собирање и управување со отпадот”, истакна министерот Нуредини.
Швајцарската амбасадорка Вероник Улман истакна дека со реализацијата на овој проект се постигнати видливи резултати како за животната средина, така и во однос на заштита на здравјето на граѓаните.
„Денеска можев да видам дека со швајцарската инвестиција за неколку месеци всушност направивме огромна разлика, по она што го видов за време на претходните посети. Физичката работа, работата на машините, работата на тимот овде навистина направи голема разлика за животната средина, за јавното здравје и секако за луѓето од општините од Полошкиот регион. Сега, како што рече министерот, оваа прва фаза од проектот ќе заврши на крајот на декември, а се надеваме дека втората фаза може да започне доколку Законот за заемот од ЕБОР помине во Собранието. А со тој Закон треба да имаме и грант од швајцарската влада”, рече Улман
По теренската посета на Русино се одржа и работилница на која беа презентирани главните резултати од проектот, преглед кон понатамошниот развој на системот за управување со цврст отпад за Полошкиот регион, како и одржливоста на ЗЈП Русино. Министерот Нуредини истакна дека успешната имплементација на овој регионален систем за управување со отпад ќе послужи како пример и поттик за другите региони во земјата да воспостават ваков систем на управување со отпад како вистинско и најдобро решение, истакнувајќи дека ова е резултат на интензивна работа на Министерството во изминатите години.
„Соодветното, современо и одржливо управување со отпадот беше предизвик за нашата држава долги години. Процесот беше долг, но важно беше да се гради на цврста основа. По 5 години заедничка работа на Министерството за животна средина и просторно планирање со претставниците од 9 општини од Полошкиот регион, претставниците од швајцарската амбасада, локалните и странски консултанти, има сериозен напредок во однос на решавање на прашањето за управување со отпадот. Новите шест закони за отпад се ориентирани кон принципите на циркуларна економија и превенција на отпадот, односно повторна употреба, рециклирање и преработка. Со нив точно ги дефинираме обврските на локалната самоуправа, производителите на отпадот, приватните субјекти и граѓаните, за да добиеме еден функционален систем кој ќе биде имплементиран соодветно и во пракса”, истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини во своето излагање.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање