Република Северна Македонија ја добива првата транша во износ од 110 милиони евра од вкупно одобрените од Меѓународниот монетарен фонд преку Инструментот за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ). Средствата стануваат достапни откако Одборот на директори на ММФ ја одобри двегодишната програма на РС Македонија во рамки на Инструментот за претпазливост и ликвидност.
„Политиките што ги спроведуваме овозможија пристап на земјата до овој Инструмент, што овозможува обезбедување средства по многу поповолни услови од она што е актуелно на финансиските пазари. Тоа значи обезбедени се средствата за политиките планирани со ребалансот на Буџетот до крајот на оваа година, средства за справување со шокот што доаѓа однадвор, средства за поддршка на граѓаните и компаниите, а пред сè за стабилизирање на снабдувањето со храна и енергенси“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Според него ова е потврда од Меѓународниот монетарен фонд за здравите и одржливи политики што ги носи Владата во изминатиот период во кој се соочуваме со криза, но и за политиките што се планирани во наредниот период, а се насочени кон забрзување на економскиот раст на среден рок.
Инаку, со донесената одлука од страна на Одборот на директори на ММФ, РС Македонија добива пристап до вкупно 530 милиони евра. Од нив, 110 милиони евра ќе бидат повлечени веднаш и ќе се користат до крајот на оваа календарска година, а следната транша од 155 милиони евра ќе се користи во текот на 2023 година. Останатиот дел се обезбедуваат само како превентива и резерва на земјата.
Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ е наменет за земјите членки на оваа меѓународна финансиска институција, коишто имаат докажани здрави економски основи и спроведуваат одржливи политики. Инструментот е воведен во 2011 година.
Извор: Министерство за финансии