Технологијата ќе има една од водечките улоги во новата реглобализирана економија, давајќи придонес во сите системи, од трговијата и инвестициите, подобрувањето на иновативноста и отпорноста на приватниот сектор, работната сила, до справувањето со климатските промени и енергетската транзиција.
Процените се дека околу 70% од новата вредност создадена во глобалната економија ќе дојде од дигиталната технологија, пишува во својата најнова колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Технологијата е од исклучително значење за намалување на трошоците при тргување и зголемување на трговијата на услуги.
„Живееме во време кога технологиите ја менуваат физичката трговија побрзо од кога било, како вештачката интелигенција, DLT, 3D печатењето, паметните сензори итн., носат поголема еластичност на синџирот на снабдување, прекугранично тргување, подобро управување со ризикот и ублажување на финансискиот криминал. Во оваа насока потребна е поголема соработка за спроведување на процесите на дигитален идентитет, подобрување на оперативноста на системот и регулаторната средина“, посочува министерот.
Осврнувајќи се на инвестициите, тој посочува нови алатки за поттикнување на странските директни инвестиции, како креирањето датабази на добавувачи и одржливи инвеститори.
Во однос на справувањето со климатските промени и енергетската транзиција, Бесими повторно ја споменува улогата на новите технологии во овие процеси.
„Енергетската трансформација е тесно поврзана со климатските промени, што најмногу дојде до израз во текот на изминатиот период. Мерките за енергетска транзиција се однесуваат на иновативните технологии и зголемување на енергетската ефикасност, како и одвојување на економскиот раст од потрошувачката на енергија, особено кај земјите во развој. Зелената технологија е во подем, и во изминатата декада, благодарение на постојаните подобрувања, соларната и енергијата од ветер стануваа сè поевтини. Според некои пресметки, до 2050 година, со транзицијата од фосилни горива кон соларна и ветерна енергија глобално ќе се заштедат 12 трилиони американски долари“, пишува министерот.
Понатаму тој додава дека новите технологии се оние што можат да придонесат за поголема продуктивност и одржливост во земјоделството. Тие можат да помогнат во тестирањето на квалитетот на почвата, на сеидбата, во следење на здравјето на културите, процена на обработливоста на почвата, како и за поврзување со нови добавувачи и откупувачи.
„Дигиталните платформи за земјоделски производи, како што е Фарм Пас, им помагаат на милиони земјоделци во руралните области да добијат фер цени, но и финансии за да го прошират својот бизнис“, посочува министерот.
Во колумната се наведува дека токму иновативноста и приспособливоста во следниот период ќе бидат оние што ќе ја осигурат одржливоста на бизнисот. Новите технологии, како што е вештачката интелигенција, ќе да дадат значителен придонес во многу сектори, на пример во производството, земјоделството, фармацијата, здравствените услуги и грижа итн. Поттикнувањето и поддршката на директните инвестиции во областа на дигитализацијата, како во е-трговија и финтек, може да биде значаен поттик за економијата во насока на отворање нови работни места, особено во пост-ковид периодот.
Извор: Министерство за финансии