spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЗШВ: Напредуваме, заедно со земјоделците сè поблиску до европско земјоделство

МЗШВ: Напредуваме, заедно со земјоделците сè поблиску до европско земјоделство

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска учествуваше на панел дискусијата во организација на Секретаријатот за европски прашања, посветена на годишниот извештај на Европската комисија за Кластер 5 „Ресурси, земјоделство и кохезија“.

„Драго ми е што можам јавно да кажам дека секторот земјоделство е позитивно оценет, со нотиран напредок во повеќе области. Тоа е показател дека сме направиле чекор напред, дека работите во нашата земја се движат во добра насока за што поскоро да станеме дел од Европската унија“ кажа министерот Николовски, на почетокот од своето обраќање пред присутните панелисти , директорот на АХВ Николче Бабовски, директорот на АФПЗРР Никица Бачовски и претставниците на граѓанските организации и медиуми.

Кластерот 5 „Ресурси, земјоделство и кохезија“, е најобемен од сите други кластери, имајки предвид дека во него се: Поглавје 11 – Земјоделство и рурален развој; Поглавје 12 –Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика; Поглавје 13 – Рибарство; Поглавје 22 – Регионална политика и координација на структурни инструменти и Поглавје 33 – Финансиски и буџетски одредби каде припаѓа скоро 47% од целокупната регулатива за сите кластери.

Согласно извештајот, од Европската комисија, Република Северна Македонија е на добро ниво на подготвеност за влез во Европската Унија, во областа на земјоделството и руралниот развој, како и во областа на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосантарната политика.

Повторно најголемиот успех е нотиран во реализацијата на ИПАРД 2 програмата. Позитивно се оценети и сите елементи на Интегрираниот административен и контролен систем (ИАКС) кои се воспоставени и усогласени со правото на ЕУ. Нотиран е и напредок кај директните плаќања по површина, кои се утврдени согласно податоците од ЕРЗС (Фарм регистерот) и Системот за идентификација на земјишните парцели (ЛПИС). Постигнат е напредок во подобрувањето на квалитетот на податоците во ЕРЗС и ЛПИС, нотиран е позитивен извештај и во делот на активности кои се отпочнати и кои треба да се продолжат. Позитивно е нотиран и извештајот во делот на органско земјоделско производство и напредокот при контролите за имплементација на стандардите за вкрстена сообразност, што во пракса значи дека земјоделците сè повеќе применуваат добра земјоделска пракса и имаат одговорен пристап, што е најмногу во корист на самите земјоделци, бидејќи така се обезбедуваат услови за земјоделско производство и во иднина.

„Сето ова значи дека ние, заедно со земјоделците се менуваме и напредуваме. Значи, ако се има стратегија и јасна цел, со поддршката од Европската Унија, ние храбро чекориме по патот на промените кои ќе донесат подобрување во секој сегмент. Ние сме земја која ги реши сите отворени прашања, пример за пријателство, соработка и взаемна помош и поддршка. Пример за обезбеден брз проток на производи, договори за соработка и обезбеденост со храна, заедничка промоција и отворање нови пазари. Всушност светската криза со храна не направи посилни, похрабри, пообединети“ потенцираше Николовски.

Во своето обраќање министерот Николовски се заблагодари и на поддршката која ја добиваме преку инструментот за претпристапна помош ИПА, преку кој мнинистерството реализира многу проекти за капитални водостопански инвестивии, брани, мали модерни системи за наводнување, консолидација на земјиште и многу други, од кои најголем бенефит имаат малите производители и младите земјоделци.

„Според нотираните подобрувања во извештајот на Европската Комисија, ние сме сè поблиску до модерно, стабилно, одржливо, силно, конкуретно, еколошко, обновливо, квалитетно и инклузивно земјоделско производство, односно сè она што претставува европско земјоделско производство со кое и ние се усогласуваме во рамки на Заедничката земјоделска политика и руралниот развој“ рече Николовски.

Во завршното обраќање министерот Николовски потенцираше дека Северна Македонија, нема друга алтерантива освен овааа прогресивна визија и обединување на сите, заедно, секој од нас да придонесе и да одработи чесно и посветено во следните години за брзо завршување на преговорите.

Тој ја упати клучната порака со фокус на младите„Ние како генерација да направиме сè во 2030 да станеме членка на унијата. Со тоа, заедно да ја обезбедиме иднината на младите, да оставиме функционален и подобрен систем, каде секој млад човек има еднакви шанси, услови за квалитетен живот во општеството каде нема привилегирани, нема неказнивост. Каде законите еднакво важат за секого и каде се ќе зависи од квалитетот и стручноста. Само така ќе го запреме иселувањето и ќе ги задржиме младите тука и дома. Само така, сите ние ќе имаме иднина за почит и ќе оставиме наследство со кое некој идни генерации ќе се гордеат и ќе ги уживаат сите придобивки од она што ние го правиме денес“.

Денешната панел дискусија за Кластер 5 „Ресурси, земјоделство и кохезија“ е во органзиација на Секретаријатот за европски прашања со поддршка преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“ кој го спроведува Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги УНОПС, под слоганот: „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!“

 

 

 

 

 

Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство 

Прочитајте

МЗ: Демири и Манолева – Здравствениот дом Охрид со реновирана Служба...

0
Министерот за здравство д-р Илир Демири и заменик министерката д-р Маја Манолева, денеска се во работна посета на Охрид, каде што ги посетуваат Здравствениот...