Обезбедуваме ликвидност на компаниите, ги враќаме парите кај граѓаните и во услови на криза

ВладаОбезбедуваме ликвидност на компаниите, ги враќаме парите кај граѓаните и во услови...

Најчитано

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски заедно со заменик-претседателот на Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска го посети производствениот погон на фабриката за полиетиленски и полипропиленски цевки и црева, Конти Хидропласт во Општина Гевгелија.

За време на посетата премиерот Ковачевски разговараше со менаџерскиот тим и вработените во компанијата, во врска со успешните владини антикризни мерки за стопанството и можностите за нивно искористување.

Во продолжение е целата изјава на премиерот Ковачевски.

„Огромна е честа и задоволство што денеска овде во Гевгелија имав можност да ја посетам една од најреномираните фабрики за производство на полиетиленски и полипропиленски цевки и црева, не само во земјава, туку и пошироко. Компанијата Конти Хидропласт во својата речиси 50 годишна традиција на постоење, од примарно мало производство, до денеска се развила во модерна фабрика лидер, извозно ориентирана со 95% производство што завршува на странските пазари.

Како што бев информиран од страна на менаџерскиот тим на оваа компанија, нивната главна мисија е да ги следат и да ги имплементираат најновите производствени технологии и стандарди со кои ја збогатуваат понудата на квалитетни производи, но и креираат општествено одговорни политики во делот на заштитата на животната средина и заштитата на здравјето на вработените.

Посакувам и останатите компании во земјава да го следат овој позитивен пример и константно да реинвестираат во иновативни технологии, бидејќи само на овој начин можеме сите заеднички да придонесеме кон генерален технолошки напредок.

Во остварувањето на овие цели компаниите не се оставени сами. Стопанството добива силна поддршка од државата затоа што крајната цел на сите нас е да имаме економски развиена земја, со добро платени и задоволни работници, но и препознатливи производи не само на домашниот, туку и на странските пазари.

Фабриката Конти Хидропласт во 2019 година доби помош од државата за инвестиции, во висина од над 122 милиони денари а реализирале двојно повеќе за три години, односно инвестирале 529 милиони денари. Оваа инвестиција е со петгодишен договор и се реализира според Законот за финансиска поддршка за компаниите.

На овој начин градиме систем кој ги поттикнува успешните компании, кои придонесуваат во сопствениот развој, вработуваа кадри и вложуваат во човечкиот капитал, поттикнувајќи го истовремено и развојот на државата.

Свесен сум дека економската и енергетската криза направија невидени потреси на европскиот континент, но со навремени одлуки и донесени таргетирани антикризни мерки, засега успешно ја менаџираме оваа кризна состојба. Како што ветив, така и донесовме политики во интерес и на граѓаните и на компаниите.

Како Влада ги поддржуваме малите и средни претпријатија, а со директна државна финансиска помош и со низата мерки, истото го правиме и за граѓаните. Дури и во услови на историски најголемата криза обезбедуваме добро платени работни места, создадовме услови за нови инвестиции, ги враќаме парите кај граѓаните и обезбедуваме ликвидност на компаниите кога е најмногу потребно, но и електрична енергија по поевтина цена за производителите на основните прехранбени производи.

Поевтина струја од 80 евра мегават/час обезбедуваме за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи.

А денес, сега, во услови на економско-енергетска криза, даваме сè од себе за никој да не остане сам да се справува со кризата. Само во 2022 година, два пакета антикризни мерки донесовме во вкупна вредност од над 760 милиони евра. Пакети кои според Светската банка е најголемиот пакет за поддршка во регионот наменет за граѓаните за поддршка за справување со енергетската криза.

Поевтина струја е обезбедена и за јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води. Тие ќе плаќаат цена од 95 евра за мегават час.

Низ цела држава основните и средните јавни училишта ќе добијат поевтина електрична енергија по цена од 95 евра по мегават/час.

Истовремено со 80 проценти ја субвенционираме струјата за домаќинствата и за малите потрошувачи, а во буџетот континуирано обезбедуваме и средства за зголемувањето на минималната и просечната плата и пензиите како и за грижа за најранливите категории граѓани.

Секојдневно го кажувам и овде во Гевгелија ќе повторам. Владата е силно фокусирана граѓаните да имаат достапна храна, да имаат струја и компаниите да можат непречено да работат, во една од најтешките зими пред нас.

Продолжуваме со грижата за секого. Со започнатиот европски пат кој не води до полноправно членство во ЕУ и со политики кои обезбедуваат стабилност и прогрес, но и подобра иднина за сегашните и идните генерации.

Посакувам уште многу успеси во развојот на компанијата Конти Хидропласт и во нивното освојување на нови пазари, што посебно ме прави горд и среќен, бидејќи компаниите со квалитетни производи, произведени во нашите фабрики а извезени во странство се најдобриот меѓународен промотор на држава“.

 

 

Извор: Влада

spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
https://form.jotform.com/222403480783353spot_img

Последни објави

spot_img
spot_img

Читај повеќе