Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница го разгледа и усвои Предлог на законот за ратификација на Договорот за соработка во областа на механизмите за безбедност со храна во Западен Балкан предложен од Министерството за надворешни работи.
Со овој Договор, членките на иницијативата „Отворен Балкан” ја потврдуваат неопходноста од соработка за спречување и ублажување на потенцијалниот недостиг од основни земјоделско-прехранбени производи, предизвикан од потенцијална кризна ситуација во регионот или криза која влијае на глобалниот пазар и се одразува на регионот и воедно се согласни дека нема да има забрани за тргување со основни земјоделско, прехранбени производи мeѓу членките на иницијативата „Отворен Балкан”.
На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата ја разгледа и усвои и Информацијата во врска со потребата од потпишување Аранжман за спроведување на Заеднички акциски план за борба против тероризам во Западен Балкан помеѓу Европската комисија и властите во Република Северна Македонија.
Соочени со голем број на кризи, закани за мирот, стабилноста и безбедноста, а особено со закана од тероризам и насилен екстремизам, државите се обединуваат околу потребата од јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот, како и развој и унапредување на меѓународната соработка која е обединета во меѓународната коалиција за борба против тероризам. Од друга страна, исполнувањето на меѓународните стандарди за анализа и размена на безбедносните информации овозможуваат појасна слика за вистинските закани, но придонесуваат и за поголема подготвеност на надлежните институции за борба против тероризмот и насилниот екстремизам.
На оваа седница Владата на предлог на Министерството за образование и наука ја разгледа и усвои Информација за спроведување повеќегодишна јавна набавка за изведување на градежни работи за реконструкција на објектот на ООУ „Браќа Миладиновци“ и на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ – Општина Куманово, како и услуги за вршење на стручно-технички надзор врз реконструкција.
Притоа беше задолжено Министерството за образование и наука да ја спроведе постапката за проектот кој предвидува замена на стар и дотраен кровен покривач со енергетски ефикасен покрив. Предвидена е и внатрешна замена на стари и дотраени материјали.
Извор: Влада