Денеска во просториите на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во организација на италијанската амбасада се одржа семинар на тема „Воведување на ознаки за гоеграфско потелко – Италијанско искуство, добри пракси, студија на сличаи“. Свое обраќање на семинарот имаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и амбасадорот на Република Италија, Андреа Силвестри.
Министерот Николовски во своето обраќање изрази благодарност до Амбасадата на Република Италија, за иницијативата и организацијата на семинарот на многу значајна тема за нашата држава, односно за заштита на автентичноста на производите, нивното географско потекло и квалитет, како обележје на традициите пренесувани од генерација на генерација.
„ Во Република Северна Македонија постојат подрачја и региони кои се познати по своите специфични земјоделски и прехранбени производи, квалитетно вино и традиционални јадења и специјалитети, за кои се користат автентични суровини од растително или животинско потекло, или пак имаат специфичен начин на производство, единствен рецепт за подготовка, што ги прави уникатни и препознатливи на домашниот и на странскиот пазар. Заштитата на географското потекло на традиционалните производи е многу значајна, затоа што се зголемува нивната вредност, а со тоа се придонесува и кон одржлив земјоделски и социо-економски раст и задржување на младите во руралните средини“, истакна во своето обраќање министерот Николовски.
Абасадорот на Република Италија, Андреа Силвестри во своето обраќање ја нагласи добрата соработка помеѓу двете држави, потенцирајќи ја поддршката на Република Италија кон Република Северна Македонија во реализирање на значајните реформи и процесот на преговори за пристапување на нашата земја кон Европската Унија.
Своја презентација на семинарот имаа италијанските експарти во областа на ознаки за гоеграфско потелко, Емилио Гато, генерален директор при Генералниот директорат за спречување и борба против измами во земјоделството и Мауро Росати, директор на фондацијата за валоризирање на прехранбени производи и вина со заштитено потекло, кои своето искуство го споделија со претставниците на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Разменувајќи искуства за законските прописи и процедури, за заштита на географското потекло и традиционалниот карактер на производите.
Република Северна Македонија следејќи ја Политиката за квалитет на Европската Унија, со цел да ги заштити своите традиционални производи од нивно исчезнување, од неодамна воспостави национална законска рамка које е во согласност со европските регулативи. Преку Законот за квалитет на земјоделските производи, производите со географски или традиционален карактер се заштитуваат од злоупотреба и од нивна имитација, и истовремено на потрошувачите им се гарантира автентичноста и квалитетот на производите.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сериозно вложува во руралниот развој и руралниот туризам. Преку мерките за техничка поддршка за маркетинг на земјоделски производи и нивни преработки, трошоци за изработка на елаборати за регистрација и заштита на називот на производите со географска ознака за потекло, и ознака за гарантиран традиционален специјалитет, овозможуваме на земјоделците зголемена промоција и потрошувачка на производите со традиционален и географски карактер.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство