Министерот за образование и наука Јетон Шаќири одржа работен состанок со претставници на Сојузот на средношколци од Гостивар на која се разговараше за интересите на младите, проблемите со кои се соочуваат во текот на школувањето, подобрување на ученичкиот стандард и образовната инфраструктура.
– Радува фактот, што младите се почесто бараат да се слушне нивниот глас, нивните идеи. Денеска со средношколците од општина Гостивар, дискутиравме за процесот на образованието, нивните интереси. Претставниците изнесоа голем број, предлози и идеи поврзани со реформите во средното образование и дел од нив, веќе се планирани и ќе бидат инкорпорирани во новиот Закон за средно образование, изјави Шаќири.
Апелирам, додаде тој, до сите средношколци во земјава, активно да се вклучат во процесот на реформирање на средното образование и да ги достават нивните идеи и мислења за подобрување на образовниот процес.
– Младите се иднината на нашата земја, и само со нивното активно учество во креирањето на образовните политики, можеме да се надеваме на создавање на образование согласно светските трендови, додаде Шаќири.
Извор: Министерство за образование и наука