Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на регионалната конференција насловена: „Трансформативно финансирање како забрзувач за родова еднаквост: црпење на искуства од родово одговорно буџетирање и научени лекции“, организирана од регионалната канцеларија на UN Women, која се одржува денеска и утре во Истанбул, Република Турција.
Министерката Тренчевска се обрати на панел дискусијата насловена: „Лидерството и перспективите на креаторите на политиката за Родово одговорно буџетирање“, заедно со министри од Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.
На панелот, организиран како министерски панел на високо ниво, беа презентирани прегледи за родово одговорно буџетирање со фокус на процесите и клучните достигнувања во неговата имплементација, како и следните чекори за понатамошно унапредување на институционализацијата на родово одговорно буџетирање.
Министерката Тренчевска информираше дека родово одговорните буџетски иницијативи во Република Северна Македонија се спроведуваат од 2009 година од страна на Министерството за труд и социјална политика. Како и дека Секторот за еднакви можности кој се наоѓа во рамките на министерството е одговорен за имплементација на родовото одговорно буџетирање и за координација на активностите на останатите министерства и едниците на локална самоуправа во однос на спроведување на родово буџетски иницијативи.
„До денес, родово одговорното буџетирање е пилотирано во 14 ресорни министерства и 3 државни агенции со континуирано стручно менторство обезбедено од UN Women. Според методологијата, ресорните министерства и државните институции се обврзани да спроведат основна родова анализа на одредена секторска програма и да развијат родови аутпут индикатори, како и да продолжат да следат напредок во спроведувањето на избраните програми и нивното влијание. Наша цел е системско решавање на прашањата преку воспоставување на систем кој ќе функционира,“рече Тренчевска.
Таа истакна дека Министерството за труд и социјална политика во соработка со канцеларијата на UN Women во Скопје во март оваа година воспостави Ресурсен Центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање, кој е дел од предвидениот план и програма за работа на Министерството за труд и социјална политика а во согласност со Програмата за работа на Владата.
„Ресурсниот Центар обезбедува експертска поддршка, добри практики, истражување, ресурси, и обуки за градење на капацитетите на јавните службеници во Република Северна Македонија во областа на родово одговорното буџетирање. Тој е прв ваков центар отворен во регионот, и има за цел да прерасне во регионален центар на знаење во иднина,“ рече Тренчевска.
Ресурсниот центар обезбедува обуки и менторство за унапредување на капацитетите на државните службеници во областа на родовата еднаквост и родово одговорното буџетирање. Од воспоставувањето на Ресурсниот центар до денес се спроведени 28 обуки на 9 различни теми, на кои беа обучени вкупно 364 лица.
Министерката се осврна и на носењето на Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 која е основниот стратешки документ со кој се воспоставува сеопфатна рамка за понатамошни активности во насока на унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените.
Министерката ја потенцираше одлучноста на државата за заштита на жените од насилство и родово-базирано насилство која доведе да бидеме меѓу првите земји што ја потпишаа Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвеција). А за целосна имплементација на Конвенцијата беше донесен Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство во 2021 година.
„Зајакнувањето на системот, поддршката на жените во процесот на инклузија на пазарот на труд, борбата со семејното и родово-базиранано насилство, се алатки со кои се зајакнува целото општество. Со секоја наша акција ние инвестираме во идните генерации, инвестираме во децата кои ќе раснат во духот на еднаквоста и недискриминацијата, инвестираме во искоренување на трансгенерациското насилство, инвестираме во цврстиот темел на државата ,“ порача Тренчевска.
Извор: Влада