На 3ти ноември 2022 година во просториите на Центарот за обука на Секретаријатот за европски прашања се одржа работилница на тема ЕУ/ИПА фондови, наменета за претставниците на локалната самоуправа.
На оваа работилница учество земаа 25 учесници од општините кои се дел од проектот – ПРОГРАМА EУ/СОВЕТ НА ЕВРОПА РОМАКТЕД – втора фаза, во кои активно се работи на политики, мерки, активности и проекти за подобрување на состојбата на ромската популација на нивната територија и создавање услови за подобра инклузија на Ромите.
Целта на работилницата беше да се запознаат присутните со oпштите и стратешките информации за ИПА III, т.е. ЕУ фондовите за Република Северна Македонија, фазите на планирање, програмирање, работата на секторските работни групи под ИПА 2 и ИПА 3, новостите, процесите, преку- граничната соработка, инструментот ТАИЕКС за локална самоуправа, како и другите можности во рамки на кои може локалните самоуправи со своите партнери да аплицираат со конкретни и специфични предлог-проекти.
На работилницата се обратија г-ѓа Лејла Дервишагиќ, претставник на канцеларијата на Советот на Европа, г-ѓа Мабера Камбери од Министерството за труд и социјална политика и Нафи Сарачани од Делегацијата на Европската унија.
Презентациите за ЕУ фондовите и можности за општините ги презентираа, Дана Петреска, Љубица Ѓерасимова, Софче Крстиќ и Елизабета Буова од Секретаријатот за европски прашања.